Министерот Шојгу најавува сериозно опремување на оклопно-механизираните единици на руската армија

Слободан Ѓукиќ
Руските оклопо-механизирани единици до крајот на годината ќе добијат повеќе од 400 примероци нова и модернизирана борбена техника, вклучувајќи ги и новите основни борбени тенкови Т-90М „Пробој-3“.

„Во тековната година оклопно-механизираните единици на руската армија ќе добијат повеќе од 400 нови и модернизирани примероци оклопна борбена техника. Меѓу нив се и тенковите Т-72Б3M опремени со домашни системи за управување со огнот, потоа тенковите Т-90M „Пробој-3“, Т-80БВМ и борбените возила на пешадијата БМП-1АМ“, изјави рускиот министер, пренесува интернет-порталот „Интерфакс“.

„Освен тоа, компанијата „Уралвагонзавод“ работи на развој на новото борбено возило на пешадијата Т-15, направено на база на платформата „Армата“, а која ќе биде опремена со борбена купола „Кинжал“ со топ со калибар 57 мм. Експерименталниот модел на ова возило ќе биде претставен на Меѓународниот воено-технички форум што се одржува во јуни (се работи за манифестацијата „Армија-2019. Заб. на уред.)“, нагласува министерот за одбрана на РФ.

Како што соопштува интернет-порталот „Интерфакс“, тенкот Т-90М е развиен во рамките на опитно-конструкторскиот проект „Пробој-3“. Овој тенк претставува длабока модернизација на основниот борбен тенк Т-90 кај кој се зголемени борбените и експлоатациските карактеристики. Неодамна претставници на компанијата „Уралвагонзавод“ изјавија дека овие тенкови во нивната опрема ќе имаат и клима-уреди.

Кај тенкот T-90M е применета нова борбена купола опремена со тенковски топ со калибар 125 мм, кој се карактеризира со поголема прецизност и експлоатациска жилавост. Покрај тоа, тенкот е опремен со тежок митралез со калибар 12,7 милиметри со кој се управува преку далечински управувана борбена станица која се наоѓа во внатрешноста на тенкот. Кај модернизираниот тенк исто така е присутен и високоавтоматизиран компјутерски систем за управување со огнот кој обезбедува пребарување, препознавање, автоматско следење и уништување на цели.

Овој тенк беше претставен на минатогодишниот саем на оружје и воена техника „Армија-2018“ што се одржува на подмосковскиот полигон „Патриот“ на Министерството за одбрана на РФ.

Прочитајте повеќе: Четири факти за новиот руски тенк Т-90М „Пробој-3“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња