Првиот контингент „набилдани“ тенкови Т-72Б3М деновиве почна да им се испорачува на оклопно-механизираните единици на руската армија. Тоа е првата етапа на масовната модернизација на советските тенкови од 80-те години на минатиот век кои веќе со децении ги чуваат границите на Руската Федерација.
Пакетот модернизација на овие тенкови вклучува: повеќеканален нишан „Сосна-У“ со дополнителна термовизиска камера од втора генерација кој има способност за автоматско следење на детектираните цели во сите временски услови. Овој комплекс е способен да открие и следи тешко забележливи цели во услови како длабока ноќ или силен дожд проследен со грмежи. Нишанџијата е само должен да ја „заклучи“ откриената цел со притискање на копчето, по што комплексот ги презема операциите за самостојно пресметување на сите параметри кои се важни за прецизен истрел. Тука се наоѓа и модернизираниот тенковски топ 2А46М-5 со калибар 125 мм со подобрена балистика кој обезбедува извонредни ефекти на дејството по забележаната цел.
Сепак може да се констатира дека најголемите подобрувања се видливи на оклопната заштита на тенкот. Старите типови на динамична заштита кои беа поставувани на советските тенкови не можеа да пружат ефикасна заштита од современите противтенковски ракети.
Што се однесува до последната модернизација од стандардот Т-72Б3 на стандардот Т-72Б3М, овој основен борбен тенк доби уште неколку предности кога е во прашање зголемувањето на степенот на неговата оклопна заштита. Така на неговите бокови, куполата и телото на тенкот е применета динамичната оклопна заштита „Реликт“ која е со сличен квалитет како на тенковите Т-14 „Армата“ (се мисли на динамичниот систем за оклопна заштита на тенкот од новата генерација „Малахит“ – заб. на прев.). Со овие технички зафати „кожата“ на советското чудовиште стана далеку поцврста и поотпорна на новите видови противоклопно оружје.
Покрај тоа, руските конструктори интегрираа нов дизел-мотор кој е цели 200 коњски сили посилен од својот претходник. Модернизираниот стандард Т-72Б3М поседува погонски мотор од 1130 коњски сили кој ја движи машината тешка 46 тони. Односот на силата и тежината му обезбедува на овој тенк надвор од уредени комуникации да развие брзина и до 60 км/час.
Инженерите ги подобрија и карактеристиките на инаку мошне квалитетниот нишан „Сосна-У“. Сега командирот на тенкот ќе гледа сѐ што се случува пред него со помош на дигиталната електроника која ќе биде во неговиот состав.
Огнената моќ на тенкот е исто така подобрена благодарение на усвојувањето на поткалибарниот кинетички проектил со зголемена пробојност.
Меѓутоа, како сите овие подобрувања ќе делуваат во пракса допрва ни останува да видиме. Сигурно нема да помине многу време кога ќе ја видиме најновата модификација на тенкот Т-72Б3М во реални борбени услови во сириската пустина.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче