Како убиството на пријателот на Сталин послужило како повод за почеток на Големиот терор во СССР

Public domain
Јосиф Сталин лично ја презел контролата над истрагата за убиството на Сергеј Киров. И воедно им сугерирал на иследниците кои се главните виновници за ова злосторство.

Убиството кое беше извршено на 1 декември 1934 година во Ленинград (денешен Санкт Петербург) го потресе целиот Советски Сојуз. Убиен беше Сергеј Киров, близок соборец и пријател на Сталин, прв секретар на Ленинградскиот обласен комитет и на градскиот комитет на партијата (тој фактички раководеше со градот).

Јосиф Сталин и Андреј Жданов покрај ковчегот на Сергеј Киров.

Ова злосторство беше еден од главните поводи за големите политички репресии во СССР за кои често се користи терминот Големиот терор. Сѐ уште, меѓутоа, не е познато дали убиството го има извршено осамениот одмазник од лични побуди или тоа било испланирано од највисоките ешалони на советските власти.

Злосторство со далекусежни последици

Зградата на поранешниот Смољни Институт за девојки-благороднички, 1809-1808. Архитект Џакомо Кваренги.

Триесетгодишниот Леонид Николаев го чекал Киров пред да се стемни во 16 часот и 30 минути во близина на личниот кабинет на Киров во Смољни, кадешто се наоѓаше седиштето на градското раководство. Го убил со еден куршум во тилот, а потоа се обидел да изврши самоубиство, но во тоа го спречиле сведоци на злосторството.

Лидерите на партијата и на советската држава Анастас Микојан, Сергеј Киров и Јосиф Стаљин (одлева надесно).

Излегло дека убиецот бил член на партијата и дека порано и самиот бил во државната служба, но бил отпуштен зашто бил склон кон непрекинато предизвикување конфликти. Потоа не нашол друга работа, па долго време пишувал жалби и молби до раководството (меѓу другото и до Киров), но сѐ било залудно.

Не постои сомнеж дека Леонид Николаев бил навреден, но мотивот за убиството можел да биде и љубомора. Имено, истрагата востановила дека тој се сомневал во интимна врска на својата сопруга Милда Драуле со Киров. Таа исто така работела во Смољни.

Драуле и Николаев

Уште на 15 октомври обезбедувањето на првиот секретар го проверувало Николаев кога се појавил во близина на зградата на Киров и со себе имал оружје. Бил пуштен зашто имал дозвола за револвер и партиска книшка. Оваа книшка му помогнала на несреќниот 1 декември незабележано да влезе во обласниот комитет на партијата.

Лично досие

Веќе на 2 декември утрото во Ленинград од Москва стаса возот со членовите на советскиот државен врв. „Не сте го чувале!“, луто ѝ рекол Јосиф Сталин на делегацијата што го пречекала на перонот. Во тој момент тој бил секретар на Централниот комитет на Сесојузната комунистичка партија на болшевиците СКП(б), но веќе фактички ја имал сета власт во своите раце.

Сталин со ќерка си и со Сергеј Киров.

„Сергеј Миронович Киров одамна беше голем пријател на нашето семејство...“, има напишано подоцна ќерката на „таткото на народите“ Светлана Алилуева: „Киров и тато одеа да летуваат во Сочи, па ме носеа и мене. Од тој период останаа еден куп лични фотографии, без позирање... Киров му беше поблизок на татко ми одошто сите од фамилијата Сваниѕе, одошто сите роднини, одошто Реденс и многумина други соработници. Киров му беше близок, и му беше потребен“.

Јосиф Сталин со соработниците на погребот на Сергеј Киров.

Сталин лично ја презеде контролата над истрагата за убиството на Киров, внимателно го следеше текот на истрагата и самиот ги сослушуваше сведоците. Потоа изнесе верзија дека зад убиството на Киров стои група опозиционери на чело со Григориј Зиновјев, негов партиски ривал. Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД) веднаш ја прифати верзијата на водачот.

Пресметка

Сталин и Киров одат на заседание на 16 конгрес на Сесојузната комунистичка партија на болшевиците.

Весникот „Правда“ на 5 декември на насловната страница го објави следново: „Гнасните, подмолни агенти на класниот непријател, подлите изроди на поранешната антипартиска група на Зиновјев, го оттгрнаа другарот Киров од нашите редови“.

Веќе на 29 декември стрелан е Николаев, а набргу потоа е стрелана и Милда Драуле која беше прогласена за негова соучеснична. На смрт беа осудени уште десетина луѓе, вклучувајќи го и Зиновјев и неговиот истомисленик и соборец Лев Каменев. Подоцна беа репресирани 800 нивни приврзаници. И никој од нив немаше врска со убиството на Сергеј Киров.

Григориј Евсеевич Зиновјев

„Поради негрижливиот однос кон своите обврски“ неколку стотини припадници на локалната Управа на НКВД и на Ленинградскиот областен комитет и на градскиот комитет се префрлени на друга работа, се отпуштени или уапсени. Меѓу нив се најдоа сите оние кои на еден или на друг начин беа сведоци на трагичниот настан во Смољни. Покрај тоа, телхоранителот на Киров кој тој кобен ден го следел својот шеф на работа, на мистериозен начин загина во сообраќајна несреќа на самиот почеток на истрагата.

Замавот на репресиите

Сергеј Миронович Киров (1886-1934).

Раководителот на СССР Никита Хрушчов во 1934 година беше прв секретар на Московскиот градски комитет на Сесојузната комунистичка партија на болшевиците. Тој подоцна тврдеше дека токму Јосиф Сталин стоел зад организацијата на убиството: „Киров беше жртвуван за да се искористи неговата смрт, за да се затресе земјата и да се пресмета со луѓето што не му одговараа на Сталин, со старите болшевици, обвинети дека тие кренале рака на Киров“.

„Секако Сталин лично не му ја доделил задачата на Николаев“, велеше Хрушчов: „Николаев беше премногу мал за такво нешто. Но јас воопшто не се сомневам дека некој го подготвувал по наредба на Сталин... Николаев веројатно се надевал дека ќе му биде укажана некаква милост, меѓутоа беше премногу наивно да се очекува такво нешто. Тој Николаев не беше толку важна личност. Тој ја извршил задачата и си мислел дека ќе му биде подарен живот. Обичен глупак. Токму по извршувањето на таквата задача беше потребно да се ликвидира извршителот за да се зачува тајната. И Николаев беше ликвидиран“.

Сепак, имаше и такви што ја отфрлаа ваквата верзија. „Не постојат документи и сведоштва со кои се потврдува дека Сталин или апаратот на НКВД се вмешани во убиството на Киров“, пишува Павел Судоплатов, еден од раководителите на советските специјални служби: „Јас сум убеден дека убиството на Киров е извршено поради лична одмазда“.

Прашањето во која мера „таткото на народите“ бил поврзан со смртта на Киров и денес е отворено. Во секој случај, советскиит лидер вешто го искористи овој инцидент за да ги уништи своите политички непријатели и да ја зацврсти својата власт.

По ова злосторство органите на НКВД добија право во забрзана процедура да спроведуваат истрага против лицата обвинети за „терористички напад“, без адвокат и молба за помилување. Смртните пресуди оттогаш се извршуваа веднаш по нивното изрекување. Замавот на репресијата започна да се забрзува и беше запрен дури по смртта на Сталина.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња