Четири факти за новиот руски тенк Т-90М „Пробој-3“

Виталиј В. Кузмин
Т-90 е повторно роден, во ново руво и со нова содржина. Кои тајни за своето најново чедо ги обелодени производителот?

Корпорацијата „Уралвагинзавод“ (монополист на рускиот пазар за тенкови) ја претстави новата верзија на советскиот, односно руски тенк, под називот Т-90М „Пробој-3“ (рус. „Прорыв“), кон средината на февруари.

Станува збор за длабинска модернизација на ова борбено возило кое е продадено во над 2.000 примероци ширум Русија и светот. Корпорацијата себеси си постави задача основната верзија на тенкот од крајот на 20 век да ја подигне на ниво на најновите современи тенкови и тоа без дополнителни трошоци за правење нов тенк „од нула“.

Наведуваме неколку од основните факти за новиот тенк Т-90М „Пробој-3“

1. Оружје од „Армата“

Верзијата Т-90М „Пробој-3“ користи купола со топ 2А82-1М од тенкот Т-14 „Армата“. На неа е и големокалибарскиот митралез Корд-МТ со калибар од 12.7 милиметри на далечинско управување, наменет за уништување на противничката жива сила и лесно оклопни возила.

Благодарение на модерната технологија, конструкторите успеаја да ја зголемат прецизноста на дејствувањето на топот за 25 до 30 отсто, а зголемен е и рокот на траење на цевката на тенкот, па сега изнесува 900 куршуми.

2А82-1М

2. Нова муниција, специјално за Т-90М „Пробој-3“

Покрај стандардната муниција, Т-90М користи и три нови типа проектили дизајнирани специјално за него.

Прва е противоклопната муниција од типот „Вакуум-1“ со пенетратор од осиромашен ураниум. Според производителот, проектилот во текот на летот развива брзина од 1.980 метри во секунда и е во состојба да пробие цел метар оклопен тенк.

Втората е распрскувачка граната од типот „Тељник“ со способност за далечинско активирање од страна на екипажот на тенкот.

Третиот проектил е наведувачка реактивна ракета „Спринтер“, чија патека може да се коригира во текот на летот.

3. Модерен оклоп

Телото на тенкот Т-90М е покриено со современ сет модуларен динамички оклоп „Реликт“ кој има задача дополнително да го зајакне основниот оклоп на тенкот од удар од современи противтенковски проектили од различен тип. Кон дното на куполата и од задната страна се поставени решеткасти заштитни екрани, а кабината е заштитена со противрикошетна преслека.

Според производителот, оклопот на тенкот е направен така што во целост го штити возилото и посадата од погодоци од гранати од која било страна.

Притоа овој тенк има драстично намален радарски одраз во споредба со основниот модел. Едноставно речено, возилото нема одраз на терминалните нишани на тенковите од 21 век.

4. Ново „срце“

Една од главните задачи на конструкторите на тенкот за време на модернизацијата беше зголемената мобилност на возилото на боиштето. Така Т-90М доби нов дизел-мотор од 1.130 коњски сили, како и автоматска трансмисија. Со сево ова новото возило од 50 тони е во состојба да ита низ груб терен со брзина од 70 километри на час, а екипажот да ужива во возењето, користејќи само волан, наместо бројни рачки.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња