Уништува тенкови и пешадија, ја надгледува границата
Главната задача на хеликоптерот Ми-28 е борба против непријателски тенкови и живата сила на противникот. Се работи за повеќенаменски хеликоптер. Може да се употребува за дејство по копнени цели, но и да извршува задачи за класично извидување и борбено патролирање, пренесува телевизија „Ѕвезда“.
Ракети кои „дупчат“ сѐ, а не промашуваат ништо
Основното вооружување на „Ноќниот ловец“ се ракетите „Штурм“ или „Атака“. Дострелот на овие ракети достигнува 5-8 км. Ги карактеризира исклучително високата прецизност. Практично се непогрешливи на тие далечини. Во просек од 100 истрелани ракети, 98 од нив ќе ја погодат целта. Нивната пробојност достигнува и до 1,000 мм хомоген оклоп кој е заштитен со динамичка заштита. На целта се наведуваат со полуавтоматски режим за наведување на ракети (радар или ласерски сноп). Овој систем на наведување го карактеризира големата отпорност на евентуално противелектронско или оптичко дејство на непријателот.
Напаѓа од најдлабок мрак
Максималната брзина на овој хеликоптер изнесува 324 км/ч, а оперативниот борбен радиус достигнува 450 км. Благодарение на интеграцијата на современата електронска опрема, хеликоптерот е способен по најголем мрак да лета неколку метри над земја и на тој начин да му се прикраде на противникот.
Жилава машина која е тешко да се собори
За разлика од својот конкурент, американскиот хеликоптер „Апачи“ (Apache), Ми-28 поседува посилна оклопна заштита, особено на кабината и останатите сензитивни елементи на конструкцијата на хеликоптерот. Овој оклоп е непробоен за панцирно-запалива муниција со калибар 12,7мм.
Одлични перспективи за понатамошна модернизација
За овој хеликоптер се развива модификацијата Ми-28УБ. Него го одликува значително унапредување во поглед на управување со леталото. Во случај на вонредна ситуација, која може да настане при ранување или загинување на главниот пилот, вториот член на екипажот (операторот на вооружувањето) може да ја преземе неговата функција преку двојните команди и да го преземе управувањето со леталото. Исто така, и самото оспособување, т.е. обуката на пилотите е значително поевтина од порано.
Радар што гледа подалеку и почисто
Новиот хеликоптер доби и нов радар, кој се наоѓа над елисата на хеликоптерот. Тој, за разлика од својот претходник кој е дел од хеликоптерот Ми-28Н, има значително поголем опсег и е значително почувствителен во откривањето на непријателот кој е скриен зад различни природни и вештачки пречки.
Сите наброени карактеристики се потврдени во пракса
Хеликоптери Ми-28 во октомври 2015 година се префрлени на боиштето во Сирија, каде се интегрален дел на Воздухопловната група на ВКС која е главен носител на контратерористичката операција во оваа држава. Освен во Сирија, овој хеликоптер е присутен и во Ирак, каде имаше изразено важна улога во големите операции на ирачката војска и полицијата во ослободувањето на градовите како што се Фалуџа, Рамади, Мосул итн.
Во единиците на руската војска се наоѓаат околу 90 хеликоптери Ми-28. Неодамна беше прикажана понудената на светскиот пазар верзија за извоз во која се интегрирани сите борбени искуства стекнати во Сирија. Верзијата ја носи ознаката Ми-28НЭ и, судејќи според интересот, хеликоптерот го очекува сјајна извозна перспектива.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче