Што сè нема во гаражата на Путин?

Управата за функционирање на претседателот на Руската Федерација поседува десетина транспортни средства: претседателски авион, хеликоптер, лимузини, јахти, моторни бродови, чамци, па дури и еден катамаран со едра.

Авиони и ВИП-хеликоптери 

Преполнетиот работен распоред и московските патишта во застој го принудија Владимир Путин да премине од автомобил во хеликоптер. Низ градот претседателот лета само со руски хеликоптери Ми-8, но не со обичен, ами со усовршена верзија. Тоа се вистински мали „летачки канцеларии“: сè е тапацирано со кожа и има многу техника – од компјутери и огромен екран до автомат за кафе и фрижидер. 

Основно превозно средство за подалечни летови е авионот број еден – модифициран патнички Ил-96 произведен во 1996 година. Поранешниот шеф на службата за безбедност на претседателот (во тоа време Борис Елцин) Александар Коржаков во својата книга пишува за убавините на ентериерот што го направиja Швајцарците според руските скици. „Во новиот авион можете да работите и да живеете исто толку комотно колку и во Кремљ“, напиша тој. Во 2013 година два Илјушина се купени по цена од 5.2 милијарди рубли (88.5 милиони американски долари) за парче. 

Други летала на претседателот се рускиот Ту-214, Сухој Суперџет 100, Falcon и Airbus А319.

Навистина, Управата за функционирање на претседателот не го покажува ентериерот на овие авиони, ги демантира гласовите за скапоцени камења и златни ве-це школки. Во нив постои работна зона, зона за одмор, сите можни средства за врска, услови за онлајн конференција и систем со кој Путин може да го контролира нуклеарното оружје. Во Суперџетот постои дневна соба, спална, бања со туш-кабина. Во 2016 година во авиопаркот на претседателот имаше 37 авиони, 18 хеликоптери. Но, истите летала ги користат и премиерот, и претседателот на парламентот, судиите и генералите на армијата. 

Автомобили 

Проектот „Кортеж“

На почетокот од 2018 година претседателот конечно ќе седне во домашниот автомобил од проектот „Кортеж“. Засега Путин се вози со автомобил Mercedes-Benz S600 Pullman. Во гаражата на Кремљ има 11 вакви автомобили произведени во периодот од 1996 до 2000 година. Руската автомобилска индустрија едноставно не произведуваше специјални блиндирани возила со соодветен степен на заштита. 

Волга 1956.

Путин има и лична колекција автомобили за која не зборува многу и нема да го видите како ги вози тие коли низ градот. Ретки, главно советски автомобили стојат во неговата гаража во резиденцијата во Ново Огарјово во близина на Москва. Таму е, на пример, Волгата од 1956 година, украински Запорожец од 1972 и црвено Жигули од 1970 година. 

Јахтите на Путин 

За патувања по вода Путин на располагање има две јахти, три моторни брода, седум моторни чамци и еден катамаран со едра. Инаку, сите наведени пловила, освен претседателската јахта „Чајка“ (Галеб) може да ги изнајми кој сака. Со бродовите располага одморалиштето „Рус“ при Управата за функционирање на претседателот. 

Јахтата „Чајка“

Турската јахта „Чајка“ со шест кабини, спа-базен и фитенс-сала претходно имаше друг сопственик. Во 2011 година Русија ја купи за 1.5 милијарди рубли (25.5 милиони американски долари) и со неа ја замени дизел-јахтата „Кавказ“ која беше потопена во осумдесеттите години од минатиот век. Коржаков пишува: „Штом се запали моторот на јахтата Кавказ, палубата ќе се обвиеше со отровен чад. Ужас! А, да не зборувам за бучавата и сето останато“. 

Другата јахта е италијански Азимут 38 купена за 20 милиони рубли (340 илјади долари). Еден час возење со оваа јахта чини 10 илјади рубли (170 американски долари) 

„Ноќниот волк“ Путин 

Во 2010 година целиот свет го виде Путин како мотоциклист. Тој тогаш како премиер на земјата ја предводеше колоната бајкери на мотор Harley-Davidson Lehman Trikes на пат за Севастопољ. Седум години подоцна случајно им откри на новинарите дека има мотор Кавасаки кој, навистина, „не го вози толку често“. Потоа неговиот портпарол Дмитриј Песков мораше да објаснува дека Путин не е бајкер и дека нема свој мотор.

„Неколку Кавасаки мотори има во гаражата за специјални намени“, велеше Песков. „Во свое време Путин се обиде да седне на таков мотор. Но, тој нема сопствен и не вози“. 

Затоа мотори вози обезбедувањето на претседателот, а тој само доаѓа да ги гледа.

Кога веќе знаеше што има Путин во гаражата, дознајте и како се облекува, што јаде.. со еден збор, запознајте се подлабоко со Владимир Путин.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња