Продолжува опремувањето на Копнената војска: Во 2018 година испорачани 2200 единици нова техника

Тенк Т-72Б3

Тенк Т-72Б3

Александар Вилф/Sputnik
Во 2018 година на единиците на Копнената војска им се испорачани ПВО-системи „Бук-М2“, арктички „Тор-М2“, модернизирани тенкови Т-72Б3М, повеќецевни ракетни фрлачи „Торнадо-Г“, БМП-3, БТР-82А. Наскоро тука ќе се најдат и „Деривација“, „Торнадо-С“, „Коалиција-СВ“.

Новите тенкови со зголемена оклопна заштита Т-72Б3М почнаа да влегуваат во вооружувањето на оклопно-механизираните единици кои се наоѓаат во состав на Копнената војска. Оваа информација за весникот „Краснаја звезда“ ја пренесе командантот на овој вид на руската армија генерал Саљуков.

„За тенковските и механизираните состави набавивме тенкови Т-72Б3М со подобрени борбени карактеристики кога се во прашање параметрите на подвижност и оклопна заштита“, истакна тој.

Т-72Б3М претставува усовршена верзија на основниот борбен тенк Т-72Б3, кој само по себе претставува длабока модернизација на тенкот  Т-72. Според информациите кои доаѓаат од компанијата „Уралвагонзавод“, тенкот е опремен со високоавтоматизиран систем за управување со огнот, уште посовршен тенковски топ со калибар 125 мм со проширен асортиман на муниција и динамична оклопна заштита „Реликт“.

Генералот исто така додаде дека во 2018 година досега во единиците на Копнената војска влегле повеќе од 2200 примероци современо вооружување за стандардна и специјална намена. Конкретно, тоа се однесува на противвоздушните ракетни системи со среден дострел  „Бук-М3“, арктичката модификација на противвоздушниот ракетен систем со мал дострел „Тор-М2“, повеќецевниот ракетен фрлач „Торнадо-Г“, различни модификации на борбените возила на пешадијата БМП-3 и оклопни транспортери БТР-82А.

Според генералот, во артилериско-ракетните единици „планираме постепено воведување на длабоко модернизираниот повеќецевен ракетен фрлач „Торнадо-С“ (модернизација на ВБР „Смерч“ со калибар 300 мм, заб. на прев.) со зголемени карактеристики кога е во прашање ефективниот дострел и прецизноста на огнот“, како и со „различни типови ракетна муниција со зголемени можности кои ќе ги користи ова орудие“. За борба против непријателските беспилотни летала за потребите на Копнената војска се развива противвоздушниот артилериски систем „Деривација“ кој ќе биде опремен со автоматски топ со калибар 57 мм. Ова орудие значајно ќе ги зголеми способностите на механизираните единици и да се борат против оклопни цели и непријателска жива сила која се наоѓа во природни и вештачки засолништа.

На крај командантот на Копнената војска рече дека е во тек и завршната фаза на развој на самоодната хаубица „Коалиција-СВ“, како и развојот на комплексот „Набросок“ за управување со минофрлачки батерии кои се наоѓаат на различни платформи, а кој ќе биде имплементиран во арктичките баталјонско-тактички борбени групи.

Прочитајте повеќе: „Противвоздушната пешадија“ ќе соборува балистички ракети

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња