Пет страшни периоди од руската историја

Галина Сањко/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
Во историјата на Русија имало многу катастрофални настани и тешки ситуации, а имало и страшни периоди кои траеле и се одразиле на животот на целиот народ.

1. Монголска наезда: најмоќната империја на светот ја сотрела руската земја

Џингис-хан, семоќниот владетел на Монголската империја, во 13 век ги испратил своите синови да ги покорат северните земји. Монголската војска во 1223 година за првпат се судрила со одредите на руските кнезови во битката кај Калка и ги поразила. Потоа, во 1236 година, по смртта на Џингис-хан, неговиот внук Бату-хан, ги повел единиците во разорна инвазија на руските земји. Тоа траело пет години – пет тешки години терор и разорување.

Кадар од филмот „Монголец“

Монголската тактика на разорување и пустошење била неочекувана за Русите. Руски воини веројатно имало повеќе од Монголци, но тие не можеле да се обединат и поради тоа доживеале пораз. Монголската наезда ги разорила руските кнежевства и градови. Руската култура која постоела пред оваа наезда била целосно уништена. Киев, Ростов, Галич, Чернигов, Рјазањ и другите центи на Стара Русија биле срамнети со земја. На Русите им требало повеќе од сто години да закрепнат од оваа разорна наезда.

Повеќе за ова: Како монголската наезда ги охрабрила Русите да се обединат и да формираат руска држава

2. Смутна доба: династиска криза, вулканска зима, полска инвазија и целосен хаос

Кадар од филмот „Монголец“

Овој мрачен период траел 15 години, од 1598 до 1613. Главната причина на Смутната доба бил крајот на династијата Рјуркович. Имено, синот на Иван Грозни, Фјодор (1557-1598), немал деца, а најмладиот принц Дмитриј (1582-1591) умрел или бил убиен под мистериозни околности. Немало законски наследник на престолот, па тронот го зазел Борис Годунов, братот на жената на царот Фјодор.

„Иван Грозни и сенките на неговите жртви“

Во текот на последните години од владеењето на Иван Грозни и неговиот наследник Фјодор, кметството било воведено во цела Русија, селаните биле врзани за земјата, а општествената неправда станала уште поочигледна. Кметството, меѓутоа, не ја спасило Русија од голем глад 1601-1602. Русите немале доволно прехранбени производи, а Ливонската војна (1558-1583), која Москва во голема мера ја изгубила, ја испразнила државната каса. Само во Москва од глад починале 127.000 луѓе. Почнале да избувнуваат селански буни.

Борис Годунов починал во 1605 година, а власта во Русија ја зазел Лажниот Дмитриј I (?-1696), кој се претставувал како убиениот принц Дмитриј. Самозванецот набргу потоа бил убиен и во тој момент Смутната доба го достигнала својот врв.

„Минин и Пожарски“

Селанските буни беснееле по целата земја, а на престолот бил царот Василиј Шујски чиј легитимитет бил сомнителен, а потоа се појавил уште еден самопрогласен принц Дмитриј... Среде тој хаос Државната заедница на Полска и Литванија извршила упад во Русија и ја зазела Москва. Дури во 1612-1613 година, по цела деценија немири, рускиот народ се кренал на востание и ги протерал Полјаците од московскиот Кремљ. На чело на востанието биле Кузма Минин и кнезот Дмитриј Пожарски. Тие помогнале во Русија да се воспостави монархија. На рускиот престол била донесена династијата Романови.

Во Смутната доба Русија изгубила речиси една четвртина од населението.

Повеќе за ова: Четири пресудни настани од руската средновековна историја

3. Епидемијата на чума 1653-1654: Сонцето на небото се помрачи, а на земјата беснееше смртта

„Востание на чумата“

Патријархот Никон во 1653 година покренал црковна реформа по која еден дел од верниците заминал во раскол, а веќе следната 1654 година централна Русија ја зафатила епидемија на чума. На Русите ова им била прва голема епидемија, така што тие биле сосема неподготвени. Царот Алексеј Михајлович, воениот врв и целата армија во тоа време војувале против Државната заедница на Полска и Литванија, така што биле надвор од опасноста, а царското семејство брзо и навремено било евакуирано од Москва.

Москва бил пуста. Поголемиот дел од жителите избегале или починале од чумата. Избеганите московјани болеста ја пренеле во другите градови и села на централна Русија. Историчарите сметаат дека во периодот од 1653 до 1654 година во Русија од чума починале 800.000 луѓе.

Дознајте повеќе: Три најстрашни епидемии во историјата на Русија

4. Три револуции, Прва светска војна и Граѓанска војна: уништување на Руската империја

Патрола Црвеногардејци покрај оган на улица.

Владеењето на царот Николај Романов започнало со трагедија на Ходинското поле, и многумина во тоа виделе лош знак. И навистина, во 1905 година Русија почнала војна со Јапонија, а истата година избила и Првата руска револуција.

По настаните од 1905 година во Русија постојано се вжештувало револуционерното дејствување. Првата светска војна во која руската армија влегла целосно неподготвена ја поттикнала Февруарската револуција од 1917, а потоа следувала Октомвриската револуција од 1917 година во која болшевиците ја зазеле власта. Потоа државната структура од темел била преуредена.

Москва во пламен, Октомвриска револуција.

Жителите на Русија се поделиле на болшевици и на монархисти. Настанал хаос од граѓанската војна (1917-1923) во која животот го изгубиле околу 11 милиони луѓе, а два милиони ја напуштиле земјата. Ситуацијата ја влошиле масовните инфективни болести.

Погребување жртви на револуцијата

Во 1918 година Русија ја зафатила пандемија на шпанска треска, а 1921-1922 владеел голем глад... Сето тоа личело на вистински пекол. Невозможно е точно да се определи колку човечки животи однеле сите споменати настани.

5. Сталиновиот режим и Втората светска војна: најкрвавиот период од руската историја

Колективизацијата на земјоделството во раниот СССР предзвикала голем глад, кој покрај Русија ги зафатил и Казахстан, Украина и Северен Кавказ и однел 11 милиони човечки животи.

Потоа со полна пареа е започната индустријализацијата на советската економија и на производството, поттикната со таканаречените „петолетки“. Ова предизвикало нов бран репресии на работниците и селаните. Во 1930 година основан е ГУЛАГ („Главна управа на логори). Околу 40 милиони луѓе се погубени, затворени или на некој начин репресирани. Руската нација во текот на триесеттите години од минатиот век претрпела коренити промени.

Блокадата на Ленинград (8 септември 1941 – 27 јануари 1944). Жена го влече на санка мажот кој е исцрпен од глад. Голема татковинска војна (1941-1945).

А, тогаш избувнала Втората светска војна.

Тажна е вистината дека без Сталиновата политика на колективизација и индустријализација, СССР не би имал многу шанси да се спротивстави на инвазијата на нацистичката армија, но исто така е очигледно дека монструозната Втора светска војна во Советскиот Сојуз има однесено над 26 милиони животи, а животниот стандард паднал на крајни граници.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња