Што има преземено Русија од Монголците и од Татарите

Сцена од филмот „Монголец“

Сцена од филмот „Монголец“

Сергеј Бодров постариот/Филмска компанија СТВ, 2007 година
Борбениот извик „ура“, зборот „богатир“ („витез“), коњица, облеката, поштенските станици и системот на државна власт – сето тоа се монголски поими и појави кои се имаат врежано во руското секојдневие и кои останале во него низ вековите.

Поделените руски кнежевства во 13 век биле нападнати и покорени од најголемата држава што некогаш постоела во историјата на човештвото (површина од 24 до 33 милиони квадратни километри). Тоа била Монголската Империја што ја основале Џингис-хан и неговите потомци.

Наездата на Монголците била вистински кошмар за руските кнежевства. Руските воени дружини биле составени од пешадинци, борбените формации не им биле јака страна, а градовите биле заштитени со дрвени бедеми, така што најдобрата армија на светот лесно ги освојувала. Монголците имале лесна и тешка коњица, стрелци, тешко вооружена пешадија и направи за опсада на градови.

Сцена из филма „Орда“.

Монголската Империја се распаднала набргу по освојувањето на Русија, по што руските територии ги контролирала Златната орда, државата што ја основал постариот син на Џингис-хан Џучи (1184-1227). Монголците немале намера да ја освојат руската територија. Тие само земале данок од Русите, а руските кнезови биле принудени да одат во престолнината на Златната орда по „јарлик“, односно по официјален документ кој го потврдувал нивното право да управуваат со своите кнежевства. За руските воини тоа било невидено понижување. Тоа послужило како прв потстрек за формирање на единствена руска држава.

Русите сфатиле дека монголскиот јарем може да биде отфрлен само доколку од Монголците се преземат нивните методи на војување, методите на владеење, на контрола и на управување со жителите. Со други зборови, ако борбата против нив се води со нивното сопствено оружје. За првпат руските кнезови се обединиле во 1380 година, кога на Куликовското поле уништиле дел од армијата на Златната орда, а сто години подоцна великиот кнез московски Иван Трети го одбил непријателот на реката Угра и со тоа ја зачувал целосноста на државноста што ја создал. По овој настан зависноста на руските територии од остатокот на Ордата во голема мера била само формална.

Сцена из филма „Орда“.

„Москва својата величественост им ја должи на хановите“, напишал големиот руски историчар Николај Карамзин. Сите подоцнежни воени и политички успеси на Московската држава на меѓународната сцена во голема мера се резултат на случајната „обука“ низ која Русите поминале за време на владеењето на Ордата. Ќе ги наброиме најважните нешта и појави кои Русите ги позајмиле од Монголците.

Воена хиерархија, зборот „богатир“ (витез, јунак) и борбените извици

Сцена од филмот „Монголец“

Руските воени дружини не биле толку бројни како монголската армија, но биле мошне силни и, што е најважно, не се плашеле од ништо зашто ја бранеле својата земја. Покрај тоа, офанзивното и одбранбеното вооружување на руските дружини било прочуено и во Европа. Меѓутоа, им требале повеќе тешко вооружени воини. Овие дружини биле погодни за одбивање на кратки јуриши и за спорадична одбрана на градовите, а кога е даван отпор на системски поорганизираната монголска армија, главнината на руската војска била составена од доброволци вооружени со рогатини (вид масивно копје што го користеле старите Словени) и со секири. Ова, меѓутоа, не била главната причина за поразот.

Русите трпеле порази од Монголците зашто не биле обединети. Дружините и кнезовите биле одвоени едни од други, секој бил во својот град, и не можеле да се сложат. Општествените и воените прашања во Стара Русија се решавани во комитетите, каде се собирале слободни луѓе. Овој принцип не бил ефикасен за одлучно дејствување. Во првата голема битка против Монголците на реката Калки, руските кнезови не можеле да постигнат договор за заедничко дејствување и затоа биле столчени.

Сцена од историската телевизиска серија „Златната орда“

Покрај тоа, кај Русите кнезот ги предводел воините во борбата, и ако непријателот бил поброен, кнезот можел да биде опколен и убиен, по што паѓал борбениот дух на останатите воини.

Кај Монголците било спротивно. Хановите главно не присуствувале во битките, а војсководците ја надгледувале битката од висока кота и раководеле со единиците со помош на знаме, чад и светлосни сигнали, труби и барабани.

Марш на монголската армија. Современа реконструкција.

Русите биле принудени за многу прашања да се огледаат на Монголците. Според една претпоставка, дури и рускиот извик „ура!“ можеби бил преземен од монголскиот збор „урагшаа!“ („напред“) или од татарскиот „ура“ („удри!“). А, рускиот збор „богатир“ („витез“, „јунак“) е од туранско потекло и значи „храбар, јунак“. Пред монголската наезда ваквите луѓе ги нарекувале „хоробор“ и „удалец“.

Победата на руската војска во Куликовската битка е однесена благодарение на добро организираната команда од еден центар, на резервниот пол и на тешката коњица, а сето тоа е преземено од Монголците.

Инаку, пред монголската наезда јавањето кај Русите било работа на престиж. Со текот на времето руските кнезови сфатиле колку се потребни вооружените коњаници, па во 13 и во 14 век се појавуваат „коњски стада“ и се формираат коњички одреди.

Облека

Митрополитот Филип и Иван Грозни.

Мажите во руските кнежевства пред доаѓањето на Монголците носеле широки панталони и долги кошули кои на половината биле затегнати со појас од ткаенина или од кожа, а одозгора носеле наметка. Ваквата облека не била удобна за јавање, особено во битка. Поради тоа Русите од Монголците ги презеле кафтаните на закопчување (со копчиња).

Кнезот Александар Невски го моли Бату-хан за милост кон Русија, крај на 19 век.

Покрај тоа во рускиот јазик се појавиле „нови“ називи за вообичаената облека: „колпак“ (капа), „кушак“ (појас), „штани“ (панталони), „башмак“ (длабоки чевли), „кумач“ (јако црвено памучно платно), „зипун“ (ткаен капут без јака) и уште многу други нешта. Од Монголците е позајмена „тафја“, плитка капа која ја носеле богатите Татари. Тафја во слободно време со задоволство носел Иван Грозни. Тој ја бричел главата по углед на татарските ханови.

Поштенски станици

Крчма и поштенска станица на патот од Кострома во Јарослављ,1839 година.

За да управува со огромната територија, Џингис-хан (или некој од неговите потомци) има направено систем на станици каде куририте по напорното јавање можеле да го остават изморениот коњ и да земат друг, одморен. Така без долго задржување поминувале големи растојанија, минувајќи во седло и по неколку дена практично без одмор. Ваквите станици со одморени коњи Монголците ги нарекувале „јами“. Русите го презеле овој систем и го нарекле „Јамскаја повиност“ („поштенска, кочијашка служба“). Секога станица имала свој домаќин кој водел сметка за коњите, ги преземал изморените и ги впрегнувал одморените коњи.

Систем на државна управа

Типичен монголски „јарлик“ (официјален документ кој Монголците им го издавале на кнезовите и на црковните поглавари како потврда дека им е одобрено да владеат со кнежевството, односно со епархијата) од 1397 година.

Со доаѓањето на Монголците завршен е периодот на управување со руските територии по пат на одлучување на комитет. На Монголците им одговарало со Русија да управуваат кнезовите, но само со одобрување на монголскиот хан, и затоа уште повеќе сееле раздор меѓу руските кнезови и провоцирале кавги меѓу нив. Требало да минат неколку децении за кнезовите да го сфатат тоа и да се обидат да се обединат. На крајот ова им тргнало од рака – се обединиле под раководство на московскиот кнез.

Русите од Монголците го презеле и паричниот и царинскиот систем. За пари во рускиот јазик се вели „дењги“, а овој збор потекнува од туранскиот „тенге“ (паричка), додека царина се нарекува „таможнаја“ од туранскиот „дамја“ („печат“, „жиг“).

Пред доаѓањето на Монголците и на Татарите со руските земји управувал сталежот на кнезовите, а сите прашања се решавани на нивните собири, а во 1480 година, кога била однесена победа над Златната орда., Русија веќе имала еден владетел, великиот кнез московски кој бил над останатите кнезови. Тогаш тоа бил Иван Трети Васиљевич. Оваа околност била спасоносна за Русија. Воедно тоа бил и почеток на новата ера во руската историја.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња