Од циц до дијамант: Како Русите ги нарекуваат годишнините од венчавките

Russia Beyond (Getty Images; Л. Жалејко/Колекција на А. Сологубова, Архива на Ољга Павловна Кухар (2), Архива на Јулија Медведева, Архива на Марија Иванова/Russia in photo)
Русите им имаат дадено назив на речиси сите годишнини од бракот. Дознајте како се појавиле овие називи и што значат.

Во руската култура постои традиција годишнината од венчавката да се одбележува во согласност со нејзиното симболично име. Називот се дава по материјал кој метафорично го означува нивото на блискост меѓу сопружниците, а од тоа воедно зависи и видот на подарокот. На пример, на „железна свадба“ обичај е на сопружниците да им се подарува кујнски прибор, метален накит и украси, додека за „рубинова свадба“ се подарува накит со рубини. Оваа традиција досега длабоко во историјата и многу двојки во Русија сѐ уште ја почитуваат.

Прва годишнина од бракот – цицена свадба

Годишнината е наречена вака зашто циц е материјал кој одлично го карактеризира почетниот период од брачниот живот – разнолик, но сѐ уште не е премногу цврст.

Втора годишнина од бракот – хартиена свадба

Цицена и Хартиена

Врската меѓу сопружниците на нивната втора годишнина и понатаму не се третира како доволно цврста и сѐ уште е како хартија. Во овој назив, меѓутоа, се крие и друга смисла. Тоа е време кога може да се преиспитаат своите вредности во односите, да се најде компромис и да се живее во хармонија, вртејќи нов лист, односно почнувајќи живот „од почеток“ (рус. „с чистого листа“).

3 години брак – кожна свадба

Бракот започнува да станува сѐ посилен, а во врската се појавува флексибилност којашто во бракот е неопходна. Друга верзија вели дека сопружниците станале толку блиски што „со кожата се чувствуваат еден со друг“. 

4 години брак – ленена свадба

Ленот е избран како симбол на веќе прилично силните односи: може да се каже дека судбината на сопружниците за ова време се преплетени како нитки лен на платно.

5 години брак – дрвена свадба

Дрвена

Првиот јубилеј е наречен вака зашто во оваа фаза од бракот семејството се споредува со силно и јако дрво кое веќе успеало да пушти цврсти корени длабоко во земјата.

10 години брак – калајна свадба или розов јубилеј

Ова е вистински јубилеј и е мошне важен момент во секој брак. Оваа годишнина има две имиња. Најчесто десеттата година од заедничкиот живот се нарекува розов зашто розата е симбол на љубовта, на страста и на нежноста. Розата треба да ги потсетува сопружниците на нивната меѓусебна силна љубов, а трњето на тешкотиите што заеднички успеале да ги надминат.

Од друга страна, калајот ја означува мекоста и флексибилноста на сопружниците, и ги потсетува колку е важно во заедничкиот живот да се бараат компромиси.

15 години брак – кристална свадба

Кристална

За оваа годишнина на славениците вообичаено им се подаруваат предмети од стакло или од кристал. Оваа годишнина е наречена вака зашто меѓу сопружниците повеќе не би требало да има никакви тајни. Тие се искрени и отворени еден кон друг, односно „кристално чисти“.

20 години брак – порцеланска свадба

Односот на сопружниците претставува неверојатно убаво и со вкус изработена фигуринка од порцелан којашто успеале да ја создадат во текот на сите години заеднички живот. Меѓутоа, истовремено порцеланот е кревок материјал, а тие што оваа годишнина вака ја нарекле сметале дека дури и по 20 години заеднички живот треба да се работи на зацврстување на односите.

25 години брак – сребрена свадба

Оваа годишнина е мошне важна пресвртница за секој брак. Вообичаено е прославата на овој јубилеј да биде од големи размери зашто да се биде со саканата личност четвртина век е огромен успех. Среброто во овој случај асоцира на блескавиот сјај на цврстиот и стабилен брак.

30 години брак – бисерна свадба

Бисерна

Не е случајно тоа што бисерот е симбол на оваа годишнина. Од дамнина тој ја симболизира чистотата, вистинската убавина и идеал. Освен тоа, за бисерот да се формира во морските длабочини потребно е многу време и трпение.

35 години брак – корална или платнена свадба

Токму како што на коралите им е потребно многу време и труд да создадат цврст скелет, така и на сопружниците им е потребно време да изградат цврст брак кој почива на доверба. Платното ја симболизира удобноста и благосостојбата во семејството, но овој назив поретко се користи.

40 години брак – рубинова свадба

Рубинска

Рубините што сопружниците ги добиваат како подарок за оваа годишнина ја симболизираат сестраноста на нивните односи, страста и искрени чувства. На овој празник обично се кани пошироката фамилија, зашто овој ден не е празник само на сопружниците, туку и на оние што биле со нив сите тие години.

45 години брак – сафирна свадба

Сафирот е скапоцен камен од највисока категорија. Само дијамантот е поцврст од него! Тој симболизира благосостојба и нераскинлив спој на две вљубени срца.

50 години брак – златна свадба

Златна

Половина век заедно! Златото тука е симбол на она што се добива само со голем труд и има огромна вредност.

55 години брак – смарагдна свадба

На оваа годишнина се подарува накит со смарагди, а на славениците им се посакува што подолго да живеат, да се сакаат и никогаш да не остарат. Во тој случај смарагдот е симбол на вечната љубов и живот.

60 години брак – брилијантна свадба

Дијамантска

Дијамантот е најцврстиот минерал на планетава. Кога бракот трае 60 години тој станува неуништлив како и овој скапоцен камен, а за да се обликува во брилијант потребен е голем труд, трпеливост и време. Други називи за оваа годишнина се платинеста или дијамантска свадба.

65 години брак – железна свадба

Називот се однесува на цврстите семејни врски меѓу сопружниците. За ваква свадба обично се подаруваат железни предмети за домашна декорација.

70 години брак – благодатна свадба

Westend61

Оваа годишнина ја дочекува мал број сопружници, па се смета дека 70 години брак е благодат испратена од Бога. На овој ден обичај е децата, внуците и правнуците на славениците да им подарат сѐ што ќе посакаат. Разновидноста на подароците ја симболизира разноликоста што ја проживеале заедно.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња