Рускиот јазик нуди огромни можности

Рускиот јазик е единствениот од словенската група што има статус на светски. Извор: Photo Press

Рускиот јазик е единствениот од словенската група што има статус на светски. Извор: Photo Press

Колку повеќе јазици знаеш, толку си побогат!“ Ова е изрека што сите ја знаеме. Рускиот е словенски јазик со најголем број говорители, а воедно е и единствениот од словенската група што има статус на светски. Во Република Македонија меѓу другите странски јазици, на различни ниво од образованиот систем, се изучува и рускиот. „Руска реч на македонски“ направи свое истражување со цел да дознаеме каде сѐ се изучува рускиот јазик и колкава е реалната потреба од него во Македонија.

Кога на некој Македонец ќе му кажам дека зборувам руски, веднаш се вербализираат различни фрази и зборови на овој јазик, слушнати на телевизија или, пак, нешто што останало научено од училиште. Во Македонија луѓето имаат пријатни асоцијации за рускиот јазик, го сметаат за милозвучен, се сеќаваат на цртаните и на играните филмови за деца од периодот кога биле мали, се потпевнуваат „Калинка“ и „Катјуша“. Но, во последниве дваесетина години изучувањето на рускиот јазик, како во основното и средното така и во високото образование, драстично опадна. До 1992 година во Македонија постоеше договор, кој функционираше и потоа беше наследен од СФРЈ, според кој се предвидуваше рамноправност во изучувањето на странските јазици во македонскиот образовен систем. Но, истата година со одлука на тогашниот министер за образование Димитар Бајалџиев овој договор беше укинат, што претставуваше силен удар врз рускиот јазик. Во основните и средните училишта се намали бројот на наставници по руски, а ова значеше и намалување на студентите по руски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје.  

Во наставниот процес, освен постојаниот наставен кадар, вклучени се и лектори што се родени говорители на рускиот јазик и доаѓаат од Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов„.

Екатерина Терзијоска, лектор по руски јазик на Катедрата за славистика

Историјата на изучувањето на рускиот јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје започнува уште со неговото основање, а по две години започнува да се изучува и како главен јазик на Катедрата за славистика. Уште од самиот почеток интересот за студирање на групата за руски јазик и книжевност била голема, а овој тренд продолжи сѐ до средината на деведесеттите години од минатиот век. Со текот на времето на Катедрата, освен наставната насока, која е предвидена за наставници и за професори по руски јазик во основните и во средните училишта, започна да функционира и преведувачката насока, со оглед на тоа дека се покажа потреба од потесна специјализација во оваа област. Но, оттогаш почна да спласнува и интересот за него. 

Постојат повеќе причини за ова. Професорката Красимира Илиевска, која е шеф на Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, во врска со ова вели: „Во овој период имаме малку студенти, веројатно како последица на тоа што постојано се зборува и сите погледи се свртени кон Запад, ЕУ и НАТО, но убедена сум дека наскоро ќе се покажат последиците од ваквите пропусти. Зборуваме, сепак, за огромна земја, со многу долга културна историја, богата традиција, напредна научна мисла, уметност што предизвикува восхит. Има многу области во науката и уметноста во кои достигнувањата на руските дејци се пред сите во светот. Ако некој сака да се изгради како врвен специјалист во професијата што ја избрал, тоа нема да може да го направи ако го исклучи рускиот придонес во развојот на научната мисла во таа област“. 

Олимпијада во Скопје, но овој пат по руски!
Вчера во просториите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје се одржа 45 Олимпијада по руски јазик на која учество зедоа ученици од основните и од средните училишта во Република Македонија.

Од друга страна, пак, во последниве неколку години на пазарот за работа е зголемена побарувачката на преведувачи од и на руски јазик. Во контактите што ги остваривме со неколку агенции за вработување, преведувачки центри и авторски бироа може да се заклучи дека навистина постои недостиг од квалитетен преведувачки кадар и тоа како за писмен така и за устен превод. 

Ова на минатогодишната посета на руската парламентарна група на Република Македонија го подвлече и нејзиниот шеф Александар Балберов: „Постарата генерација знае и го памети нашиот јазик, средната не многу, а додека младите воопшто не го знаат, бидејќи тој отсуствува во комуникацијата и во образованието, иако, во принцип, треба да биде присутен. Се воспоставуваат економски врски, а тоа значи дека тука доаѓаат руски бизнисмени, различни специјалисти и е мошне тешко да се преговара со помош на преведувач, а згора на тоа постои и проблем со дефицит на преведувачи. Практично, нас во овој поглед нè спасува амбасадата на Русија во Македонија“. 

Овој впечаток го имаат и многу руски фирми што во моментов работат во Република Македонија, но и македонски фирми што имаат свои претставништва во Руската Федерација. За нив ова претставува навистина голем проблем, зашто без руски јазик тие не можат да остварат основна комуникација со своите колеги од Русија. Згора на тоа, квалитетниот и специјализиран преведувачки кадар е потребен не само во комуникацијата туку и за превод на стручни, но и на уметнички текстови.  

Ако некој сака да се изгради како врвен специјалист во професијата што ја избрал, тоа нема да може да го направи ако го исклучи рускиот придонес во развојот на научната мисла во таа област. 

Красимира Илиевска, шеф на Катедрата за славистика

Со оглед на ваквата ситуација професорката Илиевска советува: „Ако зборувам конкретно за мојата работа како професор на Катедрата за славистика и за советот што би му го дала некому што бара помош во изборот на идната професија, би напоменала дека, за жал, еден од критериумите во тој избор (не главен, но секако важен) е и можноста за вработување. Денес многу се бараат преведувачи од и на руски јазик. Сѐ помалку и помалку луѓе течно зборуваат руски. Тоа значи дека во овој момент потребите одвај се задоволуваат, а постојано доаѓаат нови фирми, се отвораат нови фабрики и други производствени капацитети, се склучуваат договори за економска размена“. 

Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје е единствената високообразовна институција во Македонија која подготвува специјалисти по руски јазик. Екатерина Терзијоска, која долги години работи како лектор по руски јазик на Катедрата ги објаснува условите за студирање: „Секоја година Катедрата за славистика распишува конкурс за прием на 30 редовни студенти во државна квота, 15 редовни студенти во приватна квота и пет вонредни студенти на руски јазик. Рускиот јазик се студира од почетно ниво, без претходни предзнаења на кандидатите и наставата се одвива во текот на осум семестари. Во секој семестар студентите имаат три задолжителни предмети и три изборни предмети, кои, во зависност од интересот и насоката (преведувачка, наставна и културолошка), ги избираат од матичната катедра или од другите катедри на Факултетот.  Последниве години како изборни предмети за целиот факултет се нудат мошне интересни предмети каконо што се руска цивилизација, стручна терминологија, практика на преведување и многу други. Во наставниот процес, освен постојаниот наставен кадар, вклучени се и лектори што се родени говорители на рускиот јазик и доаѓаат од Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. Часовите се одржуваат во компјутерски лаборатории со современ софтвер, кој особено се применува во наставата по фонетика, симултано и консекутивно преведување“.  

Се воспоставуваат економски врски, а тоа значи дека тука доаѓаат руски бизнисмени, различни специјалисти и е мошне тешко да се преговара со помош на преведувач, а згора на тоа постои и проблем со дефицит на преведувачи.

Александар Балберов, руски парламентарец

„На нашите студенти за време на студирањето им овозможуваме барем еден месец престој во Русија на бесплатни јазични курсеви. Заинтересираните можат по кредит трансфер системот да престојуваат и цел семестар или дури и цела учебна година. Воопшто, се трудиме да направиме сѐ што зависи од нас нашите студенти да го завршат образованието како изградени специјалисти. Со многумина од нив остануваме во контакт и по нивното завршување, помагаме со совети или со литература доколку имаат некакви проблеми од стручна природа, водиме сметка за нив и кога можеме да помогнеме за подобро вработување, а тие контакти, веќе на сосема друго ниво, траат со години“, додава Илиевска. 

Сето ова е доволно добар доказ за тоа дека рускиот јазик има многу добра перспектива во Македонија. Зголемувањето на економските, културните и туристичките врски помеѓу Руската Федерација и Република Македонија претставуваа гаранција за идните вработувања на високообразовани филолози по руски јазик, кои ќе ја пополнат празнината што во моментов постои. Згора на тоа, не треба да се занемари и фактот дека на руски јазик е напишана и продолжува да се пишува квалитетна уметничка литература, за која во Македонија има голем интерес, а, исто така, во земјава се чувствува голема потреба од научното искуство на Русија, кое може да се добие од учебниците и стручната литература напишани на руски.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња