Чумата стасала во главниот град на руската држава од Персија (или од Крим) и се проширила, според сведоштвата на современиците, „како пламен носен од ветар“. Летото 1654 година кога веќе имало илјадници жртви од епидемијата, од Москва избегал царскиот двор заедно со бојарите и со имашните жители. Бегајќи во предградијата на престолнината и во други градови, тие всушност ја прошириле заразата низ целата држава.
По паничното бегство на гардистите и на затворските стражари градот навлегол во хаос. Низ Москва беснееле бандити и пљачкаши. „Претходно полна со светлина, сега стана пуста. Кучињата и свињите ги јадат мртвите и дивеат. Никој не смее да мине низ градот сам, зашто го напаѓаат осамениот минувач и го усмртуваат“, пишува патријархот антиохиски Макариј Трети кој тогаш се наоѓал во Русија.
На крајот властите започнале сериозна борба против епидемијата. Заразените зони ги блокирала војската, на влезот биле поставени рами и карантини. Немилосрдно биле палени куќите, а луѓето што живееле во близина умирале од чума. Предметите и облеката се дезинфицирале со чад од запален пелин и клека. Војската вовела ред во градот.
Епидемијата е запрена есента во 1654 година. Чумата не продрела на запад каде армијата на чело со царот Алексеј Михајлович го држела полско-литванскиот Смоленск под опсада. И северните територии (Новгород и Псков) останале недопрени.
За волја на вистината, несанираните жаришта на болеста во јануари следната година предизвикале ново ширење на чумата, но од далеку помали размери и далеку од Москва. Денес е невозможно точно да се пресмета бројот на жртвите од епидемијата. Руската држава имала седум милиони жители. Според мислењето на истражувачите, починале од 25.000 до 700.000 лица. Во самата Москва починале 85% од жителите.
Најсмртоносната болест на 19 век за првпат се појавила во јужните региони на Руската империја во текот на дваесеттите години на 19 век, но дури десет години подоцна ја покажала својата страшна моќ.
Жителите на Москва во 1830 година не ја сфатиле сериозно опасноста од епидемијата која веќе ги поминала Грузија и Поволжје, ниту можеле да претпостават дека ќе усмрти околу 200.000 жители на Русија. Московјаните биле убедени дека северната клима ќе ги заштити од оваа наезда.
„Ќе се бориме против неа, ќе ја протеруваме со час, ќе ги прашаме лекарите и ќе ги слушаме нивните совети“, пишувал тогаш весникот „Московски телеграф“. „Најважно средство е смелиот, бодар и весел дух, внимателноста, а не плашливоста, вниманието, а не стравот“.
Меѓутоа, веќе есента немало ни трага од весело расположение. Бројот на жртвите молскавично растел. Властите ги затвориле универзитетите и јавните места, забранети биле сите јавни веселби и на сите страни биле воведени карантини.
Доаѓањето на зимата го запрело ширењето на епидемијата кон главниот град на Руската империја, но веќе во април 1831 година во Санкт Петербург се забележани првите жаришта на болеста, за до летото колерата да се прошири на сите страни,
„Болеста беснее со пеколна сила“, пишува жител на градот на Нева Александар Никитенко. „Доволно е да излезете надвор и ќе видите десетина ковчези на патот до гробиштата... Се чини дека е дојден моментот на сеопшта пропаст. Луѓето како осудени на смрт одат меѓу ковчезите, не знаејќи дали и ним веќе им чукнал последниот час“.
Воената блокада и карантинот предизвикале сеопшто незадоволство зашто била нанесена голема штета на трговците, така што во градовите ширум империјата избувнувале бунтови. Со овој период се поклопило и полското востание, па се ширеле гласови дека Полјаците ноќе ги трујат градините и изворите. Се случувало разулавената толпа да фати на улица некој „сомнителен“ и да го линчува.
Шпанскиот грип или шпанска треска во целиот свет има убиено 100 милиони луѓе (околу 5% од жителите на планетата Земја). Ова била една од најстрашните пандемии во историјата. Не ја заобиколила ни советска Русија.
Продрела во земјата во август 1918 година, кога во Русија беснеела Граѓанската војна. Најпрво поминала низ територијата на Украина и особено Киев, а потоа низ Белорусија дошла до Москва и до Петроград каде заболел секој втор жител.
Шпанската треска достигнала размери на национална катастрофа. За една и пол година починале 2.7 милиони луѓе, односно 3% од вкупниот број на жителите.
Во Одеса починала ѕвездата на немиот филм Вера Холоднаја. Епидемијата не можеле да ја избегнат ниту највисоките функционери. Во март 1919 година од оваа болест починал Јаков Свердлов, еден од раководителите на советска Русија, таканаречениот „болшевички црн ѓавол“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче