Стари ривали: Како Полска за малку ќе ја победела Русија

Ернест Лиснер, 1908.

Ернест Лиснер, 1908.

На почетокот на 17 век Полјаците имале неколку многу згодни пригоди без многу крв да го победат својот главен ривал и да стане единствен хегемон во Источна Европа.

Со векови Источна Европа била поприште помеѓу два словенски народи: Русите и Полјаците. Русија поради определени околности најчесто излегувала како победник. Во неколку наврати Полска била буквално збришана од лицето на земјата како држава.

Од друга страна, пак, и Полјаците имале шанса да го совладаат својот моќен источен сосед. На почетокот од 17 век, кога во Русија почнала добата на внатрешни политички конфликти, позната како „Смутна доба“, армијата на Полско-литванската државна заедница го зазела Кремљ, а полскиот принц бил поставен на тронот за руски цар. 

Смутна доба

Сергеј Иванов, 1908. Смутно доба

Кон крајот на 16 век во Русија згаснала династијата Рјурикович која управувала со државата над седум века. Помладиот син на Иван Грозни, принцот Дмитриј, бил убиен уште во 1591 година под необјасниви околности, а во 1598 година умрел Фјодор Иванович кој не оставил наследник. Тогаш земјата потонала во хаос на бескрајни борби за власт помеѓу бојарските семејства. На рускиот трон настанал голем метеж. На сите страни почнале да никнуваат самозванци и претенденти за престолот.

Главниот претендент за руското царство на запад била Полско-литванската државна заедница. Таа со будно око ги следела случувањата во соседната држава, чекајќи го најзгодниот момент за интервенција.

Прв обид

Н. Неверов, Лажниот Дмитриј Први полага заклетва пред полскиот крал Сигизмунд Трети дека ќе ја покатоличи Русија. 

Полјаците го направиле првиот обид во 1604 година. Тогаш упадот на територијата на руската држава го извршила полско-литванската војска на чело со таканаречениот Лажен Дмитриј Први. Тој се претставувал како принцот Дмитриј кој по чудо се спасил од смрт, а всушност тоа бил монахот Григориј Отрепјев.

Полјаците биле восхитени од идејата да постават на рускиот трон свој послушник. Кралот Сигизмунд Трети и полскиот сејм официјално се дистанцирале од самозванецот, но на своите магнати Јежи Мнишек и на Константин Вишњевески дискретно им дале зелено светло, па тие и организирале поход на Москва.

К. Лебедев. Влезот на војската на Лажниот Дмитриј Први во Москва. 

Авантурата била успешна. Царот Борис Годунов ненадејно починал, а Лажниот Дмитриј Први го зазел „ослободениот“ руски престол. 

Меѓутоа, надежите на Полјаците не се оствариле, односно самозванецот не бил марионета во нивните раце. Тој не исполнил ниту едно од ветувањата што ги дал пред походот. А, ветил дека на Полска ќе ѝ отстапи дел од западните територии, дека ќе започне изградба на католички храмови во Русија и дека ширум ќе им ја отвори вратата на језуитите. 

К.Е. Маковски, „Убиството на Лажниот Дмитриј“ 

Од друга страна, Лажниот Дмитриј не им одговарал ниту на руските властелини кои и самите се бореле за власт. Самозванецот бил убиен на 27 мај 1606 година, по што Полјаците морале малку да паузираат во борбата за „срцето“ на Русија. 

Втор обид 

Петер Паул Рубенс, Портрет на Сигизмунд Трети на коњ, околу 1624 година. 

На Сигизмунд Трети во 1609 година почнале да му стасуваат гласови дека извесен број московски болјари, незадоволни од политиката на избраниот цар Василиј Шујски, нема ништо против на рускиот трон да дојде синот на Сигизмунд Владислав. Руското благородништво се изморило од меѓусебните судири и сè повеќе било склоно да повика странски кандидат кој не е од болјарски род. Синот на полскиот владетел целосно им одговарал. 

Царот Василиј Шујски самиот му дал повод за интервенција на Сигизмунд. Имено, неговите позиции биле сè послаби во борбата против новиот претендент, Лажниот Дмитриј Втори, и тој во таа ситуација се обратил за воена помош на Швеѓаните, непријателите на Полско-литванската државна заедница, што претставувало грубо кршење на руско-полскиот договор. Полската кралска војска веднаш извршила упад на територијата на руската држава. 

Во таборот на полскиот крал кој тогаш го држел Смоленск под опсада дошла делегација болјари и предложила неговиот син да застане на чело на руската држава, „само доколку кралот ја зачува недопрена грчката вера и не само да не задира во древните права и слободи на московскиот народ, ами уште и да додаде такви права и слободи кои претходно ги немало во Московската држава“.

Царот Василиј Шујски, Минијатура од „Царскиот титуларник“, 1672 година

Полско-литванската војска на хетманот Станислав Жолкевски на 4 јуни 1610 година ги победила обединетите руско-шведски сили. Василиј Шујски бил симнат од престолот. По два месеци Русите положиле свечена заклетва на „Царот и велики Кнез Владислав Сигизмундович“. 

Владислав, за волја на вистината, не бил присутен, па заклетвата била положена пред хетманот Жолкевски. Потоа повелбата со текстот од заклетвата бил испратен и во другите градови. Подоцна хетманот му испратил писмо на кралот, и во писмото го напишал следново: „Само Бог знае што се крие во човечките срца, но колку што може да се види, московјаните искрено сакаат принцот да царува кај нив“. 

Царство без цар 

Младиот принц Владислав

Устоличувањето на Владислав Сигизмундович воопшто не подразбирало руската држава веднаш да се припои кон Полско-литванската заедница. Напротив, според полско-руските договори ниту католичката вера, ниту полското благородништво немале право да се вкоренат во руската земја, ниту да задираат во системот на локалните обичаи и права. Двете држави не станале една целина, но склопиле „вечен мир“, обврзувајќи се заедно да војуваат против непријателот, како и слободно да тргуваат една со друга. 

Сепак, тешко дека таквите услови можеле да ги спречат Полјаците во следниот период да пуштат длабоки корени во системот на управување со руската држава. Тие веќе имале искуство на успешна асимилација на огромното Велико Кнежевство Литванско, кога Полјаците по унијата од 1569 година мирно и практично без никаков прогон на православното население ги презеле во свои раце сите полуги на државната власт и ги потиснале Литванците во втор план. 

Меѓутоа, не им било судено да проверат дали истото можат да го сторат и со Русите. Сигизмунд не го пуштил својот 14-годишен син во Москва, повикувајќи се на тоа дека момчето не е полнолетно. Наместо тоа почнал сам да потпишува укази и наредби, односно фактички ја презел власта во своите раце, што морало да предизвика незадоволство кај болјарите. 

Станислав Жолкевски

Покрај тоа, полскиот крај им порачал на руските велможи дека неговиот син може да премине во православие (што било услов за стапување на царскиот престол) само ако црквите се обединат врз база на Флорентинската унија од 1439 година со признавање на власта на папата на Православната црква. Тоа особено ги разлутило руските властелини. 

Полјаците конечно ја надминале мерата кога војската на Полско-литванската државна заедница спротивно на договорот влегла во Москва и го зазела Кремљ. Тоа значело дека московските власти без одобрение на Жолкевски не можат да донесат ниту една одлука поврзана со управувањето на Русија. 

Полско-литванска на окупација на Москва 

Александар Корвин Гонсевски

Војниците на полско-литванскиот гарнизон брзо ги налутиле московјаните. На пример, извесен полски благородник Блински пијан пукал во иконата на Пресвета Богородица во Сретенската капија и доста ја оштетила. Командантот на кремаљскиот гарнизон Александар Гонсевски без многу двоумење наредил на Блински да му се отсечат двете раце и да се приковаат под Богородичната икона, а самиот Блински жив да се запали на плоштадот.

Но, повеќе ништо не можело да ја запре сè поголема конфронтација. Судирот помеѓу московјаните и Полјаците на 1 април 1611 година прераснал во вистински колеж, кој дури ни Гонсевски не можел да го спречи. 

Германскиот наемник Конрад Бусов, кој тогаш служел во московскиот гарнизон, ги опишал пљачкашките акции на полските и литванските војници: „Пљачкосуваа кадифе, свила, брокат, злато, сребро, скапоцени камења и бисери. Во црквите од иконите на светителите ги симнуваа позлатените сребрени окови, синџири и околувратници на облеката на обилно украсените скапоцени камења и бисери... Оној што во валкани партали одеше во пљачкашка акција се враќаше во Кремљ во скапоцена облека. Тоа беше толку монструозно дивеење и блуд, нивните постапки беа толку богомразни, што никакви бесилки не можеа да ги запрат“.

Ослободување 

Кога надежите за доаѓањето на царот Владислав конечно исчезнале, а полската тортура станала неподнослива и во Москва и во други руски градови, во руското општество започнало да се раѓа ослободително движење, кое со текот на времето е преточено во Прво и Второ народно востание.

Пролетта 1611 година поголемиот дел од Москва била ослободена, а полско-литванскиот гарнизон останал во Кремљ под опсада. Таму биле и членовите на руската влада, таканаречената Семибојаршчина (привремена влада која била создадена од седум болјари), како и идниот владетел на Русија Михаил Фјодорович, првиот цар од династијата Романови. 

Големиот глад во Москва 1601 година. Гравура од XIX век.

Полјаците и Литванците биле целосно изморени од глад, и биле крајно очајни. Како што сведочел спахијата Божок Балик, „под опсада луѓето ги изедоа сите коњи, кучиња, мачките и глувците, гризеа ремени, ископуваа од земјата скапани трупови и ги јадеа. Смртноста уште повеќе се зголеми од таквата храна. Живите почнаа да ги напаѓаат живите, се колеа меѓу себе и се јадеа“. 

Војската на хетманот Јан Хоткевич почнала да ги извлекува, но претрпела пораз кај Москва. Тогаш гарнизонот изгубил секаква надеж и на 20 ноември се предал на милост и немилост на победникот.

Последниот обид 

Константин Маковски – „Мининовиот повик на жителите на Нижни Новгород“, 1896 година. 

На 21 јули 1613 година на царскиот престол е устоличен Михаил Фјодорович Романов. Така Русија фактички имала два легитимно избрани цара. Не вродиле со плод долготрајните преговори и расправии едни со други. Страните се обратиле на пратеникот на германскиот император Еразмо Ганделиус да посредува, но тој им одговорил: „Една држава има двајца владетели. Тоа се меѓу вас оган и вода. Како водата и огнот можат да се помират?“ 

Владислав кон крајот на 1616 година веќе пораснал и го направил последниот обид да се врати на рускиот трон, односно да го симне „узурпаторот Романов“. Полско-литванската војска повторно дошла до ѕидините на Кремљ, но овој пат не успеала да го заземе. Меѓу другото, сега веќе и рускиот народ не го доживувал Владислав како цар, ами како странски агресор.

Андреј Рјабушкин, 1893 година – Михаил Фјодорович на собир на болјарската дума. 

Владислав официјално се одрекол од претензиите на рускиот трон дури во 1634 година, кога веќе бил крал на Полско-литванската државна заедница. Полјаците не ја искористиле можноста да го столчат својот источен ривал. Од друга страна, Русија зајакнала и неколку векови подоцна успеала да го ликвидира државниот суверенитет на Полска.

Прочитајте исто така: Лажниот цар на рускиот престол: Пресудна битка за Москва 1612

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња