Најнови вести за тенкот Т-14 „Армата“ (ФОТОГРАФИИ)

Vitaly V. Kuzmin/vitalykuzmin.net
Дали руската армија веќе го доби овој тенк?

Во 2022 година во Русија започна сериското производство на тенкот Т-14 „Армата“. Во текот на наредните години руската армија ќе добие 132 тешко вооружени машини од оваа класа.

Кога странските војски ќе можат да го добијат Т-14?

Министерството за одбрана на РФ ќе му дозволи на производителот да започне со извоз на тенкови Т-14 во странство веднаш штом ќе ѝ испорача 132 тенкови од овој тип на руската армија.

„Т-14 веќе има пасош за својата извозна варијанта. Тоа е техничката документација со која се регулираат карактеристиките на оружјето за странските купувачи. Тие тенкови Т-14 ќе имаат помалку можности од тенковите што ќе ги добие руската армија, но и понатаму ќе бидат најнапредните на пазарот“, вели Дмитриј Литовкин, главен уредник на списанието „Независимое военое обозрение“.

Како што истакна тој, интерес за овој тенк веќе искажале три земји - Индија, Кина и Алжир.

„Алжир и Индија се главните нарачатели на наша тешко оклопна опрема и се заинтересирани за голема партија тенкови Т-14. Кина сака да набави ограничен број од овие тенкови, како што отсекогаш правела со нашето ново оружје, со цел да сфати кои технологии придонеле тоа да биде подобро“, истакнува експертот.

Тој смета дека за неколку години цената на тенкот Т-14 „Армата“ значително ќе се намали.

„Во моментов тоа е еден од најскапите тенкови во светот. Пред две-три години се зборуваше дека секој тенк Т-14 „Армата“ чини најмалку 8 милиони долари бидејќи е направен „од нула“. Тој тенк има целосно нов оклоп, ново оружје, нов мотор и нови системи за заштита и камуфлажа“, вели главниот уредник на наведеното списание.

Што го прави специфичен Т-14 „Армата“?

„Конкуренција на тенкот Т-14 во цел свет се модернизираните верзии на машините од претходната генерација. Нашиот тенк е проектиран „од нула“ и направен на нова платформа која ќе послужи како основа за други борбени машини“, изјави Игор Коротченко, главен уредник на весникот „Национална одбрана“.

Платформата „Армата“ е изолиран модул кој го штити екипажот од непријателски оган.

„Куполата отсекогаш била најслабата точка на тенкот. Новата платформа овозможува целиот екипаж да се скрие во тешко оклопниот модул и врз него да се постави купола без луѓе која автоматски бара цели на бојното поле“, вели експертот.

Куполата има топ со мазна цевка со калибар 125 мм со автоматско полнење што може да испукува ласерски наведувани проектили. Постои можност да се вгради и топ со калибар 152 мм кој пробива дури и тенковски оклоп од следната генерација.

„Разликата меѓу овие два топа е во нивната цена и потребата од едниот или другиот. Топот од 125 мм е попрецизен и постабилен од топот со калибар 152 мм. Затоа во моментов нема потреба да се поставува поскапо орудие на тенкот кое може да ги уништува сите модерни тенкови. Веројатно тоа ќе биде направено подоцна, штом странските инженери пронајдат средство против противоклопните проектили со калибар 125 мм што ги користи Т-14“, посочува експертот.

Тенкот има и повеќеслоен композитен оклоп „Малахит“. Може да издржи удар на повеќето противтенковски проектили, па дури и да ги уништи додека се приближуваат со истрелување плочки.

„Т-14 е заштитен од непријателските ракети и проектили со модерен оклоп со динамична и активна заштита. Има и електронски системи кои ги задушуваат сигналите на непријателските ракети и ги „заслепуваат“ на нивната траекторија“, вели Коротченко.

Како што истакнува тој, Т-14 „Армата“ тежи 55 тони, што значи дека е полесен од американскиот конкурент, тенкот „Абрамс“ М-1А2 (тежи 74 тони). Рускиот тенк е и побрз - развива максимална брзина од 80 км/час.

Сепак, Т-14 има и два големи недостатоци, а тоа се високата цена и комплицираното производство. „Не е можно да се создаде тенковска армада, како што беше случајот со тенковите Т-34 или Т-72. Т-14 има компјутери, навигациски системи и системи на оклоп, користи и различни видови на камуфлажа за да се скрие од инфрацрвениот спектар и радарот. Русија ќе добие ограничен број тенкови Т-14, а потоа ќе им ја понуди оваа машина на своите сојузници“, вели Леонид Ивашов, генерал-полковник во пензија и доктор на историски науки.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња