АКТУЕЛНО: Почнува сериското производство на тенкот од новата генерација Т-14 „Армата“

Shutterstock
Покрај извонредните перформанси во однос на неговата огнена моќ, оклопната заштита и подвижноста, тенкот од новата генерација ќе има и средства за електронско војување, а благодарение на современите комуникациско-информациски системи, тој ќе има и функција на мобилен команден пункт преку кој ќе може да се управува со поголем број оклопни возила. (основни борбени тенкови, БВП, ОТ). Во подготовка е и извозна верзија на тенкот, за која постои голем интерес во светот.

„Следната година ќе ги завршиме сите државни тестирања. Значи, наредната година, основниот борбен тенк од новата генерација „Армата“ може да тргне во сериско производство“, изјави за рускиот портал ТАСС првиот човек на рускиот Минпромторг (Министерство за индустрија и трговија) Денис Мантуров.

Извори од руското Министерство за одбрана кон крајот на февруари годинава за домашните медиуми соопштија дека тенкот од новата генерација ќе биде опремен со таква опрема што на бојното поле ќе претставува мобилен штаб. Имено, благодарение на бројните технолошки подобрувања, командирот на основниот борбен тенк Т14 „Армата“ ќе може преку автоматизиран вмрежен систем да командува во реално време со неколку индивидуални оклопни возила. На тенкот ќе бидат интегрирани и најмодерни системи за електронско војување кои ќе овозможат негова заштита (како за него, така и за другата техника што се наоѓа под неговиот „заштитен чадор“) од непријателска авијација и современо противтенковско оружје.

Како што пренесува рускиот веб-портал „Известија“, овој тенк пред извесно време беше претставен за прв пат на една военотехничка изложба надвор од границите на Руската Федерација. Тоа беше меѓународниот саем за оружје и воена техника IDEX-2021 што се одржува во Абу Даби (ОАЕ).

Според главниот конструктор на Уралското конструкторско биро (УКБТМ) Андреј Терликов, сериското производство и испораката на основните борбени тенкови од новата генерација Т-14 „Армата“ ќе започне во 2022 година. Покрај тоа, Терликов рече дека концернот „Уралвагозовод“ (УВЗ) ќе ја намали производната цена на тенкот кога тој ќе влезе во сериско производство. Според него, вредноста на договорот потпишан помеѓу концернот УВЗ и Министерството за одбрана на РФ е прифатлива за обете страни. Реалната цена на резервоарот ќе биде израмнета во третата година од неговото сериско производство.

Покрај опремувањето на руската армија, овој тенк има и голем извозен потенцијал. Специјалната извозна модификација на тенкот веќе се разработува и наскоро ќе биде готова. Истовремено се работи на организација на напреден вид обука за најдобрите тенкисти во единиците на руската армија, кои ќе бидат специјализирани за управување со основните борбени тенкови од новата генерација Т14 „Армата“. Во план е првиот контингент тенкисти да започне да ја посетува оваа обука во септември оваа година. Покрај стандардната верзија на тенкот, курсантите ќе бидат обучени да управуваат со сите варијанти на оклопните борбени средства што ќе бидат изградени на мобилната гасенична шасија на семејството „Армата“.

Основниот борбен тенк Т-14 „Армата“ практично по сите карактеристики ги надминува сите тенкови што сериски се произведуваат во Русија, но и во странство. Неговата главна борбена карактеристика е навистина високиот степен на заштита, која се состои од пасивна и активна оклопна заштита, која според квалитетот нема тековен пандан во светот, потоа одличната подвижност и проодност, како и големата огнена моќ.

Основното вооружување на тенкот е новата генерација тенковски топ со калибар од 125 мм, со перспективна муниција и дигитализиран систем за управување со огнот. Сите „работни“ места каде што се членовите на екипажот се покриени со видеокамери и други сензори. Исто така, при неговата изградба е употребена технологијата за редукција на термичката и радарската рефлексија на тенкот, со што се добија високи „стелт“ карактеристики на тенкот.

Главната намена на овој тенк е зголемување на ударната моќ на оклопно-механизираните единици на руската војска, борба против тешкооклопни непријателски цели на непријателот, негови фортификациски елементи во рамките на фронтот и утврдена жива сила.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња