Како Сталин ја сочува руската кирилица

Сталин кирилизацијата на неруските култури во СССР ја гледал како дел од изградбата на можна социјалистичката држава, што подразбирало враќање на некои норми и сфаќања од царскиот период. Извор: РИА Новости

Сталин кирилизацијата на неруските култури во СССР ја гледал како дел од изградбата на можна социјалистичката држава, што подразбирало враќање на некои норми и сфаќања од царскиот период. Извор: РИА Новости

Руското писмо за време на својата историја доживеа две големи реформи. Првата ја спроведе Петар Велики во 18 век, а втората болшевиците во 1917 година. Но, малкумина знаат дека за малку ќе била извршена уште една, многу порадикална: во раниот советски период сериозно се работело на реализацијата на уште една радикална преобразба – латинизација.

Дискусиите за тоа кое писмо треба да се користи во рускиот јазик започнале уште од времето кога Петар Велики наместо црковната азбука ја вовел таканаречената граѓанска кирилица. Многумина научници со западна ориентација сметале дека царот-реформатор, кој имал намера да го преобрази рускиот начин на живот според европскиот, како крајна цел на реформата на писмото го имал воведувањето на латиницата. Но, тоа не се случило.

Старата идеја во духот на Светската револуција

Но, сепак, проектот за латинизација на руското писмо повторно станала актуелна во годините по Октомвриската револуција од 1917 година, зашто одлично се вклопувал во концептот на Владимир Ленин и на Лав Троцки за создавање универзална пролетерска култура во согласност со нивните планови за советска револуција, која, како што сметале тие, требала да се случи. Според мислењето на народниот комесар на СССР за просвета Анатолиј Луначарски, латинското писмо на „пролетерите од сите земји“ би им го олеснило учењето на рускиот јазик: „Секој макар и малку културен човек чувствувал потреба или бил свесен за потребата неугледната предреволуциска азбука, оптоварена со разно-разни застарени историзми, да се поедностави“.

Раните болшевици сметале дека латинското писмо на странските пролетери би им го олеснило учењето на рускиот јазик.

Ленин, сепак, не брзал со воведувањето на латинското писмо во рускиот јазик. „Ако забрзано почнеме да создаваме нова азбука или ако забрзано ја воведеме латиницата, која задолжително ќе мора да се прилагоди на нашиот јазик, можеме да направиме многу грешки и да создадеме одвишно место на кое ќе навали критиката за тоа дека сме варвари итн. Не се сомневам дека ќе дојде време кога руското писмо ќе биде латинизирано, но би било непромислено сега да се дејствува на брза рака“, му одговорил во една пригода тој на Луначарски во лична преписка.

Народниот комесаријат за просвета на чело со Луначарски сепак спровел голема реформа: од руската азбука се исфрлени неколку букви кои се оценети како одвишни (на пример, исфрлени се буквите „i“, „ѣ“ и „Ѳ“, зашто обележувале исти фонеми како „и“, „е“ и „ф“) и редуцирана е употребата на буквата „ъ“ (зашто пред Револуцијата таа се пишувала на крајот на зборовите што завршувале со тврда согласка). Треба, меѓутоа, да се истакне дека болшевиците во својата реформа ги искористиле идеите кои биле подготвени уште во Императорската академија на науките во 1904, 1912 и 1917 година, за време на владеењето на царот Николај Втори.

Народниот комесар за просвета Анатолиј Луначарски и Владимир Ленин ја гледале латинизацијата на рускиот јазик како дел од еден поширок процес на придвижување на Светската револуција. Извор: РИА Новости.

Но, болшевиците и лингвистите кои им биле лојални не сакале да се откажат од идејата за латинизација. Советската власт во центарот и по регионите тежнеела за ова прашање да придобие што повеќе поддржувачи и затоа со сета сила демонстрирала подготвеност на народите од Русија да им даде максимална слобода, па дури и слобода за избор на сопствено писмо. Руското писмо не било добро прилагодено „на движењето на окото и на раката на современиот човек“ и како такво било прогласено за „надмината класна графика од 18-19 век на руските спахии-феудалци и на руската буржоазија“ и „за графика на апсолутистичкиот оглав, на мисионерската пропаганда и на великорускиот национал-шовинизам“. Било планирано од руската азбука, од тој „носител на русификацијата и на националниот оглав“ во служба на „царизмот и православието“, најпрво да се ослободат православните несловенски народи од поранешната империја, кои веќе имаат писменост на кирилица (на пример Комите, Карелите итн.): „Преминувањето на латиница конечно ќе ослободи маса трудбеници од секое влијание на предреволуционерниот печат со буржоаско-национална и верска содржина“, се вели во записникот на заседанието на една комисија за латинизација. Истовремено било планирано на латиница да преминат и јазиците на сите муслимански народи на СССР кои користат арапско писмо (со цел ликвидација на „коранската писменост“ и на „последиците од исламското верско образование“), како и јазиците кои имале свои автентични писма: грузискиот, ерменскиот, калмичкиот, бурјатскиот и други.

Латиницата и „коренизацијата“

Кога во 1922 година беше завршена Руската граѓанска војна, во Советскиот сојуз се покрена јазична кампања од огромни размери, таканаречена коренизација, во чии рамки секому, дури и на најмалиот народ му е дадено правото да го користи мајчиниот јазик во сите сфери на новиот социјалистички живот.

4 факти за советската латиница

 

1. Проектот за латинизација на советските јазици започнал уште во 1921 година во Азербејџанската ССР, со заменување на арапското писмо од азербејџанскиот јазик со латиница. Нему сродниот турски јазик преминал на латиница дури во 1928 година. Од 1926 до 1927 година во престолнината на Азербејџан, Баку, одржани се неколку конгреси на кои научници-турколози и други лингвисти развиле унифицирана латинска азбука за другите советски јазици кои користеле арапско писмо.

2. Писмата на 50 од 72 јазика на Советскиот Сојуз кои за време на проектот имале свое писмо биле пренесени на латиница. Новиот писмен систем за јазиците без свое писмо бил правен директно на латиница.

3. Грузискиот, ерменскиот и јидиш никогаш не биле ниту латинизирани ниту кирилизирани, иако проекти за латинизација на овие јазици биле подготвени.

4. Неопходноста од латинизација на белоруското и на украинското писмо никогаш не била истакнувана, најверојатно зашто латинските верзии за овие јазици биле премногу слични ја оние од буржоаска Полска, еден од првите и најголеми непријатели на Советска Русија.

 

 

Новата власт издвојувала огромни средства за создавање писма, речници и учебници, како и за обучување наставен кадат, зашто целосна јазична автономија добиле дури и селските совети, најмалите територијални единици (со 500 и повеќе жители!), по што на картата на СССР се појавија мноштво чудни национални и јазични ентитети. Така на пример, во 1931 година на територијата на Украинската Советска Социјалистичка Република покрај украинските, руските, еврејските и други национални селски совети постоеле на 100 германски и 13 чешки, па дури и еден шведски (!) селски совет. Во најкус рок е создадена унифицирана латиница за десетина народи на СССР кои немале свое писмо, а потоа брзо и директно е воведена во употреба на локално ниво. Книгите, периодиката и официјалните документи биле печатени со новото писмо. Латиницата на почетокот од триесеттите години од минатиот век сосема го потиснала арапското писмо кај сите муслимански народи на Советскиот Сојуз, како и многу кирилски писма на несловенските народи и традиционалните писма на монголските народи (на Калмиците и Бурјатите). Може да се каже дека сиве овие напори имале и позитивен ефект, а тој се огледал во укинување на неписменост и во ширењето на основното образование кај сите народи на СССР во најкус можен рок.

Рускиот јазик како столб во изградбата на социјализмот

Но, наскоро ситуацијата почнала мошне брзо и коренито да се менува. Јосиф Сталин станувал сè повлијателен во партиските кругови и набргу сета власт била во неговите раце. Тој имал свое видување за развојот на советската држава. Тоа се разликувало како од ставот на самиот Ленин како предводник на Револуцијата, така и од ставовите на подоцнежните „леви“ сталинови опоненти, Лав Троцки, Лав Каменев и Григориј Зиновев. Сталин бил многу помалку воодушевен од идејата за верижна светска револуција. Тој сметал дека е многу пореално да се создаде можна социјалистичка држава на територијата на поранешната империја и, по можност, во нејзините претходни граници. Оттаму е и логично тоа што во Советскиот Сојуз од почетокот на триесеттите години од минатиот век започнува делумна реставрација на многу појави, норми и општествени односи од времето на царска Русија, и што многу револуционерни новини биле прогласени за „левичарско претерување“ и за „троцкистичка линија“. Освен тоа, светската криза диктирала свои услови: требало да се намалат трошоците од постојаните реформи и огромните трошоци за издавање на рехабилитираното наследство и на новите советски класици на ново писмо.

На почетокот на четириесеттите години од минатиот век од проектот за заменување на писмата на јазиците на народите на СССР со латиница останале само латинските машини за пишување, направени во големи количества во Казањ. Извор: Alamy / Legion Media.

Комисијата за преминување на латиница на чело со професорот Николај Јаковлев во јануари 1930 година подготвила три финални проекта за латинизација на рускиот јазик, за која за време на народниот комесар за просвета Луначарски (1917-1929) се сметало дека е неизбежна. Но, Политбирото на чело со Сталин категорично ги отфрлило овие проекти и забранило во иднина напорите и средствата да се трошат на такви потфати. За многумина оваа одлука била сосема неочекувана. Подоцна во неколку јавни настапи Сталин ја нагласувал важноста од учење руски јазик за идната изградба на социјализмот во Советскиот Сојуз, а од 1936 година започнало масовното враќање на кирилското писмо кај оние јазици кај кои тоа било заменето со латинско, со цел јазиците и народите на Советскиот Сојуз да ѝ станат што поблиски на руската култура. За латинските писма било речено дека „не одговараат на духот на времето“ или дури и дека се „саботажни“. Набрзо насекаде била укината разгранетата јазична автономија која толку бујно цутела во раниот СССР, отстапувајќи му го местото на „рехабилитираниот“ руски јазик, а на 13 март 1938 година издаден е указ од Централниот комитет на Сесојузната комунистичка партија (на болшевиците) „За задолжително учење на рускиот јазик во училиштата на националните републики и во областите“. Оние интелектуалци во народите на СССР кои се спротивставиле на „кирилизацијата“ и на јакнењето на улогата на рускиот јазик биле изложени на репресии.

„Величествениот руски јазик“

Процесот на кревање на значењето на рускиот јазик и на рускиот народ во времето на Сталин „зафати залет“ во триесеттите години од минатиот век, а во годините на Втората светска војна за сите граѓани на СССР знаењето на рускиот јазик станало нешто што апсолутно се подразбира.

По завршувањето на војната во 1945 година била издадена прочуената книга на академикот В. В. Виноградов „Великиот руски јазик“, во која авторот во автентичен дух на публицистиката од царскиот период истакнува дека „сите сфаќаат колку е рускиот јазик величествен и моќен. Ова сфаќање длабоко се врежало длабоко во свеста на сите народи и на целото човештво“.

Сталин ја потенцирал важноста од учењето руски јазик за понатамошна изградба на социјализмот во Советскиот Сојуз.

Рускиот јазик кон крајот на четириесеттите години од минатиот век добива сосема ново значење во светот, какво што немал за сета своја историја: тој станува еден од работните јазици на ОН, а потоа и работен јазик на СЕВ и задолжителен странски јазик во училиштата и во универзитетите на сите социјалистички земји.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.