Фотографија од слободни извори
Велигденска салата
Извор: Lori / Legion Media |
Да започнеме од предјадењата. Во Македонија за време на Велигден веќе наголемо се продава свеж зеленчук. Затоа на велигденската трпеза се наоѓа салата од марула, салата од краставички и домати, украсени со родква, компир-салата – со еден збор, разновидни свежи салати. Но, во Русија сезоната на свеж зеленчук во овој период е сè уште далеку, па затоа се прават салати со разни видови дресинг, најчесто мајонез. Најпопуларна за овој празник е велигденската салата.
Подготовка
За подготовка на оваа салата потребно е:
2 пилешки копана
3 варени компира
2 варени моркова
4 тврдо варени јајца
1 грст суви сливи
1 грст ореви
100 грама кашкавал
мајонез
Копаните се варат, месото се одделува од коската и се сечка на ситни коцки. Морковот и компирот се рендаат. Варените јајца се чистат и се одделуваат жолчките од белките. Сувите сливи се преливаат со зовриена вода и се оставаат десетина минути, а пота се цедат и ситно се сечкаат. И оревите се сечкаат ситно. Кашкавалот се ренда. Потоа состојките се редат во слоеви, а помеѓу нив се додава мајонез – најпрво компирот, потоа, месото од копаните, па модрите сливи, потоа оревите, па белките, врз нив морковот, па кашкавалот и на крај се редат жолчките. Слоевите по потреба се посолуваат и врз нив се наросува мелен црн пипер. На крајот салатата се премачкува со мајонез и се украсува.
Курник
Фотографија од слободни извори
За Велигден Македонците традиционално печат јагнешко месо, кое во овој период се појавува во локалните месарници. Во Русија, пак, на велигденската трпеза се служи риба, телешко и пилешко месо. Но, традиционално се подготвува курник, кој претставува пита полнета со месо и, секако, со велигденскиот симбол – јајца.
Подготовка
За подготовка на ова јадење потребно е:
За тесто:
350 грама брашно
90 милилитри масло
1 лажица шеќер
1 јајце
75 милилитри млеко
2 лажици павлака
1 чајна лажичка сол
1 чајна лажичка сода
За зајре:
700 грама пилешко месо
350 грама шампињони
5 тврдо варени јајца
1 чаша ориз
½ китка магдонос
За сос:
2 лажици путер
1 лажица брашно
½ чаша павлака за готвење
2 жолчки
Сите состојки за тестото ги месиме, сè дури не добиеме меко тесто. Откако ќе стаса, го делиме на четири дела. Три дела ги замесуваме и од нив растегнуваме голема кора, која ја ставаме во длабока тепсија. Ви советуваме да ги користите длабоките земјени тепсии, што ги има во секој македонски дом. Од преостанатото тесто развлекуваме кора со која потоа ќе ја прекриеме питата. Пилешкото месо го вариме 30-40 минути дури не стане меко и додаваме сол. Потоа го процедуваме и го сечкаме на коцки. Потоа го подготвуваме сосот. Во посебно тенџере го растопуваме путерот, па во него го додаваме брашното. Мешаме дури не добиеме густа смеса. Потоа додаваме две чаши од течноста во која се вареше месото, па ја додаваме павлаката за готвење. Откако смесата ќе се згусне ги додаваме двете жолчки. Потоа овој сос го мешаме со свареното и исечкано пилешко месо. Шампињоните ги пропржуваме десетина минути. Оризот го вариме со три чаши вода. Откако ќе се свари оризот во него додаваме 3 ситно сечкани варени јајца и ситно сечканиот магдонос. Смесите во слоеви по половина ги нанесуваме врз кората во тепсијата. Постапката ја повторуваме уште еднаш. На крајот редиме 2 варени јајца исечени на тркалца. Потоа прекриваме со малата кора. Одозгора правиме мали отвори (обично во вид на крвчиња), за да може да излезе пареата. По желба премачкуваме со разматена жолчка. Курникот го печеме 40 минути во загреана рерна на 220 степени.
Десерти
Извор: ИТАР-ТАСС |
Во Македонија како десерт за празникот обично се подготвуваат баклави или, пак, кадаиф, а поретко се прават торти. За Велигден во Русија се подготвуваат и две слатки јадења. Едното се служи наутро за појадок, а второто за ручек. Ви препорачуваме да ги подготвите обата руски велигденски десерти, зашто се навистина прекрасни.
Кулич
Куличот е вкусен козинак кој е задолжителен за секој дом што го слави Велигден. Од дамнина ова слатко јадење било присутно за празникот во секој дом. Се верувало дека додека се подготвува тестото за куличот, во просторијата никој не смее да влегува и да излегува, не треба да се треска со вратата, а самото тесто е најдобро да се одмора неколку часа на мека перница.
Подготовка
За ова слатко јадење потребно е:
½ литар млеко
10 јајца
350 грама путер
½ килограм шеќер
½ кафена лажичка сол
1 лимон
1 портокал
1 кафена лажичка морско оревче
2 кесички ванилин шеќер
100 грама свеж квасец
200 грама суво грозје
2 чаши шеќер во прав
1.5 – 2 килограми брашноПодготовката започнува навечер. Од две јајца ги делиме белките и ги ставаме во фрижидер. Останатите јајца ги кршиме, додаваме сол и ги оставаме до изутрина. Во топло млеко го раствораме квасецот, додаваме една лажичка шеќер, 5 лажици брашно и го ставаме на топло место за да стаса. Путерот го топиме. Во јајцата додаваме шеќер, го додаваме растопениот путер, додаваме морско оревче и ванилин шеќер. Лимонот го рендаме цел, а од портокалот само кората. Лажичка лимонов сок оставаме за глазурата. Откако квасецот ќе стаса го ставаме во голем сад, додаваме 1.5 килограми брашно, сокот од лимон и кората од портокал и месиме тесто. Потоа го додаваме сувото грозје. По потреба додаваме брашно. Тестото го премесуваме двапати. На крајот го ставаме во подмачкани калапи и го печеме на 200 степени во загреана рерна. Потоа ја подготвуваме глазурата. Двете белки што ги бевме ставиле во фрижидер ги матиме и постепено го додаваме шеќерот во прав. На крајот го додаваме и сокот од лимон. Со оваа глазура ги премачкуваме куличите.
Запомнете: куличот се сече попреку, а не надолж, а делот со глазурата служи како капак, за да не се засуши колачот.
Пасха
Велигден на руски се вика Пасха, па оттука и називот на овој десерт кој е задолжителен по празничниот ручек.
Извор: Lori / Legion Media
Подготовка
За овој десерт потребно е:
400 грама несолена урда
100 грама растопен путер
1 чаша шеќер
½ чаша павлака
2 јајца
¼ чаша млеко
1 кесичка ванилин шеќер
1 грст суво грозје
Јајца се матат, па се додаваат шеќерот и млекото. Сето тоа се меша и се вари дури да зоврие. Потоа се додава растопениот путер и сè убаво се мати. Во смесата се додаваат урдата, павлаката и ванилата и се меша. Се додава и сувото грозје. Во калап се става газа и врз неа се истура подготвената смеса. Одозгора се става некој потежок сад за притисок, па се остава неколку часа во фрижидер, сè дури не истече течноста. Потоа смесата се префрла на чинија и се украсува по желба.
Се надеваме дека со овие рецепти ви ја доловивме руската велигденска трпеза и ви понудивме нови јадења кои ќе се најдат и на вашата трпеза!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче