Путин: Кој има повеќе деца, ќе плаќа помал данок

Kremlin Pool /Global Look Press

Претседателот на Русија Владимир Путин при годишното обраќање до Федералното собрание го формулираше новиот принцип на државата: „повеќе деца – помали даноци“.

„Мора да биде намалено даночното оптоварување на семејствата, принципот треба да биде многу едноставен: повеќе деца – помали даноци“, изјави Путин.

Тој предложи да се намали данокот на недвижнини за семејствата со повеќе деца и дополнително да се ослободат од данок 5 квадратни метри во стан и 7 квадратни метри во куќа за секое дете.

Шефот на руската држава исто така предложи семејствата со деца да се ослободат од плаќање данок на недвижнини за парцели со површина до шест ари.

„Што се однесува до земјишните парцели кои им припаѓаат на семејства со повеќе деца, предлагам во целост да се ослободат од данок шест ари земјиште и да не се оданочуваат парцелите кои по површина се најчести“, објасни Путин.

Путин додаде дека ова олеснување ќе биде воведено на ниво на целата земја.

Покрај тоа, рускиот претседател предложи дополнителни мерки за хипотекарно кредитирање за многудетни семејства.

„Ние правевме и ќе правиме сѐ за зајакнување на семејните вредности”, рече шефот на руската држава, изразувајќи увереност дека на преминот од 2023 во 2024 година Русија ќе успее повторно да постигне позитивен природен прираст на населението.

Од 1 јануари 2020 година е неопходно да се зголемат исплатите за прво и второ дете на двојна вредност на минималните примања, рече Путин.

Според рускиот претседател, треба да се укинат ограничувањата на роковите кога се работи за поволни хипотекарни кредити за семејствата со деца. Новата програма за поволни хипотеки за семејствата со деца веројатно ќе опфатат 600 илјади семејства.

„Земајќи ја предвид стабилноста на макроекономската ситуација во земјата и растот на приходите на државата, сметам дека е можно да се воведе дополнителна мерка за поддршка на семејствата во кои се раѓа трето и наредно дете. Конкретно, директно од федералниот буџет може за такво семејство да се отплатат 450 илјади рубли од неговиот хипотекарен кредит“, изјави Путин.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња