Кој Романов сега има право на рускиот престол?

Алексеј Деничев/Sputnik
Кога на 2 март 1917 година беше урната монархијата, некои претставници на царското семејство Романови успеаја да најдат засолниште од болшевиците во странство. Оттогаш постојат неколку потомци на Романови кои за себе тврдат дека тие се наследниците на рускиот престол кој не постои. Расправите на оваа тема сè уште не стивнуваат.

Правнукoт на великиот кнез Кирил Владимирович, првиот Романов во прогонство, кој по смртта на царот Николај Втори се прогласи себеси за „император“ е роден во 1981 година. Негова мајка е Марија Владимировна Романова, а неговиот татко е прускиот кнез Франц Вилхелм. При раѓањето го добил името Георгиј.

Марија Владимировна Романова,

Кнезот Василиј Александрович, кој тогаш бил на чело на Асоцијацијата на семејството Романови, изјави: „Среќниот настан во пруското кралство семејство не се однесува на семејството Романови, зашто новородениот кнез не припаѓа на рускиот императорски дом, ниту на семејството Романови“. Зошто биле толку лути?

Великиот кнез со црвена лента

Кирил бил внук на Александар Втори. Тој на 31 август 1924 година се прогласи себеси за император Кирил Први и со тоа предизвика гнев кај останатите членови на семејството Романови кои сметале дека тој нема право на тоа.

Великиот кнез Кирил Владимирович

Осудувајќи ја ваквата одлука, тие истакнале дека Кирил учествувал во Февруарската револуција во 1917 година и оти на тој начин ја прекршил заклетвата што му ја положил на царот Николај Втори. Како командир на единицата на Царската гарда Кирил на 1 март 1917 година влегол во зградата на Државната дума (Парламентот) со императорски еполети и иницијали, и со црвена лента преку палтото, и се заколнал дека тој и неговата гарда ќе им бидат верни на рускиот народ и на Думата. Но, тоа не е она поради кое најмногу му замериле.

Имено, Кирил го прекршил рускиот закон за наследство на династијата откако се оженил со својата братучетка од тетка си, принцезата Викторија Мелита од Сакс-Кобург. Царот Николај Втори не го одобрувал тој брак, а жената на Кирил не го примила православието, по што царот му ги одзел на Кирил правата да се смета себеси за припадник на домот на Романови. Оваа одлука на царот била држена во тајност за да не предизвика бурна реакција кај јавноста. Кога Викторија сепак го примила православието, на Кирил му биле вратени правата на член на царското семејство, но неговото право на наследство на царскиот престол не му било вратено со јасна и недвосмислена формулација. Во секој случај, императорот не го одобрувал тој брак во моментот на неговото склопување.

Великиот кнез Владимир Кирилович Романов

По смртта на Кирил неговиот син Владимир (1917-1992) станал постар наследник на непостоечкиот престол. Тој себеси не се нарекувал „император“, но неговиот татко му го доделил звањето „велики кнез и принц“ (наследник на царскиот престол), а Владимир ја прифатил обврската да застане на чело на Домот на Романови.

Имаат ли потомците на Кирил право на престол?

Георгиј Михајлович Романов.

„Тоа што на Владимир му бил даден статусот на 'велики кнез' било кршење на руското императорско право“, вели Евгениј Пчелов, руски историчар и познат светски стручњак за генеалогија на семејството Романови. „Велики кнез можел да биде само оној кој е барем внук на кој било император, а Владимир Кирилович му бил правнук на Александар Втори. Според тоа, тој не можел да ја задржи титулата на велики кнез и престолонаследник која му ја дал неговиот татко“.

Во 1948 година, Владимир во Лозана се оженил со грузиската принцеза Леонида Георгиевна Багратион од Мухрани, а во 1969 година својата 16-годишната ќерка Марија ја прогласил за наследничка на престолот. Другите наследници на царското семејство Романови, пред сè кнезот Андреј Александрович (правник на царот Николај Први) во врска со овој настан изразиле незадоволство, тврдејќи дека Леонида Багратион не е со „еднаков благороднички род“ како нејзиниот сопруг Владимир.

Леонида Георгиевна Багратион од Мухранија

Во 1946 година Владимир на семејството Багратион од Мухрани му доделил царско достоинство, со оглед на тоа што семејството Багратион припаѓало на грузиските цареви. Евгениј Пчелов објаснува дека тоа е погрешно: „Династијата Багратион имала неколку гранки, а грузиските цареви припаѓале на императорската гранка. Згора на тоа, според рускиот царски закон од 1801 година, кога Грузија влегла во состав на Руската империја, рускиот император ја поседувал титулата 'цар на Грузија'. Според тоа, ниту една грузиска династија не можела да се третира како 'рамна' на династијата Романови. Поради тоа одлуката на Владимир од 1946 година предизвикала апсурдна ситуација“, вели Пчелов.

Испразнетиот трон

Кнегињата Екатерина Ивановна

„Само членовите на рускиот императорски Дом на Романови можат да претендираат на престолот“, додава Пчелов. „Таквите луѓе, пред сè, треба да бидат родени во рамноправен брак на потомци на царската династија. Последниот претставник на семејството Романови кој ги задоволуваше овие закони беше кнегињата Екатерина Ивановна (1915-2007), која последните години од својот живот ги мина во Уругвај. Денес ниту еден член на семејството Романови не е роден во рамноправен динстиски брак, па затоа според руското императорско законодавство, никој не може да претендира на престол“, заклучува Пчелов.

Во минатото еден од начините на решавање на ваквите ситуации бил свикување на Земскиот собор (своевиден руски парламент од 16-17 век). На пример, Михаил Романов, првиот цар од оваа династија, е избран на Земскиот собор во 1613 година. Од друга страна, овој механизам не е сосема јасен зашто руските императорски закони не ја споменуваат процедурата на свикување на Земскиот собор.

Некои научници кои се занимаваат со проучување на монархијата тврдат дека Руската империја не е официјално укината, така што технички гледано сè уште постои. Ова, сепак, не е точно, зашто на 5 јануари 1918 година на своето прво и единствено заседание Основачкото собрание на Русија ја прогласи земјата за република.

Евгенија Пчелов

И на крајот, зошто се повикуваат на рускиот императорски закон кога тој престана да важи со падот на Руската империја? Исто така престана да постои и руската монархија. Едно е извесно: ниту еден потомок на семејството Романови нема неоспорно право да претендира на непостоечкиот императорски трон.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња