Руски конструктор изнесе нови интересни детали за ударниот дрон С-70 „Охотник“

TASS
Тоа пред сé се однесува на новиот информациско-управувачки систем (скр. ИУС) кој ќе може целосно да ја преземе функцијата на оператор во случај на губење на врската помеѓу леталото и командниот центар. Основната разлика помеѓу системот ИУС и аналогните системи за пилотирање со беспилотни летала е во тоа што при неговото конфигурирање е значително применета технологијата на „вештачка интелигенција“.

Системот за управување применет кај тешкото ударно беспилотно летало С-70 „Охотник“ (мак. Ловец) може самостојно да слета на аеродромот по губење на врската со операторот кој обично управува со ова летало од земја. Ова во специјализираната тв-емисија „Военаја пријомка“, која се емитува на тв-каналот „Ѕвезда“ го кажа Сергеј Бибиков, главен конструктор на „Охотник“, кој доаѓа од компанијата „Сухој“ (дел од Обединетата воздухопловна корпорација „Ростех“).

„Системот за управување на „Охотник“ обезбедува автономен режим на работа на леталото со безбедно слетување во почетната точка на базирање. ИУС (скр. Информациско-управувачки систем) целосно ја презема функцијата на оператор во случај на губење на врската помеѓу леталото и командниот центар“, рече Бибиков, пренесува веб-порталот ТАСС.

Според него, фундаменталната разлика помеѓу системот ИУС и аналогните системи за управување со беспилотни летала е во тоа што тоа е значително заситено со „вештачка интелигенција“. „Тој (се мисли на бпл „ОхотниК“) се претвора во летало што може да функционира без оператор. Тоа е целосно свесно за брзината со која се движи, а која може да се контролира автоматски. Во овој режим на летање, тоа практично ги извршува сите функции независно, т.е. автоматски“, истакнува главниот конструктор на компанијата „Сухој“ кога се во прашање беспилотни летала.

Извор на веб-порталот ТАСС неодамна изјави дека благодарение на сегментот на вештачка интелигенција тешкиот ударен дрон „Охотник“ е во состојба самостојно да извршува борбени мисии. Тој ќе може потполно автономно да бара потенцијални цели и да оствари огнено дејство по нив. Има информации дека перспективното ударно беспилотно летало од кое руската воена индустрија очекува многу, ги имало и своите први борбено-експериментални искуства на тлото на Сирија.

С-70 „Охотник“ според различни процени ќе достигнува маса од (20) 25 тони, што е, на пример, двојно повеќе од тактичкиот ловец од четвртата генерација МиГ-29. Ќе може да оствари висока суперсонична брзина која ќе изнесува околу 920 км/час. С-70 ќе може да прелета околу 3500-6000 км и достигне висина (плафон на лет) од преку 10000 метри. Оттаму со високопрецизно оружје ќе може да уништува непријателски копнени цели и да врши операции на воздушно извидување. Процените се дека „Охотник“ ќе има способност да понесе средна до голема количина убоен товар која се движи во опсег од 2-8 тони.

Минатата година руското беспилотно летало „Охотник“ успешно ги реализираше експерименталните летови без оглед на периодот на денот или временските услови. Тоа ќе има способност да дејствува потполно самостојно или во координација со авионите-ловци од петтата генерација Су-57, како и со останатите летала со слична намена.

Дронот ќе биде направен според технологија која ќе му обезбеди мала радарска рефлексивност-видливост. Основната конструкторска база за изработка на ова летало е концептот на „летечко крило“. Убојното вооружување ќе го носи во внатрешните борбени спремници, слично како кај ловците од 5 генерација. Корпусот на беспилотниот апарат ќе биде направен од композитни материјали. Процените се дека сериското производство на ова летало и неговото воведување во оперативна употреба на руската армија (конкретно во Воздушно-космичките сили) ќе почне од 2024 година.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња