Ексклузивни фотографии од склопување на тешко ударно беспилотно летало С-70 „Охотник“ (ФОТО)

Фотографиите настанаа при денешната посета на министерот за одбрана на РФ Сергеј Шојгу на Новосибирската воздухопловна фабрика, каде се склопуваат прототипските модели на тешкото ударно беспилотно летало С-70 „Охотник“. Шојгу притоа се запозна со динамиката на комплетирање на најновиот експериментален модел на ова летало кое во однос на првобитниот модел сигурно ќе претрпи и извесни модификации, кои уште повеќе ќе ги унапредат неговите летечко-технички и тактички карактеристики.

Се претпоставува дека С-70 „Охотник“ ќе достигнува маса до 25 тони, што е, на пример, двојно повеќе од тактичкиот ловец од четвртата генерација МиГ-29. Ќе може да оствари суперсонична брзина на летање (околу 1400 км/час), додека неговата крстосувачка брзина ќе биде во границата на висока брзина која ќе се движи во вредност од околу 1000 км/ч/. С-70 ќе може да прелета околу 5000 км и достигне висина (плафон на лет) од преку 10000 метри. Оттаму со високопрецизно оружје ќе може да уништува непријателски копнени цели и да врши операции на воздушно извидување. Претпоставката е дека „Охотник“ ќе има способност да понесе до 2,5 тони убоен товар (одделни извори велат дека ударниот дрон ќе може да понесе дури 8 тони бомби и ракети).  

Леталото ќе биде направено според технологија која ќе му обезбеди мала радарска рефлексивност-видливост. Основната конструкторска база за изработка на ова летало е концепцијата на тнр. „летачко крило“. Убојното вооружување ќе го носи во внатрешните борбени отсеци, слично како кај ловците од 5 генерација. Корпусот на беспилотниот апарат ќе биде направен од композитни материјали.

И тоа не е сé - руските конструктори интензивно работат на „поврзување“ на овие беспилотни летала со повеќенаменските авиони-ловци Су-57. Според извори од военоиндустрискиот комплекс, летачката двојка која се состои од Су-57 и „Охотник“ ќе може да „покрие“ простор од неколку стотици до илјада километри. Покрај ловците Су-57, и „Охотниците“ ќе можат да носат високопрецизни убојни средства наменети за уништување на важни објекти на условниот непријател.

Руското Министерство за одбрана инсистира на интеграција на тешките беспилотни летала С-70 „Охотник“ со повеќенаменските борбени авиони од петтата генерација Су-57. Интензивно се разгледуваат варијанти за опремување на воздухопловни ловечки полкови кои ќе бидат вооружени со ловци од петтата генерација Су-57 и тешки ударни беспилотни летала „Охотник“. Како опција, на две до три ловечки ескадрили опремени со ловци Су-57 би доаѓала една ескадрила тешки ударни дронови С-70 „Охотник“. Борбените летала би дејствувале во тесно содејство, според нови тактички принципи, со широка употреба на елементи на вештачка интелигенција.

Првото заедничко тест-полетување на прототипот на ударното беспилотно летало С-70 „Охотник“ и повеќенаменскиот ловец од петтата генерација Су-57 беше реализиран во септември 2019 година. Како што тогаш објаснија од руското Министерство за одбрана, во текот на првиот лет беше извршено содејство меѓу беспилотното летало и ловецот Су-57 со цел зголемување на радарските способности на ловецот и зафаќање на непријателските цели со помош на современи средства за воздушен напад.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња