М-84: Југословенски тенк со руска лиценца

Википедија
На воената парада на 9 мај 1985 година во Белград за првпат на југословенската јавност ѝ беше претставен новиот тенк направен за потребите на југословенската армија. Тоа беше лиценцирана верзија на основниот советски тенк Т-72 во чие производство учествуваа стотина компании од цела Југославија.

Кон крајот на Втората светска војна Југославија не влезе во НАТО и не му се приклучи на Источниот блок. Како член на Движењето на неврзаните таа можеше да купува оружје и на Исток и на Запад, и тоа по релативно ниски цени. Од друга страна, оваа предност воедно беше и препрека за развојот на определени области од домашната воена индустрија. Производството на тенкови беше една од нив.

Идејата за производство на сопствен тенк се појави во Југославија пред крајот на Втората светска војна, но можеше да биде реализирана дури кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век, кога југословенската индустрија го постигна неопходното технолошко ниво. Ударната сила на тогашните југословенски тенковски единици беа советските тенкови Т-55, додека третина од вкупниот тенковски арсенал на ЈНА го сочинуваа тенкови Т-34 од времето на Втората светска војна.

Во определен момент Југославија ја согледа потребата од зајакнување на арсеналот со оклопни борбени возила и во таа насока оваа земја се обрати на СССР.

Лиценците не паѓаат од небо

Во односите на двете земји за време на студената војна се менуваа периоди на затоплување и заладување. Дури по долги преговори и интервенции на државниот врв југословенските експерти го добија тенкот кој им беше толку потребен. Тоа беше основниот советски тенк Т-72.

Мислењата на стручњаците по презентацијата беа поделени, но на крајот беше донесена одлука да се набави лиценца која на Југославија би ѝ овозможила производство на сопствена верзија на овој тенк. Конечниот договор помеѓу Тито и тогашниот лидер на СССР Леоинид Брежњев беше потпишан во 1979 година. Така Југославија доби десетгодишна лиценца за производство на 1.000 тенкови во вредност од 46 милиони американски долари.

Во 1979 година Југославија доби десетгодишна лиценца за производство на 1.000 тенкови во вредност од 46 милиони американски долари.

За тоа колку ова бил крупен проект сведочи и фактот што документацијата содржи 120.000 листови во А4 формат и е тешка 20 тони!

Југословенски индустриски проект

Тргнувајќи од тоа дека преку договорот за лиценца за производство на тенкот Т-72 во земјата е добиена само конструкциската документација (но, не за комплетното средство), без технолошка документација и податоци за оклопната заштита и специјалните материјали, и дека во тој момент веќе десет години во Советскиот Сојуз сериски се произведуваше (толку временски застари), на предлог на белградскиот Военотехнички институт во разработката се влезе со значајни модификации и подобрувања и измени на некои комплетни потсистеми. Првите четири години на овој проект беа ангажирани повеќе од 150 стручњаци на Институтот со целосно работно време, а потоа во следните три години на активностите по воведувањето во сериско производство на тенкот М-84, околу 80 стручњаци. Тие беа ангажирани за решение за мотор со поголема сила, за уредување на моторот и на преносникот на силата и други важни измени на постојната конструкција на тенкот.

Сериското производство на тенкот е започнато во 1984 година во рамките на проектот „Капела“. Во проектот непосредно учествуваа 240, а посредно 1.000 претпријатија.

Словенечкиот металуршки комбинат „Равне“ произведуваше 60% од деловите за тенковите, на пример куполите, тркалата и гасениците, додека претпријатието „Искра“ ги произведуваше ласерските далномери. Производство на вооружувањето за тенкот му беше доверено на претпријатието „Братство“ од Нови Травник во Босна и Херцеговина. Тенковите ги составуваше фабриката „Ѓуро Ѓаковиќ“ во Хрватска.

За правото на завршно производство конкурираа уште и Машинскиот институт во Ниш и фабриката „Гоша“ од Смедеревска Паланка. Според мислењето на стручњаците, сите три компании доаѓаа предвид од гледна точка на технологијата и на техниката, но Тито се решил за „Ѓуро Ѓаковиќ“ од Славонски Брод, со оглед на тоа дека Хрватска била малку ангажирана во воената програма на Југославија.

Придонесот на југословенската индустрија за проектот „Капела“ беше исклучително голем. На пример, за производство на одредени делови за тенкови претходно беше потребно да се конструира и да се направи специјална преса со сила од 30.000 тони. Тоа беше направено во Црна Гора, во Титоград (денешна Подгорица).

Новиот тенк ја доби ознаката М-84.

Југословенскиот М-84.

Руската инженерска мисла и југословенските стручњаци

Советската основа на тенкот не е променета, но во Југославија се осмислени нови дополнувања кои му овозможија на тенкот М-84 да биде подобар од оригиналот и да им стане конкуренција на западните тенкови.

Во процесот на развојот на тенкот направени се истражувања во речиси сите подрачја на работата на белградскиот Военотехнички институт, па како резултат на овие истражувања воведени се неколку стотини нови технологии и технолошки постапки, развиени се нови панцирни челици и неметали за оклопна заштита, развиени се околу четириесет специјални челици за деловите кои се многу оптоварени, неметални материјали и постапки за заштита. Воведени се домашни потсистеми и компоненти: средства за врска, сите компоненти за НБХ заштита, оптички справи и уреди, нови гасеници, современ систем за управување со оган (СУВ), повеќе стотини мали склопови и електронски компоненти. Во рамките на посебните истражувања развиен е мотор 735 кW (1.000 КS), наместо постојниот од 573кW (780 КS), а извршени се и значајни измени на потсистемите на моторот и трансмисијата. Со извршените измени тенкот М-84А се разликува од тенкот Т-72 за повеќе од 60%. Според сите важни параметри на огнената моќ, оклопната заштита и подвижноста овој тенк во тоа време беше пред сите современи тенкови во светот.

Зголемената сила на моторот го подобри односот на тежината и силата, а со самото тоа и на маневарските можности. Новина беше и ласерскиот далномер, произведен во „Искра“. Инженерите го подобрија системот за наведување и го зајакнаа оклопот. Во југословенската верзија оклопот беше композитен, а не монолитен како кај советскиот прототип. Сè на сè, конструкцијата на тенкот М-84 беше подобро осмислена од оригиналот кој масовно се произведуваше.

Моделот Т-72 кој послужи како основа за М-84.

И советските инженери ги истакнаа предностите на модернизираниот тенк кога кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век добија еден примерок за тестирање.

Советското раководство беше многу помалку воодушевено од иновациите и бараше да се запре понатамошната модернизација, но во тој момент СССР имаше премногу сопствени внатрешни проблеми за да ги спречи Југословените во усовршувањето на тенкот.

М-84 за извоз

Југославија во рамките на договорот за лиценца се обврза да не продава тенкови, но инженерите подготвија специјална верзија за извоз во Кувајт. На оваа земја ѝ беа продадени вкупно 150 тенкови М-84AB и М-84ABN и сите ѝ беа доделени на бригадата „Ал Фатах“. Југословенските тенкови не учествуваа во борбите за време на првата војна во Персискиот залив, но во исклучително тешките пустински услови беа сигурни борбени машини, зашто беа лесни, а нивното опслужување не беше многу скапо.

Кувајтскиот М-84.

Тенкот М-84 имаше огнено крштевање во татковината. Се користеше во речиси сите поранешни републики во граѓанските војни што избија по распадот на Југославија. Големи загуби беа предизвикани поради недоволна пешадиска поддршка и погрешна тактичка подготовка на тенковските единици. Овие загуби може да бидат избегнати. Во борбената примена дојдоа до израз определени технички недостатоци на тенкот што ги имаше наследени од прототипот Т-72. Имено, излезе дека тенкот не е доволно заштитен од противтенковски мини, а во уличните борби беше лесен плен за противтенковските ракети.

Последен пат М-84 има учествувано во борба во операцијата на српските вооружени сили против албанските сепаратисти на југот на Србија 1999-2001 година.

Иднината на поранешниот заеднички проект

Српскиот М-84АС.

Денес овој тенк е сè уште главната ударна сила на копнените единици на Србија, Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Србија и Хрватска во повоениот период продолжија да ги усовршуваат своите тенкови М-84. До 2020 година ќе биде завршена модернизацијата како на српските, така и на хрватските тенкови. Така овој производ на заедничката држава ќе се користи дури и по 30 години од нејзиното распаѓање.

Прочитајте уште: Југословенски „калашников“: Копија на легендата или легендарна копија?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња