Најдобриот советски тенк во Втората светска војна (ФОТОГРАФИИ)

Втора светска војна 1941-1945 г. Киевска офанзивна операција 1943. Марш на тенкови, Украинска ССР.

Втора светска војна 1941-1945 г. Киевска офанзивна операција 1943. Марш на тенкови, Украинска ССР.

Олга Ландер/Sputnik
Т-34 беше кошмар за германските трупи на почетокот на војната против Советскиот Сојуз. Понекогаш само авиони или моќни противвоздухопловни орудија можеа да излезат на крај со него.

„Тоа беше одлична машина. Вистински бисер, достигнување на техничката мисла“ - вака тенкистот Константин Шипов го карактеризира советскиот среден тенк Т-34. „Беше брз, сигурен, добро заштитен и вооружен и имаше добри маневарски можности. Затоа се сметаше дека тоа е најдобриот тенк на Црвената армија во Втората светска војна“.

Т-34-76, реон на Северен Крим, октомври 1941.

Со оглед на релативно ниската цена и едноставниот процес на производство, тенкот Т-34 беше произведен во најголем број примероци за време на војната. Во воените и првите повоени години, од советските, полските и чехословачките фабрики излегоа над 65.000 од овие борбени машини (Т-34-76 и неговата модификација Т-34-85).

Германците беа многу непријатно изненадени кога првпат дојдоа во допир со „триесет и четворката“ летото 1941 година. Советските тенкови имаа оклопни заштитни плочи дебели и по 45 милиметри и поставени под наклон, така што претставуваа незгодна цел за германски средните тенкови и противтенковски оружја. Проектилите честопати рикошетираа по сударот со оклопот на тенкот Т-34.

Склопување тенкови во Уралската фабрика за тенкови бр. 183 во Нижни Тагил 1942 година.

„Нашето најмоќно оружје во тоа време беше 3,7 cm Pak 35/36“, се сеќава подоцна германскиот тенковски ас Ото Кариус. „Со малку среќа, можевме да го погодиме Т-34 во основата на куполата (каде што куполата се спојува со телото на тенкот), така што куполата се заглавуваше. Со повеќе среќа, тенкот на тој начин беше онеспособен.. Но, тоа не беше многу охрабрувачко! Единствениот спас го гледавме во противвоздушните топови од 88 мм. Тие беа ефикасни дури и против новиот руски тенк. Затоа почнавме да ги почитуваме колегите од ПВО на кои порано понекогаш им се потсмевавме“.

За „триесет и четворката“ сигурно да биде уништена, германската техника мораше да му се пријде опасно близу, на само 500 метри. А советскиот тенк со својот топ од 76,2 мм лесно го погодуваше непријателот дури и на растојание од 1-1,5 км.

Т-34 во пламен, 1941.

Кога во близина немаше авијација и противвоздушни орудија со калибар 88 мм, Германците често применуваа специјална тактика против тенкот Т-34. Среден тенк Pz.IV се впушташе во борба со советскиот тенк додека за тоа време неколку тенкови Panzer III (Pzkpfw. III) се обидуваа да му се прикрадат на „триесет и четворката“ отстрана и да го погодат во крилото со оган од кратка дистанца, користејќи го лошиот преглед на теренот обезбеден од советскиот тенк.

Легендарното советско борбено возило беше придвижувано од моќен дизел мотор В-2 кој, во споредба со бензинските мотори на германските тенкови, имаше помала потрошувачка на гориво, беше полесен за одржување и имаше релативно добра заштита од пожар. На нерамен терен Т-34 развиваше брзина до 36 км/ч, а на автопат до 54 км/ч.

Тенкови Т-34 модификација од 1942 година во хала на „Уралмаш“ се опремуваа со најновата опрема од тоа време.

Вака тенкистот Павел Захарченко ги опиша високите маневарски способности на советскиот тенк: „Да го споредиме со „Шерман“ (M4 Sherman). Често во кривините наоѓавме еден или двајца напуштени Шермани, бидејќи на тие тенкови за свртување им требаше радиус од шеснаесет метри. Само во тој простор тој може да се сврти и да го продолжи својот пат. А на Т-34 ја притискам педалата - тој оди во еден правец, секунда подоцна повторно ја притискам - оди во друг правец“.

И „триесет и четворката“ имаше свои недостатоци. Имаше слаба прегледност, правеше голема бучава, четиристепениот менувач беше исклучително незгоден, а филтрите за пречистување на воздухот беа многу лоши. Покрај тоа, на екипажот не му беше удобно во внатрешноста на ова борбено возило поради закосениот дизајн на оклопот.

Екипаж на тенк добива борбена задача, 1942.

На првите тенкови Т-34 командирот беше и нишанџија, што исто така ја намалуваше ефикасноста на тенкот. „Ако си командир на тенк Т-34-76, тогаш самиот стрелаш, самиот командуваш преку радио, сè правиш сами“, се потсетуваше тенкистот Василиј Брјухов.

Пролетта 1942 година, Т-34-76 имаше достојни противници на бојното поле. Вермахтот ги доби модификациите „F“ и „G“ на тенковите Pz.IV кои ефикасно го уништуваа оклопот на советските тенкови на растојание од еден километар.

Куполата на Т-34 модел 1941 година со новата локација на уредот за набљудување.

Времето конечно го прегази Т-34-76 кога Германците ги воведоа во употреба средниот тенк Pz.V „Пантер“ и тешкиот тенк Pz.VI „Тигар“. Моќните германски „мачки“ лесно ги „дупчеа“ советските тенкови од големи растојанија, спречувајќи ги да се приближат.

По огромните загуби во оклопната техника што ги претрпеа советските трупи за време на Курската битка летото 1943 година, во СССР почна да се размислува за модернизација на тенкот Т-34. Така, на почетокот на 1944 година во редовите на Црвената армија се појавија тенковите Т-34-85.

Советски тенкови Т-34-85. Одеска офанзивна операција, 1944.

Новиот модел имаше петстепен менувач, а новата, пространа и поцврста купола овозможи во тенкот наместо четворица да има пет членови на екипажот, па командирот повеќе не мораше да ја извршува должноста нишанџија. Меѓутоа, најважното нешто беше опременоста на тенкот со топ со калибар од 85 мм (прво Д-5, а подоцна и ЗИС-С-53), кој им овозможи на советските тенкисти да се борат против најдобрите германски тенкови од дистанца поголема од еден километар.

И покрај оклопната заштита што беше зголемена благодарение на куполата, Т-34-85 ги задржа карактеристичните предности на својот претходник во однос на мобилноста и маневрирањето. Тоа му овозможи ефикасно да им се спротивстави на тешките и тромави „Тигри“ и „Пантери“.

Советско-јапонска војна.

Како главен тенк на Црвената армија, Т-34-85 успешно се бореше со нацистите до пролетта 1945 година, по што беше испратен на исток да се бори со Јапонците.

По завршувањето на Втората светска војна овој тенк беше во служба на четириесетина земји. Се користеше во повеќето воени конфликти во втората половина на ХХ век, каде што беше опасен противник дури и за многу помодерни борбени машини.

Арапи на стража со Т-34/85, Јемен.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња