Русите го претставија ПРЛ „Буица“ кој за две секунди истрелува двоцифрен број на ракети

Алексеј Куденко/Sputnik
Главната карактеристика на ултрамобилниот повеќецевен ракетен лансер - ПРЛ „Буица“ е употребата на тактиката „удри и бегај“ (анг. hit'n'run) во која се комбинира голем интензитет на концентриран удар врз непријателските позиции и брзо напуштање на огнената позиција.

Првпат на јавноста ѝ е прикажан новиот руски систем – повеќецевниот ракетен лансер „Сель“ (мак. Буица) кој е наменет за извршување на различен спектар на задачи кога е во прашање огнената поддршка. До далечини до 4000 метри тој може да се бори против жива непријателска сила, како и со леснооклопни борбени средства.

Може да минира одреден простор, да направи непробојна чадна завеса или да осветли цел фронт. Доколку е неопходно, овој ракетен систем може да се искористи за наведување на авијацијата и артилериско-ракетните сили (маркирање на теренот) но и за создавање на пасивни електронски пречки со помош на специјална муниција.

Таквата универзалност се обезбедува со примена на 80-милиметарски ненаведувани ракетни зрна С-8, со различен тип на применетата боева глава и намена: од кумулативно-распрскувачки и разорни, па сѐ до чадни и осветлувачки.

На воено-техничкиот саем „Армија-2018“ овој систем е прикажан на база на шасијата на автомобилот УАЗ „Карго“, развиен од инженерите на научно-техничкиот центар „Заслон“. Треба да се напомене дека лансирните модули со ракетите можат да се применат и на други типови на платформи со тркала или гасеници, вклучувајќи ги и оние со кои се управува далечински – роботите. Исто така, овие модули можат да се монтираат и на речни и морски бродови.

Целата тежина на пакетот со десет лансирни цевки не надминува 350 кг. Едно возило носи четири специјално проектирани ракетни модули со вкупно 40 ракети. Комплетното лансирање на сите десет проектили од еден модул трае две секунди. Посадата која го опслужува оружјето се состои од два војника.

Како што забележуваат воените експерти, примената на воздухопловни ненаведувани ракетни зрна од копнени борбени системи сѐ повеќе станува нормална појава. Такво вооружување се користеше уште во Авганистан додека таму се наоѓаше советски воен контингент. Потоа импровизираните повеќецевни ракетни фрлачи „блеснаа“ во вооружените конфликти кои се случија на тлото на поранешниот СССР. Ни судирите во Сирија и Либија не поминаа без нивна употреба.

Покрај проектот „Буица“, рускиот воено-индустриски комплекс работи и на проектот „мини-град“ кој ќе биде монтиран на платформата на оклопниот автомобил „Тигар“. Тој ќе биде способен да носи ракетен модул со 20 ракети калибар 81/105 мм, со ефикасен дострел до 10000 метри.

Прочитајте повеќе: На саемот на воена техника „Армија-2018” претставен модернизираниот „Пеницилин”

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња