Зошто во Русија не ги сакаат московјаните и дали е Москва држава во држава?

Legion Media
Жителите на руската провинција се убедени дека во главниот град живеат некои луѓе кои не предизвикуваат никакви симпатии. И ако ги прашате што направиле Московјаните та толку ѝ се замериле на целата земја, ќе го добиете истиот тој одговор.

Московјаните се трошаџии

„Живеат во станови под хипотека како робови. Сѐ им е на кредит: автомобилот, Ајфонот, одморот, облеката. И не престануваат да се фалат. Фрлаат милиони на реновирање на станот. Јадат супер-био храна. Сѐ им е „крафт“. Фризери, козметолози... За плата од 100000 рубли (околу 1400 евра) велат „може да се преживее“. Па тие немаат поим што е живот!“

Најболната точка за оние кои не живеат во Москва се платите и потрошувачката кошничка на московјаните. „Тоа е неправда“, негодуваат. Просечната плата на еден жител на Москва во 2017 година изнесуваше 64000 рубли, односно 900 евра (а ветено е дека во 2018 ќе скокне до 67000 рубли или 960 евра). Додека просечната плата во Псков (730 км северозападно од Москва) е 21669 рубли или 310 евра, а во Волгоград (970 км југоисточно од Москва) е 1000 рубли или 14 евра поголема од онаа во Псков.

„Но и животот во Москва е поскап! Поскапи се становите, храната, транспортот... Сето тоа е неспоредливо“, ќе одговорат московјаните. Вистина, жител на Москва лесно може да издвои 50000 рубли или 720 евра за годишна карта за вежбална или јога и за два месеца не може да се сети каде ја оставил. Многу московјани навистина се однесуваат така. Во земја во која 22 милиони жители живеат под прагот на сиромаштијата, луѓето од провинција не можат да го сфатат таквиот однос спрема парите. Ниту можат да ја сфатат цената на лебот без глутен од 549 рубли, т.е. 8 евра, затоа што лебот во регионите чини околу 35 рубли или половина евро.

Вообразени и препотентни

„Јас не сум од Москва. Јас сум од периферијата и таму секој ќе ви каже дека московјаните, се разбира, се полни со го...а. Се занесуваат, не умеат да возат. Се однесуваат небаре сите им се должни само затоа што се московјани. Злобни се, вообразени и препотентни.“

Поради некои причини се смета дека во главниот град на Русија живеат луѓе кои не заслужуваат симпатии, кои едвај чекаат прилика да ве продадат и вас и своите пријатели и родената мајка. Московјаните исто така се и снобови. На прашањето зошто жителите на главниот град се такви, провинцијата има два дежурни одговора: 1) разгалени се; 2) не ги сакаат сите оние кои не личат на нив.

Самите московјани за себе велат дека се „едноставни, тивки и самоуверени луѓе“ и дека токму дојденците не умеат да се однесуваат. „Токму оние кои штом ќе купат стан почнуваат да се претставуваат на социјалните мрежи како стари московјани. Почнуваат да го караат градоначалникот, возат „кар шеринг“ коли, не почитуваат никакви правила, но затоа имаат важен израз на лицето“

Живеат од нашите пари

„Москва е паразитот на Русија, Москва им ја пие крвта на регионите“.

Во некоја смисла, Москва навистина живее на сметка на целата држава. Овде се мнозинството финансиски, човечки и интелектуални ресурси. Во Москва доаѓаат даноците од целата земја.

И иако нивото на живот на просечниот московјанин е повисоко од она на кое може да смета еден жител на провинција, московјанинот ќе рече: „А каква врска имаме ние со вашите проблеми? На кој начин ви ги крадеме парите?“

Московјаните се сепарираат

„Тоа е држава во држава“

Цената на становите е она што најмногу го плаши оној кој сака да се пресели во главниот руски град. Цената на еден квадратен метар во Москва се движи од 1700 до 5300 евра во зависност од делот на градот. Тоа е двапати поскапо од цените во Санкт Петербург и речиси 6 пати поскапо од цените во сите останати руски милионски градови.

Предизвикува омраза и фактот што некои московјани наследуваат станови и автоматски стануваат имашни луѓе. Луѓе кои не мораат во животот да работат ништо и живеат од кирија. На многу доселеници им останува само да мечтаат дека ќе станат сопственици на московски стан. Можеби во друг живот, и тоа ако се родат како московјани!

Некои мислат дека московјаните на таков начин се бранат од наезда на провинцијалци, за кои всушност ништо и не знаат. Понекогаш е навистина така...

„Кога сме веќе кај тоа, се сеќавам на училишниот атлас. Си го замислував Урал како огромен ѕид кој се крева до небото, ја дели земјата (како во серијата „Игра на тронови“), а зад ѕидот живеат варвари“, пишува еден московјанин на еден форум.

Прочитајте зошто некои сметаат дека Москва може само да се сака

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња