Кој е подобар: Москва или Њујорк?

Со оглед на фактот дека извесно време живеев и во двата града, ги гледам предностите и недостатоците и на едниот и на другиот. Сепак, не е лесно да се определи каде луѓето се посреќни и каде повеќе уживаат во животот. Затоа решив да ги споредам.

Можеби нема да ми верувате, но овие два града имаат многу сличности. Еве неколку од нив.

Њујорк и Москва никогаш не спијат 

Кога ќе видам голема турканица во Вилиемсбург во ред да се купи сладолед на полноќ, тоа воопшто не ме зачудува. Прво, сè уште е рано, а второ, во Москва во ова време можете да купите чевли, сосема нов автомобил или, пак, разгледница во книжарницата на Тверскаја улица. 

Најголемиот број луѓе трошат сè што ќе заработат 

Не е важно што платите во Њујорк се двојно повисоки од оние во главниот град на Русија – цената на сè, почнувајќи од храната па до сместувањето, е исто така за 50-60 проценти повисока. Но, најважно е тоа дека постојат многу искушенија на кои можете да ги потрошите сите заработени пари: прекрасни претстави, фини ресторани, убава облека и можности за образование. Во обата града поголемиот број луѓе го трошат сето она што ќе го заработат во потрага по американскиот сон или по московскиот живот. Понекогаш посакувам да живеам во мало гратче во Тексас. 

Лути и нервозни луѓе на улиците 

Кога неодамна една огромна жена ме удри со торбата додека излегуваше од банка и ми кажа „иди у к...ц“, не бев изненаден. Израснат сум во Москва. Глупави работи се случуваат и секогаш сум подготвен да се соочам со она што го носи денот. 

Би било преблаго да се каже дека во Москва некои работи се подобри од Њујорк. Всушност, тие се неспоредливо подобри. 

Во Москва луѓето навистина се грижат за вас 

Можеби Русите се пољубопитни од њујорчаните кои секогаш брзаат и мислат само на себе. Можеби московјаните се едноставно загрижени за она што се случува околу нив. Не ја знам вистинската причина, но тие се грижат за другите луѓе. Секако, тоа има и свои недостатоци доколку ја цените својата приватност. 

Доколку во Њујорк ви падне од џебот билет за метро, никој веројатно нема да забележи. Во Москва, пак, некоја постара госпоѓа ќе дотрча накај вас за да ви го врати, а потоа можеби ќе ви каже дека сте луд зашто одите толку брзо и дека сте ќор зашто толку лесно ги губите нештата... Патем, каде е вашето „благодарам“? Впрочем, вие не сте виновен, момче, мајка ви не знаела како да ве воспита... 

Услугата е неспоредливо подобра 

Услугата во Русија би можела да ве изненади – особено во Москва. Никој не се обидува суптилно да ве истурка од ресторан за да ја ослободи масата за нови гости, ниту ви ја носи сметката пред да ја побарате. Русите знаат што е вистинска гостољубивост, и никој не очекува напојница за навистина лоша услуга. Затоа поголемиот број келнери во Москва се често пристојни и внимателни кон гостите. 

Јавниот превоз во Москва навистина превезува некого 

Њујорчаните многу ја сакаат својата подземна железница, но метрото во „градот на соништата“ е валкано, речиси не функционира, прилично е одвратно, збунувачко, смрдливо, полно со стаорци и  едноставно е застрашувачко. Возот можете да го чекате засекогаш, а за викенд најверојатно нема ни да дојде зашто е на ремонт. Њујорчаните својата подземна железница ја сакаат зашто не знаат за подобро: никогаш не биле во Москва, во која метрото е прекрасно. Сепак, њујорчаните ја согледуваат главната „предност“ на сабвејот – работи 24 часа дневно, 7 дена во неделата. Многу се горди на тоа, иако по полноќ следниот воз морате да го чекате дури и еден час. 

Каде се поголеми можностите? 

Да, не е лесно да се живее во Москва, и понекогаш се чувствувате како да удирате со главата во ѕид зашто насекаде околу има толку конкуренција и исклучителни стручњаци – во музиката, бизнисот, филмот, танцот, архитектурата, во сè. Но, ако не се откажете и ако издржите, на крајот сето тоа се исплатува. Тука се чувствувате како за вашите соништа да не постојат граници. 

Во Москва сè, од основање приватен бизнис до продажба на својата музика на главните дискографски куќи, е потешка. Затоа Њујорк ги привлекува најдобрите професионалци од целиот свет. Тие едноставно сакаат да го работат она што го сакаат и за возврат да добијат повеќе.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња