Квас – вистински национален пијалак на Русија

Најдобар е оној квас што се прави дома, но уште подобар е оној што се произведува во православните манастири. Фотографија од слободни извор.

Најдобар е оној квас што се прави дома, но уште подобар е оној што се произведува во православните манастири. Фотографија од слободни извор.

Ако мислите дека рускиот национален пијалак е вотката, немате право. Чудесно пријатен пијалак со мал процент алкохол, газиран и со златно-кафеава боја од дамнина до денешен ден ја гаси жедта на Русите – тоа е квасот. За жал, индустриски произведениот квас речиси и да не го заслужува ова славно име. Затоа нашата редакција ќе ве научи како да го направите сами!

Класичниот квас има густина и карактеристичен вкус на јаболковина со низок процент на алкохол, а се добива со ферментирање на црн или на ‘ржан леб, изворска вода и билки, иако постојат и други видови квас кои се прават од бобинки, други видови житарки и од репа. Квасот се консумира самостојно како пијалак, но се користи и како основна состојка на ладни летни чорби како што е окрошка.

Во Македонија постои сличен пијалак на рускиот квас, кој се нарекува пивоквас. Основните состојки се шеќер, квасец и ароматизиран концентрат. Пивоквасот до денешен ден се прави во македонските домови, но, сепак, постои голема разлика помеѓу него и рускиот квас.

Во Русија со доаѓањето на летото на речиси секој агол има мали жолто-црвени цистерни за точење квас, каде оние што ожеднеле можат да се освежат. Денес квасот комерцијално се произведува во големи фабрики и се продава во супермаркетите во пластични шишиња во текот на цела година. Во овој мошне добар бизнис учествуваат и фабриките како што се Кока кола и Пепси. Многу Руси сметаат дека ваквиот тренд на производство и продажба во определен степен претставува навредлива комерцијализација на ова национално богатство и сите се сложуваат дека квасот има многу подобар вкус од странските безалкохолни пијалаци. 

Најдобар е квасот што се подготвува дома, но од некаква причина уште подобар е оној што се произведува во православните манастири. Квасот е доволно сладок за да можат да го пијат и децата, а секако е многу поздрав од другите безалкохолни пијалаци кои се направени врз база на засладени сирупи. Освен тоа, подготвувањето на квасот е одличен начин за искористување на стариот леб. Па, обидете се! Можеби навистина ќе ви се допадне. Слободно комбинирајте различни состојки сè дури не го добиете вкусот што ви се допаѓа. Јас додавам малку ѓумбир и кора од лимон, а тоа на квасот му дава посебен вкус. Експериментирајте за да го добиете вашиот сакан вкус! 

Квас 

Потребна опрема 

- газа или чиста кујнска крпа 

- стаклени шишиња со пластични затворачи 

Состојки 

- 4 литри зовриена вода и 3 супени лажици (45 милилитри) топла вода 

- малку свеж ѓумбир (околу 5 сантиметри), излупен и исечен на тенки тркалца 

- 15 милилитри изрендана кора од свеж лимон 

- 50 грама суво грозје 

- 125 грама шеќер 

- 750 грама сув или стар ‘ржан или црн леб, исечен или изронет на ситни парчиња: рускиот бородински леб дава најдобар вкус 

Упатство 

1. Во затворено големо тенџере загревајте ја водата сè дури не почне да врие. 

2. Наредете ги парчињата леб во тава за печење и печете ги околу 30 минути на температура од 180 степени Целзиусови сè дури тие не станат тврди. Ако лебот е стар, треба да се пече само 15 минути. 

3. Кога ќе зоврие водата, тргнете го тенџерето од ринглата, додајте леб и кратко промешајте за да се добие хомогена маса. Убаво затворете го и оставете го да стои 5 часа. 

4. Обложете ја цедилката со слоеви газа и поставете ја врз чиста чинија или врз тенџере. Процедете ја смесата од леб и вода низ газа, притискајќи со дрвена лажица за добро да се исцедат парчињата леб. Исфрлете ги трошките. 

5. Додајте квасец во топла вода и оставете го 2 минути за да нарасне. 

6. Кога ќе нарасне квасецот, додајте го шеќерот, кората од лимон и ѓумбирот во претходно подготвената течност; покријте со крпа и оставете да престои преку ноќ (8-12 часа). 

7. Процедете ја течноста низ цедилка за да ги тргнете ѓумбирот и кората од лимон, а потоа прелијте ја течноста во стаклени шишиња, но не полнете ги до крај, туку оставете малку место за процесот на ферментација да може да продолжи. Додајте по една шака суво грозје во секое шише, потоа затворете ги со тапа и оставете ги да престојат 2-3 часа. Ставете ги да се изладат во фрижидер. 

Пријатно! 

Џенифер Еремеева долго време живее во Москва и работи како слободен автор и фотограф. Џенифер е авторка и уредничка на The Moscovore, сајт посветен на кулинарството и на местата со добра храна во Москва, како и на Russia Lite, блог кој ја документира веселата страна на животот во Русија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња