Москва може само да се сака

Москва се вбројува во еден од десетте града во светот во кои ноќниот живот е незаборавен. Избор: Press Photo

Москва се вбројува во еден од десетте града во светот во кои ноќниот живот е незаборавен. Избор: Press Photo

Москва е мечтата на многумина Македонци. Градот кој живее 24 часа, градот кој привлекува со својата историја и со својата култура, град на споменици и на живи легенди. И сето ова изгледа како во некоја сказна. Но! Секогаш постои едно „но“! Токму за тоа „но“ ви раскажуваме во оваа статија. Собравме различни искуства на Македонци кои во разни периоди биле во Москва, па направивме кус пресек на работите што ќе ви недостасуваат во Москва и на оние нешта што секогаш ќе ги помните.

Т'га за југ

Доколку се подготвувате да заминете во Москва во периодот од октомври до крајот на март, бидете подготвени за временски услови на кои не сте навикнале. Првото нешто што ќе ви недостасува во Москва е сонцето. Градот се наоѓа на рамнина, па кога ќе станете наутро на небото ќе можете да видите само облаци, кои се растегаат до крајот на хоризонтот. Многумина се прашуваат како живеат луѓето на температура од минус дваесет степени според Целзиус. Да, при таква температура навистина е студено, носот веднаш замрзнува, но и ваквото време си има своја предност. При многу ниски температури, облаците исчезнуваат и се појавува сонцето. Во таквите моменти, колку и да ви е ладно на кожата, ви станува топло на душата.

Она што нема да го заборавите, а што е поврзано со времето се мај и јуни. Ова се двата најубави месеци во Москва. Наутро се будите во пријатна свежина облеана со сонце, преку ден шетате во лесна облека и се насладувате со сончевите зраци, а навечер... Навечер? Во овој период ноќта го покажува своето лице помеѓу 22 и 23 часот, така што не можеме да зборуваме за некоја особена темнина.

Кафе, овошје и зеленчук наспроти сочни печива, сладок компир и разно-разни слатки

Најдобриот леб во Москва
„Каде во Москва може да се купи добар леб?“. Странците што доаѓаат во руската престолнина често го поставуваат ова прашање. Во потрага по одговор „Руска реч“ посети неколку навистина добри пекарници.

Доколку сте љубители на турско кафе, не очекувајте дека ќе го најдете во онаа форма во која сте навикнале да го нарачувате или да го подготвувате во Македонија. Русите претпочитаат да пијат чај наутро, а ако навистина сте „запнале“ за кафе, можете да се напиете филтер-кафе со или без млеко. Русите немаат навика да варат кафе, па затоа во кафулињата го нема, а ако сакате да си сварите дома, најдобро е да си донесете неколку кесички од дома, оти она што се продава во супермаркетите ем е поневкусно, ем е многукратно поскапо одошто во Македонија. Уште еден проблем ќе ви биде недостигот од квалитетно овошје и зеленчук. Освен што се премногу скапи, овошјето и зеленчукот, иако изгледаат примамливо, немаат никаков вкус, така што во сè ќе треба да додавате зачин.

Наспроти ова во Москва можат да се најдат прекрасни печива – слатки или солени, кому како му е желба. Топлите и меки руски пирошки наполнети со зелка, со компир, со ориз или со печурки буквално се топат во уста. Колачите со афион и питите од песочно тесто со разни видови зрнесто овошје имаат прекрасен вкус, на кој ќе се сеќавате кога ќе дојдете дома. Уште едно нешто што ја карактеризира руската кујна е вкусниот компир. Доколку сте навикнале компирот да го варите еден час, за рускиот ќе ви бидат потребни само петнаесетина минути. Откако ќе го сварите, ќе го почувствувате вистинскиот, сладок вкус на компирите.

Москва – колку долга, толку широка

Псевдорускиот стил во архитектурата на Москва
На крајот од 19 и на почетокот од 20 век во руската архитектура станал популарен стилот во кој се користеле мотиви од староруската архитектура. Тој го добил називот псевдоруски (понекогаш се нарекува и неоруски или лажноруски). Во денешно доба ова се, можеби, најубавите зданија во Москва.

Ако се подготвувате за прошетка низ Москва, одберете пријатни обувки за долго и напорно шетање. Градот е навистина голем, но прошетките по неговите улички е вистинско уживање. Додека стоите на едно место и гледате кон вашата крајна цел, ќе си помислите дека е тука некаде, зад аголот, но сето тоа е само оптичка измама. Високите згради се чинат многу близу, а всушност се оддалечени час и половина одење пеш. Доколку, пак, сакате да искористите некое превозно средство, на располагање ви стојат познатото московско метро, трамваите, тролејбусите и автобусите. Секако можете да тргнете и со автомобил, но внимавајте на градскиот метеж. На московските улици можете да останете „заглавени“ на едно место неколку часа. Во рускиот јазик постои и специјален термин за нив – „пробка“, што во превод на македонски значи затка. И не заборавајте, во зимските месеци задолжително облекувајте се во слоеви, оти никогаш не се знае кога може да ви стане топло, а кога може да ви стане премногу ладно.

Она што навистина изненадува во овој мегалополис е редот во движењето кај пешаците. И на улица, и во метро, и во подземен премин пешаците секогаш се движат на десната страна. Ова многу бргу станува навика. Може да ви се случи, по враќањето во Македонија, да не можете да се снајдете по македонските тротоари, трговски центри и секаде каде што има пешаци – едноставно на нерви ќе ви дојде нивното некоординирано движење.

Културата царува насекаде

Руската престолнина е позната по своите музеи, театри, балети, по црквите и богатото културно и историско наследство. Но, културата во Москва не живее само во институциите. Доколку поминувате покрај некоја поголема метро-станица, ќе можете да слушнете звуци на цели оркестри, кои во живо изведуваат различни дела од класичната музика. На поголемите пешачки зони, како што е на пример улицата Арбат, можете да видите млади луѓе кои рецитираат поезија. И тоа рецитирање не е бесцелно. Младите луѓе како одговор на секоја рецитација истапуваат со некои други стихови, сопствени или од некој друг автор, со што се добива своевиден спектакл. Ова сигурно ќе ви недостасува кога ќе се вратите во Македонија!


Младите луѓе покрај sдиот на Цој, загинатиот фронтмен на групата Кино, на улицата Стари Арбат, го исполнуваат градот со звуците на рускиот рокенрол. Извор: Lori / Legion Media

Кафулиња, ресторани и ноќен живот

Доколку сте љубител на кафулињата и рестораните, мораме да ве предупредиме: Москва е многу скапа за разлика од Македонија. Ако сте навикнати на секој час да пиете кафе во некое кафуле, за тоа ќе треба да издвоите поголема сума пари, а таа ќе зависи од местото што сте го избрале. Она што е навистина интересно е што во речиси секое кафуле можете да каснете нешто, а освен тоа нема да се соочите со македонското „сезонско“ мени, така што дури и во најголемиот студ ќе можете да се почестите со традиционалниот руски сладолед.

Ноќниот живот во Москва е многу развиен. Во периодот до полноќ работат многу кафулиња, каде можете да си седнете и да си поприкажете со пријателите. Потоа, забавата се преместува во ноќните клубови и во дискотеките. Забавите траат до зори, а Москва се вбројува во еден од десетте града во светот во кои ноќниот живот е незаборавен. Тука секој може да си го најде она што го сака, а помош при изборот ќе ви бидат многубројните бесплатни весници и списанија, кои можат да се најдат речиси на секој чекор. Но, и тука треба да се биде внимателен. Секогаш чувајте ги своите вредни работи на безбедно место и не заборавајте дека за забава во Москва се потребни пари. 

За урбаното живеење на руската престолнина може да се пишува многу, можат да се дадат разни насоки, препораки, но најважно од сè е кога ќе бидете во неа да се обидете да ја почувствувате, да се обидете да го впиете градот и да почнете да живеете со него, оти и покрај недостатоците, Москва може само да се сака.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња