- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Најкрвавата битка во историјата на човештвото однесе над еден милион животи и го сврте текот на Втората светска војна. Црвената армија тогаш ја презеде иницијативата и не попушташе до самиот крај на воениот конфликт. Како и по која цена е извојувана таа победа?
Патот до Сталинград
По тешкиот пораз што кон крајот на 1941 година го доживеаја кај Москва, Германците не можеа истовремено да тргнат во офанзива по должината на целиот советско-германски фронт, како што беше случајот на почетокот на операцијата „Барбароса“, па наместо тоа се фокусираа на јужниот правец. На 5 април 1942 година Адолф Хитлер го одобри планот наречен „Операција „Сино“ чија најважна цел беше освојување на богатите нафтени полиња на Кавказ, каде што се вадеше 70% од целата советска нафта.
Пролетта 1942 година Вермахтот ги држеше своите позиции на истокот на Украина подготвувајќи се за голема летна офанзива. Меѓутоа, планираната „нафтена“ кампања не можеше да се реализира без сигурно покривање од крилата. Поради ова, делови од германските трупи добија задача да се пробијат кон Сталинград, голем индустриски и транспортен центар, и таму да направат цврсти упоришта по должината на Дон и Волга.
За остварување на тие планови придонесе и самата Црвена армија. Имено, на 12 мај советските трупи тргнаа во офанзива кај Харков, во која доживеаја целосен колапс и загубија над 200.000 војници. Овде можете да прочитате повеќе за битката, како резултат на која советската одбрана стана значително послаба, додека од друга страна значително се зголемија шансите Вермахтот да направи успешен продор кон Сталинград.
„Операцијата „Сино“ почна на 28 јуни. Германските трупи напредуваа со голема брзина во два правци: кон Кавказ и кон Сталинград. Поминаа стотици километри и отсекоа десетици илјади советски војници од нивната главнина. Овде дознајте како на Германците на југот на Советскиот Сојуз им се даде можност за нов „блицкриг“.
Сталинград беше силно бомбардиран на 23 август 1942 година. Над 40.000 луѓе загинаа, а повеќето згради беа претворени во урнатини. Погледнете како изгледал овој познат град на Волга пред почетокот на војната.
Трагедијата што ја доживеа советскиот град тој ден беше слична на онаа во британскиот Ковентри, кој исто така беше разурнат со бомбардирање две години претходно.
Пекол на Земјата
Под притисок на 6-та армија на Фридрих Паулус и 4-та тенковска армија на Херман Хот, советските трупи се повлекуваа кон Сталинград. Кон средината на септември 1942 година Германците се впуштија во жестоки и крвави улични борби во самиот град.
Сталинград, кој првично беше секундарен правец за Хитлер, сега стана главна цел. Двете страни упорно испраќаа сè повеќе и повеќе сили во оваа „кланица“, така што градот се претвори во вистински пекол на земјата. За тоа сликовито сведочат сеќавањата на очевидците и писмата од фронтот.
Сталинград го бранеше 62-та армија на генералот Василиј Чујков. Командантот најмногу внимание посвети на формирање на помали мобилни јуришни групи кои „со раце и нозе се вкопуваа во зградите и земјата и го чекаа доаѓањето на фашистите, да фрлат граната врз нив“, или преку подземни тунели продираа во непријателската позадина, нанесувајќи им таму болни удари на Германците. Овде прочитајте повеќе за улогата на генералот Чујков во одбраната на градот на Волга.
Најголемиот товар на борбата, се разбира, падна на плеќите на обичните војници. Овде се детално опишани херојски епизоди од битката кај Сталинград, на пример одбраната на куќата на Павлов или опсадата на „Островот Људников“, кога непријателот ја спотера долж Волга и од три страни ја опколи 138-та пешадиска дивизија на полковникот Иван Људников, а нејзините војници подолго од еден месец држеа мало парче земја покрај фабриката „Барикади“.
Покрај Вермахтот, бранителите на Сталинград мораа да се борат и против друг, „невидлив“ непријател. Имено, на градот му се закануваше епидемија на колера и само благодарение на натчовечките напори на советските лекари беше избегната катастрофа. Овде прочитајте како се одвивало сето тоа.
Моментот на големиот пресврт
Германците зазедоа поголем дел од градот, но не успеаја целосно да го освојат пред мразовите. Шестата армија сè уште водеше тешки борби во градот кога советските сили неочекувано започнаа голема стратешка офанзива на 19 ноември, наречена „Операција Уран“. Тоа беше силен удар врз крилата на германските трупи, каде што беа послабите романски единици.
Со надеж дека ќе избегнат катастрофа, Германците брзо им ги испратија на сојузниците резервите како засилување. Интересно е што дури и во тоа страшно време имаше случаи кои претставуваат вистински куриозитет. На пример, германската 22-та тенковска дивизија не можеше да ѝ дојде на помош на уморната Трета романска армија, и тоа беше поради обични глувци! Овде можете да прочитате повеќе за подвигот на „родољубивите“ глодари.
Обрачот околу армиската група на Фридрих Паулус која броеше 330.000 војници беше затворен на 23 ноември. Меѓутоа, во тој момент, на нацистите ситуацијата сè уште не им изгледаше како катастрофална. Хитлер ѝ нареди на Шестата армија да се држи во градот, да се снабдува по воздушен пат и да чека засилување.
И навистина, на 12 декември започна операцијата „Зимска бура“, т.е. групата армии „Дон“ под команда на фелдмаршалот Ерих фон Манштајн тргна во пробив на обрачот. Колку успеаја да се доближат до градот и зошто тој обид не вроди со плод - прочитајте овде.
Ѕверот во стапица
На почетокот на 1943 година, Германците ги изгубија сите шанси да ги ослободат своите опколени трупи. И покрај тоа, многу војници на Паулус сè уште веруваа дека Хитлер ќе го исполни своето ветување и ќе им испрати засилување.
Советските трупи ја преживеаја „Зимската бура“, потоа ги поразија италијанските и романските сојузници на Германците на Дон и го потиснаа непријателот неколку стотици километри од градот, за на крај да започнат со планското уништување на непријателот во обрач. Како војската на генерал Константин Рокосовски брилијантно ја изведе операцијата „Прстен“ можете да дознаете овде.
Ноќта спроти 31 јануари 1943 година, единиците на 38-та моторизирана пешадиска бригада на 64-та армија се пробија до зградата на стоковната куќа во центарот на Сталинград и ја блокираа од сите страни. Токму во таа зграда се наоѓаше штабот на Шестата армија на Фридрих Паулус. Повеќе за сите детали на заробувањето на германскиот фелдмаршал Паулус, неговата понатамошна судбина и неговата улога во Нирнбершкиот процес читајте овде.
Два дена подоцна, на 2 февруари, последниот германски контингент под команда на генералот Карл Штрекер капитулираше во близина на Сталинградската фабрика за трактори и фабриката „Барикади“. Тој ден заврши најважната битка во Втората светска војна.
Триумфот на Волга беше постигнат благодарение на херојството на советските војници, повисокото ниво на воена вештина достигнато од командантите на Црвената армија и низата грешки направени од германската команда. Овде читајте повеќе за тоа.
Тешко е да се прецени значењето на советската победа во Сталинград. На нацистичка Германија и воено-политичкиот блок на Силите на Оската им беше нанесен тежок удар. Членките на антихитлеровската коалиција беа охрабрени од таа победа, а Црвената армија ја презеде иницијативата во војната и ја држеше цврсто во свои раце до крајот на војната. Овде дознајте повеќе за тоа и другите последици од најкрвавата битка во историјата на човештвото.