Ноќта помеѓу 30 и 31 јануари 1943 година единицата на 38 моторизирана стрелачка бригада на 64 армија се пробија до зградата на стоковната куќа во центарот на Сталинград, опколувајќи ја од сите страни. Според сведочењето на заробените Германци, токму тука се наоѓал штабот на 6 армија на Фридрих Паулус. Советската операција „Прстен“, со цел уништување на непријателските формации опколени во градот, се ближеше кон крајот...
Откако во 6 часот наутро советските сили врз зградата отвориле жесток оган од митралезите и минофрлачите, Германците го запреле огнот. Во приземјето и на другиот кат се појавија бели знамиња. Непријателот сакаше да преговара.
По наредба на командантот на бригадата полковник Иван Бурмаков до стоковната куќа е упатена група преговарачи на чело со постариот поручник Фјодор Иљченко. Германскиот офицер кој ги дочекал советските војници им се обратил преку преведувач: „Нашиот главен началник сака да разговара со вашиот главен началник“. На тоа Иљченко му одговорил: „Нашиот главен началник има многу други обврски. Тој не е тука. Ќе мора да преговарате“.
Игнорирајќи го срамежливото барање на германскиот офицер да го предаде оружјето, советските преговарачи почнале да се спуштаат во подрумот кадешто се наоѓал штабот на Паулус. „Беше буквално набиен со војници. Ги имаше стотици. Полошо од трамвај! Сите беа валкани, гладни и веќе смрдеа! Сите беа до смрт преплашени. Се собрале тука за да се тргнат од минофрлачкиот оган“, се сеќава постариот поручник. Кога слушнал пукање, Иљченко се фатил за футролата од пиштолот, но излегло дека тоа биле самоубијци.
Преговарачите ги дочекале командантот на 71 пешадиска дивизија на Вермахтот генерал-мајор Фридрих Роске и началникот на штабот на 6 армија генерал Артур Шмит. Тие ги одвеле советските војници во собата на Паулус. „Фелдмаршалот лежеше на железен кревет без мундир, само во кошула“, се сеќаваше Иљченко. „На масата гореа свеќи, осветлувајќи ја хармониката која беше оставена на каучот. Паулус не се поздрави, ами стана и седна. Изгледаше како болен, измачен човек, лицето му трепереше од нервен тик“.
Обичен поручник не можел да прими капитулација од германски командант и постепено до стоковната куќа почнаа да пристигнуваат претставници на постариот и на највисокиот команден состав на Црвената армија. Неколку часа подоцна во придружба на неколкумина полковници и потполковници во подрумот се симна началникот на штабот на 64 армија генерал-мајор Иван Ласкин. Обидувајќи се на секој начин да се огради од капитулацијата, Паулус водењето на преговорите го препушти на Роске и на Шмит.
Додека фелдмаршалот во соседната соба се „средуваше“, советските претставници на неговите генерали му изнесоа ултиматум: опколената формација мора веднаш да престане со давање отпор, да го положи оружјето и организирано да им се предаде на советските сили.
Откако се изморија од чекање да се појави Паулус, советските војсководци влегоа во неговата соба. Германскиот командант, како што се сеќаваше Ласкин, ги пречекал со реченица на лош руски јазик: „Фелдмаршал на германската армија Паулус се предава на Црвената армија во заробеништво“. Се извинил, со оглед на тоа што новиот чин го добил дури на 30 јануари, немал нова униформа, па бил принуден да се појави во униформа на генерал-полковник. „Но, тешко дека сега ќе ми биде потребна нова униформа“, додал војсководецот со горчлива насмевка.
Во тој момент 6 армија во Сталинград била поделена на две изолирани групи. По преговорите капитулираше јужната група на германските сили со која командуваше генералот Роске. Истовремено Паулус одби да издаде наредба на северната група, повикувајќи се на тоа дека од 30 јануари нејзин командант е генерал-полковник Карл Штрекет кој лично му одговора на Хитлер.
Во центарот на Сталинград сè уште траеле уличните борби, но германските офицери во придружба на советските команданти во возила тргнале во единиците со наредба да запре огнот.
Откако сите формалности беа испочитувани и на фелдмаршалот му беше загарантирана личната безбедност, тој со офицерите беше изведен од подрумот. Територијата околу стоковната куќа тогаш беше целосно под контрола на советската пешадија, а припадниците на Вермахтот го деминираа подрачјето.
„Советските и германските војници кои само до пред неколку часа пукаа еден во друг во дворот мирно стоеја, држејќи го оружјето во рацете или на рамената. Но, колку фрапантно се разликуваа меѓу себе!“, се сеќаваше аѓутантот на командантот на 6 армија Вилхелм Адам: „Германските војници беа пропаднати, во танки шинели преку износената униформа, слаби како скелети, исцрпени полумртви фигури на пропаднати, неизбричени лица. Војниците на Црвената армија беа сити, полни со сила, во одлична зимска опрема... Бев длабоко потресен и со една друга околност. Нашите војници не ги тепаа, ниту ги стрелаа. Советските војници среде својот град кој го урнаа Германците од џебовите го вадеа и им го нудеа на германските војници, на тие полутрупови, своето парче леб, своите цигари и својот тутун“.
Поручникот Пјотр Алхутов присуствувал во заробувањето на германскиот војсководец: „Паулус беше изнемоштен, очигледно болен. Се обидуваше да се држи достоинствено, но поради неговата состојба тоа слабо му одеше од рака. На тој студен ден во Сталинград на сите војници на Црвената армија и на апсолутното мнозинство на германските војници им стана јасно дека тоа е почеток на нивниот крај и почеток на нашата Победа“.
Фелдмаршалот го чекаше автомобил кој го одвезе во соседното село Бекетовка, каде се наоѓаше штабот на 64 армија. Тука требаше да биде сослушан од командантот на армијата генерал-поручник Михаил Шумилов и од командантот на Донскиот фронт генерал-поручник Константин Рокосовски. А, потоа Фридрих Паулус го очекуваа советските логори, работа во антифашистичкиот комитет „Слободна Германија“ и кус живот во Источна Германија.
На патот до штабот возилото стаса до колона заробени Германци кои одвај се влечеа по патот. Валкани, обраснати во брадите, на нозете носе комични импровизирани валенки обвиени со пешкири и со женски шамии.
Ласкин му дал знак на возачот да забави со цел германскиот командант да може внимателно и детално да ги погледне. „Ова е ужасно...“, тажно рекол Паулус. „Срамна капитулација, страшна трагедија за војниците. А, досега шестата армија се сметаше за најдобра копнена армија на Вермахтот...“
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче