Крупната нацистичка ѕверка во небрано: Како капитулирал фелдмаршалот Паулус?

Фридрих Паулус во штабот на Црвената армија во Сталинград, 1 март 1943.

Фридрих Паулус во штабот на Црвената армија во Сталинград, 1 март 1943.

AP
На 31 јануари 1943 година во Сталинград капитулирал командантот на Шестата армија генерал-фелдмаршалот Фридрих Паулус, еден од главните автори на операцијата „Барбароса“, односно на нападот на нацистичка Германија на Советскиот Сојуз. Тоа бил тежок удар и за Паулус и за целата германска армија. Да видиме како се одвивале настаните во ова судбоносно утро.

Во раните зори на 31 јануари 38 мотострелечка бригада на чело со натпоручникот Фјодор Иљченко отвориле оган на масивното здание на продавницата во која била испорачани германските митралески гнезда. Кога Германците снемале муниција Иљченко забележал на еден прозорец офицер кој мавта со бело знаме.

Натпоручникот не можел ни да претпостави дека во тој момент се прави пресвртница на текот на најстрашната војна во историјата на човештвото.

Зошто Хитлер во очи на капитулацијата го унапредил Паулус во чин фелдмаршал?

По офанзивната операција на советските единици под назив „Уран“ (од 19 ноември 1942 до 2 февруари 1943 година) состојбата на Шестата армија на Вермахтот кон средината на јануари веќе била критична. Било многу студено. Температурата се спуштала до -30 степени Целзиусови, а гладните германски војници и офицери во недостиг од храна јаделе коњи, кучиња, мачки и птици. Имале недостиг и од муниција, гориво и лекови, така што Шестата армија од ден на ден станувала сè послаба. Порано тоа била најмоќната копнена армија на Вермахтот, а на 28 јануари 1943 година се распаднала на три дела додека советските единици продолжиле систематски да ги уништуваат положбите од кои се давал отпорот. Штабот на генералот Паулус бил сместен во една зграда, во темен подрум на уништена продавница во центарот на градот. Генералот бил очаен. Од фронтот ретко стасувале извештаи и тоа биле постојано лоши вести. Загубите на германските единици под негова команда биле сè поголеми. Паулус во повеќе наврати му испраќал на Хитлер соопштенија во кои за спасување на животите на војниците молел за одобрение да се предаде, но секоја негова молба била одбиена.

На 30 јануари Хитлер му испратил на Паулус радиограма со вест дека му е доделен чин фелдмаршал, со дополнување: „Ниту еден германски фелдмаршал никогаш не бил заробен“. Очајниот Паулус сфатил дека тоа е всушност барање да изврши самоубиство. Следниот ден наредил да се воспостави врска со советските единици за преговори за капитулација.

Капитулацијата на Паулус, 31 јануари 1943.

Поручникот Фјодор Иљченко меѓу првите се симнал во подрумот. Подоцна тој напишал: „Фелдмаршалот лежеше на железен кревет без униформа, само во кошула. На масата догоруваше свеќа и во таа светлина се гледаше хармоника на креветот. Паулус не се поздрави, но се исправи и седна. Изгледаше болно и измачено, со тикови на лицето. Откако го сослуша соопштението на својот началник на штабот за барањата на советските офицери изморено кивна со главата“. Бил постигнат договор за двостран прекин на огнот.

Како се предал Паулус?

Со оглед на тоа дека поручникот Иљченко не можел да ја прими капитулацијата од фелдмаршалот, од советска страна бил испратен началникот на штабот на армијата, генерал Иван Ласкин. По неговото доаѓање се чекало Паулус да се облече во соседната соба, а за тоа време од германска страна со советските офицери разговарале генералот Роске и началникот на штабот на Шестата армија Шмит. Кога Паулус завршил со облекувањето, Роске веќе ја напишал наредбата до јужната група единици да го прекинат отпорот и да се предадат. Оваа наредба веднаш им била испратена на единиците на Вермахтот.

Во својата книга „На патот кон пресвртот“, генерал Иван Ласкин пишува: „53-годишниот фелдмаршал беше висок, слаб и дури премногу затегнат и педантен. Но, сега лицето му беше бледо. Нè гледаше со изморени очи. Јас му се претставив и му соопштив дека е заробен. Паулус ми пријде, високо ја крена десната рака и на лош руски јазик му рече: Фелдмаршалот на германската армија Паулус ѝ се прадава на Црвената армија. Побаравме да ни го предаде личното оружје, но тој одговори дека со себе нема лично оружје и дека неговиот пиштол е кај аѓутантот. Потоа на германски Паулус од некаква причина најде за сходно и умесно да ни соопшти дека чинот фелдмаршал го добил дури на 30 јануари и дека затоа сè уште нема соодветна униформа, и дека тоа е причината зошто се појавил во униформа на генерал-полковник: А, тешко е дека ќе ми биде потребна нова униформа, додаде тој со горчлива насмевка“.

Околу пладне Паулус бил префрлен во блиското село Бекетовка, а истиот ден по сослушувањето бил претставен на генерал-полковникот Константин Рокосовски. На неговиот предлог да издаде наредба за капитулација на остатокот од Шестата армија, Паулус одговорил дека тој сега е заробеник и дека германските генерали му се потчинуваат непосредно на Хитлер. Наредбата не била издадена, така што на 2 февруари 1943 година советските трупи конечно ги победиле последните положби од кои Германците давале отпор. Вака изгледал крајот на една од најстрашните битки од Големата татковинска војна.

Германија во шок

Веста за поразот и за капитулацијата на Шестата армија во Германија предизвикала шок. Во целата земја била прогласена тридневна жалост. Радиостаниците три дена емитувале посмртен марш...

Во август 1944 година Паулус како заробеник потпишал обраќање „До германските војници и офицери во воено заробеништво и до германскиот народ“, со следниов текст: „Сметам дека ми е должност да изјавам дека Германија мора да го тргне Адолф Хитлер и да постави ново државно раководство кое ќе ја запре војната и кое ќе создаде услови што на нашиот народ ќе му обезбеди понатамошен опстанок и воспоставување мирни и пријателски односи со сегашниот противник“.

Подоцна Паулус во СССР станал активен во пропагирањето на борбата против Хитлер.

Прочитајте уште Зошто германскиот фелдмаршал Паулус пропагирал за СССР

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња