По тешкиот пораз кај Москва на крајот на 1941 година, Германците беа принудени да ги преиспитаат принципите на војувањето против СССР. Веќе не можеше да се зборува за истовремена офанзива по должината на целиот советско-германски фронт, како што тоа функционираше на почетокот на операцијата „Барбароса“. Требаше да се избере еден приоритетен правец на напад и изборот падна на југ.
Според планот „Сино“ дефиниран од Хитлер на 5 април 1942 година, Вермахтот требаше да се пробие од територијата на источна Украина до најбогатите советски нафтени наоѓалишта на Кавказ (од каде доаѓаше над 70% од нафтата произведена во СССР). Нивното освојување ќе овозможеше буквално да се стопира Црвената армија и целосно да се покријат потребите на германската индустрија, која во тоа време веќе почна да доживува дефицит на оваа суровина.
Походот за нафта не можеше да се реализира без сигурно поставување на крилата на фронтот. Германските сили мораа да излезат на реките Дон и Волга, каде што можеа да формираат силна одбрана. Сталинград во овој одбранбен систем требаше да игра клучна улога. Освен тоа, освојувањето на овој голем индустриски центар и сообраќаен јазол ќе овозможеше целосно да се отсече Кавказот од централните региони на СССР.
Советското раководство немаше информации за тоа каде и кога Германците ќе го изведат следниот напад. „Сталин разгледуваше различни варијанти на непријателските дејствија, но тој сметаше дека во секој случај целта на операциите на Вермахтот и општиот правец на нивната офанзива ќе биде Москва“, тврдеше генералот Семјон Штеменко од Оперативната управа на Генералштабот. Германската разузнавачка служба на секој начин го поткрепуваше ова уверување, па дури и успешно ја изведе операцијата „Кремљ“, која го дезинформираше раководството на СССР за претстојниот напад.
Ситуацијата на јужното крило на советско-германскиот фронт за Црвената армија стана значително посложена по неуспешниот обид на советските сили да го ослободат Харков во мај 1942 година. Советската армија притоа претрпе големи загуби од 270 илјади мртви, ранети и заробени. Сепак, врховната команда во Москва и понатаму не се решаваше да префрли големи резерви од Западниот фронт на југ. Таа не ја промени својата одлука дури ни кога на 19 јуни силите на ПВО на линијата на фронтот го соборија авионот на началникот на оперативното одделение на германската 23 тенковска дивизија, мајор Јоаким Рајхел, и кога во рацете на советската армија падна дел од планот „Сино“.
На крај, на 28 јуни, по масивни воздушни и артилериски подготовки, германската „армиска група Вајс“ неочекувано за советските сили удри на просторот меѓу двете армии на Брјанскиот фронт и, пробивајќи ја нивната одбрана, се упати кон Стари Оскол и Воронеж. Два дена подоцна, 6-та армија на генералот Фридрих Паулус успешно ги проби позициите на Југозападниот фронт. „Офанзивата се развива сосем задоволително“, истакнува во дневникот началникот на Генералштабот на Копнените сили на Германија Франц Халдер: „Непријателските сили на фронтот се бројно слаби, но на одделни делови се добро распоредени по длабочина“.
Поради неочекуваниот напад на Вермахтот, делумно е изгубена контролата на војската над неколку советски фронтови, прекината е врската со голем број воени формации. Брзото префрлување на резервите на југ што го презеде советската команда беше извршено со задоцнување, што оневозможи да се изврши силен контранапад врз Германците. Тенковските корпуси кои пристигнуваа во областите на борбените дејствија влегуваа во битка поединечно и несинхронизирано. Неефикасноста на овие дејствија доведе до тоа да во еден момент маршалот Семјон Тимошенко биде принуден да издаде наредба „да престанат да ги мелат своите тенкови јурејќи фронтално врз силно утврдените непријателски позиции“.
До 6 јули Германците веќе освоија поголем дел од Воронеж. Битките за градот бараа од нив многу повеќе време и енергија отколку што очекуваа. Упорниот отпор на бранителите го спречи 48-от тенковски корпус навреме да се тргне на југ и да учествува во опсадата на советските сили што се повлекуваа. Затоа непријателот не го освои Воронеж во целост, а Црвената армија на ова место преземаше напади во текот на целата Сталинградска битка.
Две групи армии на Вермахтот напредуваа кон Кавказ и Сталинград, брзо минувајќи стотици километри и изолирајќи десетици илјади советски војници од главнината на нивните сили. Германскиот „блицкриг“ кој повторно заживеа на југот на Советскиот Сојуз го шокираше раководството на земјата. Конечно, на 28 јули 1942 година, Сталин ја потпиша наредбата бр. 227 „За мерките за зајакнување на дисциплината и редот во Црвената армија и забраната за самоволно напуштање на борбените позиции“, која е позната како наредбата „Ни чекор назад“. Според него, било планирано во војската да се формираат казнени единици за оние кои ја нарушуваат воената дисциплина, како и да се постават „блокадни“ одреди „во непосредна позадина на несигурните дивизии“.
Водејќи тешки одбранбени битки, советската армија се повлекуваше кон реката Дон, која беше многу блиску до Сталинград. „Борците и командантите херојски го расчистуваа патот кон исток, со голем недостиг на леб и муниција“, се сеќава командантот на 28 армија, генерал Дмитриј Рјабишев. „Во непрекинатите повеќедневни борби против надмоќни сили пешадија, тенкови и авијација, единиците на армијата претрпеа многу големи загуби. До брегот на Дон стигнаа целосно исцрпени“.
Во текот на борбите на подрачјето на големиот и малиот свиок на Дон во јули и август 1942 година, 6 армија на Паулус и 4 тенковска армија на Херман Хот го совладаа жестокиот отпор на советските сили и се упатија кон Волга. На почетокот на септември, измачена од постојаните контранапади на Црвената армија, моќната германска формација, иако со значително ослабен жар, стапи во крвави улични борби во Сталинград, во текот на кои Германците мораа да платат висока цена за секој освоен метар. Започна клучната фаза на најважната битка во Втората светска војна.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче