Летото 1942 година Црвената армија во тешки борби се повлекуваше кон Сталинград (денешен Волгоград). Во овој критичен момент покрај силите на Оската се појави уште еден непријател, кој беше уште побрутален и уште потешко беше да се воочи. Тоа беше епидемијата на колера. Болеста се закануваше да се прошири низ целиот град на Волга, а со оглед на концентрацијата на единиците и на цивилното население во него, епидемијата неизбежно ќе предизвикаше катастрофа од големи опасности.
Полска болница.
Анатолиј Гаранин/SputnikВо првиот момент податоците за жариштата на колерата го израдуваа советското раководство зашто болеста се појави на територијата која тогаш веќе беше под контрола на непријателските сили. Опасната инфекција можеше да стане добар сојузник во борбата против германските единици.
Меѓутоа, радоста набргу спласна. Колерата не ја почитуваше линијата на фронтот и набргу стаса и во Сталинград, заедно со бегалците и со војската што се повлекуваше. Во неколку сталинградски населби на 18 јули беа потврдени првите случаи на зараза.
Со наредба на народниот комесар (министер) за здравство Георгиј Митерјов во градот на Волга беше упатена Зинаида Ермолева, еден од водечките микробиолози од тоа време со задача да ја организира работата на локалните лекари со цел спречување на ширењето на колерата.
Професор, микробиолог Зинаида Ермолева.
Макс Алперт/Sputnik„Требаше да се донесе одлука за тоа какви мерки да се преземат против опасноста која надвисна над градот додека во него се извршуваа интензивни подготовки за одбрана“, напиша Ермолева во своите мемоари „Невидливата армија“: „Тој пропушташе стотици илјади борци непосредно на фронтот, кон остриот завој на Дон, кадешто започна битка од невидени размери. Болниците секојдневнo примаа илјадници ранети. Од градот преполн со војска и со евакуирано население непрекинато заминуваа параброди и возови во Астрахањ и во Саратов. На тој начин епидемијата можеше да се прошири во многу региони во земјата“.
На седницата на комисијата за вонредни состојби во Сталинград беше донесена одлука веднаш да се започне со терапија на населението со бактериофаг на колера кој ги уништува клетките на предизвикувачот на болеста. Количествата препарат кои беа донесени од Москва не беа доволни, па Ермолева се обрати до центарот со молба да се испратат повеќе партии. Додека таа заедно со колегите ги организираше подготвителните работи стаса страшна вест дека германската авијација бомбардирала и уништила еден ешалон со препаратот на патот до Сталинград.
Лабораторија на полска болница.
Аркадиј Шајхет/russiainphoto.ruНемаше друго избор, па затоа во самиот Сталинград се организираше производство на препаратот. Подрумот на една зграда беше преуреден во лабораторија, и тука во мошне тешки услови започнаа да се произведуваат потребните количества бактериофаг. Се работеше деноноќно.
„Во оваа борба против невидливата армија учествуваа сите оние кои останаа во градот. Секое доброволно друштво на Црвениот крст контролираше десет станови, а неговите припадници секојдневно ги посетуваа овие станови и прашуваа дали има заболени кои треба веднаш да бидат хоспитализирани. Останатите вршеа хлоризација на бунарите, дежураа кај пекарите и на локациите предвидени за евакуација. Од градот никој не можеше да излезе без потврда за терапија со бактериофаг. Дури и леб од пекарница не можеше да се добие без ваква потврда“, напиша Ермолева.
Сите медицински работници кои не дежураа на изградбата на одбранбените положби беа мобилизирани во борбата против епидемијата. Со нивните напори беа постигнати импресивни резултати: секојдневно се прегледуваа 15.000 луѓе, а и по 50.000 жители примаа терапија со бактериофаг.
Операција во Медицинско-санитарниот баталјон.
Из/Sputnik„Во скривниците и на пристаништата на народот неуморно му се раскажуваше за превенцијата од дигестивни болести. Радиоемисиите и дневниот печат исто така беа вклучени во оваа борба“, истакнува Зинаида.
Пред истурените единици на Вермахтот да се појават на приодите на Сталинград и пред да започнат уличните борби беше спречена епидемиолошка катастрофа од големи размери која можеше да ги десеткува бранителите на градот. Меѓутоа, набргу потоа советските лекари повторно мораа да се фатат во костец со ширењето на оваа опасна инфекција, но овој пат кај заробените војници од 6 армија на фелдмаршалот Фридрих Паулус.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче