Како СССР за малку не беше поразен во војната во 1942 година (ФОТОГРАФИИ)

Големата татковинска војна 1941-1946. Офанзивата кај ‘Ржево. На пеплиштата од родното село запалено од фашистите.

Големата татковинска војна 1941-1946. Офанзивата кај ‘Ржево. На пеплиштата од родното село запалено од фашистите.

Олег Кноринг/Sputnik
Германските единици се пробија на Кавказ и ги загрозија најголемите советски наоѓалишта на нафта. Загубата на „црната крв“ на војната можеше целосно да ја парализира Црвената армија.

1. Кон крајот на 1941 година, во најкритичниот период од битката за Москва, советските единици направија потег кој непријателот никако не го очекуваше – тргнаа во голема контраофанзива и ги отфрлија силите на Вермахтот далеку од престолнината. Воедно Црвената армија успеа да го поврати големиот град Ростов на Дон, а кај Ленинград во Тихвинската офанзивна операција ѝ зададе неколку болни удари на групата армии „Север“.

Битката за Москва. Контраофанзива на Црвената армија во близина на Москва. Кадар од документарниот филм „Дебаклот на германските единици крај Москва. Октомври 1941 – јануари 1942“.

Охрабрено од ваквите успеси, раководството на СССР изведе заклучок дека тоа е вистински момент да се премине во контраофанзива на сите фронтови и, како што се изразил Сталин, „на Германците да не им се дава одмор, ами да се тераат на запад без запирање, да се принудат да ги потрошат своите резерви пред пролетта... и на тој начин да се обезбеди целосен слом на Хитлеровите единици во 1942 година“. Врховниот командант ги игнорирал аргументите на Георгиј Жуков кој сметал дека Црвената армија не е подготвена за реализација на едни такви амбициозни планови.

2. Советските единици на крајот на декември се обидоа да го повратат Крим кој беше речиси целосно изгубен (се држеше само Севастопољ, главната база на Црноморската флота). На подрачјето на градовите Керч и Федосија на 26 и 29 декември излегоа десанти од морето. Руските десантни единици поднесоа големи загуби, но успеаја да ги зацврстат положбите во источниот дел од полуостровот.

Десантната операција Керч-Федосија. Припадници на морнаричката пешадија во пределот на Керч. Голема татковинска војна 1941-1945.

„Чамецот како да удри во нешто и се закочи“, го објасни подоцна излегувањето митралезецот Фјодор Коваљчук: „Ноќ, ветар, мраз, еден бран го однесе бродското мовче за излегување од штиците, насекаде летаат ракети, а наоколу темнина и продорна светлина на месечината. Одекнува командата: ’Напред, за Крим!’ Скокнавме од чамецот, водата ми е до рамена, а под нозете земја, студенило како да ме испече по целото тело, но на нозете им беше уште топло зашто беа добро завиени. Немаше кога да се размислува, брзавме напред, и само напред на брегот...“

3. Во исто време неуспешно е завршена Љубанската офанзивна операција која започна на 7 јануари со цел да биде пробиен обрачот кај Ленинград. Вториот по важност град во Советскиот Сојуз буквално умираше од глад. Луѓето од исцрпеност губеа свест на работните места, беа забележани и случаи на канибализам, а исто така и убиства со цел да се земе бон за добивање намирници, и никој не се чудеше што на улиците лежат стотици трупови.

На улиците на опколениот Ленинград.

Дури со доаѓањето на пролетта Ленинград започна да се враќа во живот. По некакво чудо големата партизанска комора на 29 март се проби во градот со намирници, а набргу потоа во неокупираните приградски населби почнаа да се прават градини за одгледување зеленчук. Меѓутоа, Црвената армија таа 1942 година не успеа да го пробие обрачот.

4. Нешто подобра беше ситуацијата јужно од Ленинград, на подрачјето на езерата Иљмењ и Селигер. Таму на 20 февруари со успешна офанзива на советските единици беа окупирани значајни сили на 2 корпус и на моторизираната СС-дивизија „Мртовечка глава“ со вкупно 95.000 војници. Црвената армија веднаш пристапи кон уништување на таканаречениот „Демјански џеб“, но сите нејзини напори се изјаловија.

Русија. Германски војник-пешадинец (Демјанск).

„Непријателот ги блокираше сите патишта и приоди кои колку-толку можеа да ни послужат за напредување“, напиша подоцна генерал-лајтнант Павел Курочкин: „Тивките, со снег покриени полиња пред влезот во селото можеа за момент да се претворат во вистински пекол, само ако тргнеме напред. Секој метар беше бришан простор што го покриваа многубројните митралези и артилериски оружја скриени во селата“. Германската авијација ефикасно ги снабдуваше опколените Германци со провијант и со муниција, сè дури на 22 април 1942 година обрачот не го пробија единиците под команда на генерал-лајтнант Валтер фон Зејдлиц-Курцбах.

5. Со желба истовремено да однесе победа на сите делови на фронтот, советската команда постигна ограничен успех. Црвената армија на главниот правец ги отфрли германските единици и ослободи голема територија, но не можеше да ја скрши групата армии „Центар“. Откако поднесе големи загуби, советските единици на крајот на март беа принудени да ја запрат офанзивата.

Голема татковинска војна 1941-1945. Западен фронт. Војници на противтенковскиот баталјон тргнуваат кон Вјазма по борбата за ‘Ржев.

Згора на тоа, Германците ја задржаа и ја зацврстија положбата на подрачјето на ‘Ржев, 200 километри од главниот град на СССР. Ржевско-Вјаземските истурени положби беа кнедла во грлото на советското раководство, зашто непријателот оттаму во секој момент можеше да тргне во марш на Москва. Крвави и неуспешни обиди за ликвидација на овие положби се преземаа во текот на целата 1942 година.

6. И Црвената армија имаше свои истурени положби. Дојде до нив во текот на зимската офанзива во Украина. Барвенковската истурена положба ги загрозуваа крилјата и заднината на германските единици на подрачјето на Харков. Оттука советските единици на 12 март тргнаа во офанзива во правец на тој голем индустриски центар, и подоцна излезе дека тој потег беше фатален.

Германски војник во ров во близина на Харков.

Одбивајќи ги нападите на Црвената армија, Вермахтот ја нападна најопасната делница на советската одбрана, односно најтесното место на истурената територија. Групацијата „Клајст“ која се движеше од југ, на десетина километри од градот Блаклеја на 22 мај се спои со двете тенковски дивизии на 6 армија на Фридрих Паулус кои се пробиваа од север, и „отсекувајќи“ ја истурената територија го затворија обрачот околу советските единици. Во „замката“ се најдоа над 200.000 советски војници, од кои само 22.000 успеаја да се пробијат на слободната територија.

7. Харковската катастрофа и истовремениот слом на советските единици во источниот дел на Крим му овозможија на Вермахтот да пристапи кон реализацијата на операцијата Сино (гер. Fall Blau), подоцна преименувана во операција Брауншвај, односно походот на кавкаската нафта. Во тоа време наоѓалиштата на Сибир не беа откриени, така што Баку, Грозни и Мајкоп произведуваа над 70% од советската нафта. Доколку непријателот ги заземеше или ги уништеше, тоа можеше да ја онеспособи Црвената армија и да ја разниша економијата на СССР и неговата способност за понатамошен отпор.

Втора светска војна. Руски фронт. Заземањето на Ростов на Дон под команда на германскиот генерал Фон Клајст (1881-1954). Германски топ на улични борби. 28 јули 1942 година.

Советската команда очекуваше напад на Москва и не реагираше веднаш на германското напредување кон југ. Четвртата тенковска армија на Херман Хот на 28 јуни го проби фронтот помеѓу Курск и Харков и тргна кон Дон. На 3 јули Германците продреа во Воронеж, а на 4 јули падна Севастопољ кој се држеше 250 дена. Потоа на 23 јули повторно го зазедоа Ростов на Дон, првиот голем град што го ослободи Црвената армија, и тоа уште во ноември 1941 година. По повторното губење на град во европскиот дек на СССР остана само една линија на комуникација со Кавказ – преку Сталинград. И тука последната нитка требаше да ја пресече групата армии „Б“ под команда на генерал-полковник Максимилијан фон Вајхс. Нејзе ѝ припаѓаше и Шестата армија на Паулус која набргу потоа ќе стане позната во целиот свет.

8. Германскиот „блицкриг“ овој пат беше успешно изведен, и тоа на југот од Советскиот Сојуз, чие раководство беше во шок. Народниот комесар за одбрана на СССР Јосиф Сталин на 28 јули 1942 година ја потпиша наредбата број 227 „За мерките за јакнење на дисциплината и на редот во Црвената армија и забрана за самоволно повлекување од борбените положби“, која е добро позната под називот „Ни чекор назад!“. Според оваа наредба, во советските единици беа формирани казнени баталјони и беше пропишано во нив да се преместат војниците „кои ја кршат дисциплината поради кукавичлук или непостојаност, и да се испратат на потешките делови од фронтот за да им се даде можност со крв да се реваншираат за своите злосторства против татковината“.

Голема татковинска војна 1941-1945. Севернокавкаски фронт. Советски војници во борба. Јули 1942 година.

Секоја армија имаше задача да формира 3-5 баражни одреди (најмногу 200 луѓе во секој), со тоа што тие ќе бидат поставени „непосредно зад непостојните дивизии со обврска во случај на паника и на неорганизирано повлекување на делови од тие дивизии на лице место да се стрелаат паничарите и кукавиците, па така да им се помогне на чесните борци во дивизиите за да го исполнат својот долг кон татковината“.

9. Единиците на групата армии „А“А на генерал-фелдмаршал Вилхелм Лист имаа иницијатива и бројна надмоќ и мошне бргу се пробиваа на југ. Ги запоседнаа богатите земјоделски подрачја на Дон, на Кубањ и на Таманскиот полуостров, и избија на падините на Главниот кавкаски гребен. Германските знамиња на 21 август беа забодени на двата врва на Елбрус. Меѓутоа, во септември германската офанзива започна забележително да каска.

Руски фронт. Германска пешадија на врвовите на Кавказ, септември 1942 година.

„Во упорните одбранбени борби советските единици на непријателот му нанесоа големи загуби, запирајќи го на целиот кавкаски фронт“, напиша подоцна командантот на 47 армија (идниот министер за одбрана на СССР) генерал-мајор Андреј Гречко: „Херојската одбрана на нашите единици го разниша планот на Хитлер за пробив на Јужен Кавказ и ѝ овозможи на советската врховна команда да добие на време, да собере резерва и со нивна помош да го зајакне Закавскаскиот фронт. Исцрпените германско-фашистички единици повеќе не можеа да напредуваат на широк фронт. Не можеше да стане збор и за тоа резерви од единиците кај Сталинград да се префрлат во групата армии „А“. Шестата и Четвртата тенковска армија 'заглавија' на брегот на Волга, ним самите им беше потребно зајакнување...“

10. Сè до есента раководството на Третиот рајх сметаше дека кавкаскиот правец има приоритет, а потоа целото внимание беше насочено кон Сталинград, каде сè повеќе беа потребни луѓе. Германците брзаа што поскоро да го заземат градот, да ја потиснат Црвената армија преку Волга и да ги ослободат своите единици за продолжување на „походот по нафта“ и напад на Москва од југ.

Одбрана на „Домот на Павлов“.

Целата Шеста армија на генералот Фридрих Паулус со 300.000 војници постепено беше вовлечена во жестоки и крвави улични борби. Во ноември советските единици беа потиснати крај Волга и тие заземаа само мали упоришта на брегот, на подрачјето на неколку фабрики. „Бевме гладни и полни со вошки, но во определен момент нè обзеде стрв и јас повеќе воопшто не се жалев ниту себеси, ниту Германците...“, пишуваше подоцна војникот Миља Розенберг: „Со крајна бруталност се боревме за секое парче ѕид, а навечер и ние и Германците, ползејќи излегувавме од скривниците и се обидувавме да продреме низ фабричките комуникации и тунели. Ние тоа го правевме за да дојдеме до храна и муниција, а Германците за да не потиснат во Волга“.

11. Германците веќе сметаа дека се на прагот на победата кога на 19 ноември започна советската операција „Уран“. Црвената армија го изненади непријателот со моќни напади на крилата на Шестата армија, која беше составена главно од слаби романски единици. По четири дена беше затворен обрачот околу големата групација на Паулус.

Колона советски тенкови (Операција „Мал Сатурн“, декември 1942 година.

Беше замислено и операцијата „Марс“ којашто започна на 25 ноември на подрачјето на Ржевско-Вјаземските истурени положби да се одвива според истото сценарио како и „Уран“. Меѓутоа, на советските единици не им тргна од рака да ја приклештат Деветтата армија на генерал-полковник Валтер Модел како што тоа го направија со Шестата армија. Во единиците на Модел ги немаше слабите романски единици на крилата, така што добро подготвената непријателска одбрана ги одбиваше советските напади. И покрај неуспесите, „Марс“ ги задржа германските дивизии кои во спротивно ќе беа испратени на Сталинград.

12. Хитлер му нареди на Паулус да се држи на своите позиции. Тој сметаше дека германската авијација успешно ќе ги снабдува опколените единици по пат на „воздушен мост“, како што беше кај Демјанск на почетокот на истата година. Покрај тоа, единиците на групата армии „Дон“ на генерал-фелдмаршал Ерих фон Манштајн на 12 декември тргнаа во пробив на обрачот, во рамките на операцијата „Зимска бура“. Тие напаѓаа онаму каде што советската команда воопшто не очекуваше и овој фактор на изненадување на Германците им овозможи успех.

Заробувањето на генерал-фелдмаршал Фридрих Паулус.

„Единиците копнееја по охрабрувачки вести“, напиша подоцна офицерот на разузнавачкото одделение на Шестата армија Јоахим Видер: „Истурената позиција се држеше со последните сили, надевајќи се дека сега, наспроти Божиќ., Хитлер ќе ги исполни своите ветувања и дека ќе испрати зајакнување. На фронтот сите сè уште повторуваа 'Манштајн доаѓа!'“ Овие надежи не се остварија зашто со упорниот отпор на советските единици и со пристигнатото зајакнување во вид на свежата Втора гардиска армија на генерал-лајтнант Родион Малиновски непријателот беше запрен на 48 километри од градот. Паулус немаше храброст да се пробие до единиците на Манштајн.

Во исто време северозападно од Сталинград на подрачјето на остриот превој на Дон во рамките на операцијата „Мал Сатурн“ советските единици победија 10 италијански и романски дивизии и откако го пробија непријателскиот фронт навлегоа 340 километри длабоко во непријателската заднина. Кога опасноста се надви веќе и над заднината на групата армии „Дон“ Манштајн почна да се повлекува.

13. Кога една од најдобрите армии на Вермахтот доживеа фијаско Адолф Хитлер беше принуден да нареди повлекување на своите единици од Кавказ и да се прости од сонот за богатите нафтени наоѓалишта.

Сталинград, 31 јануари 1943 година. „Градот е слободен!“

Командата на Црвената армија планираше новата 1943 година да ја започне со низа сеопфатни офанзивни операции по должината на целиот советско-германски фронт. Советскиот Сојуз полека, но сигурно ја преземаше стратешката иницијатива во војната.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња