Сталинградската битка е една од најстрашните и најкрвавите битки во историјата на човештвото и преломна точка не само во Втората светска војна туку и во светската историја. Извор: ИТАР-ТАСС.
На 2 февруари годинава Русија ја одбележа 70-годишнината од победата на Црвената армија во битката кај Сталинград.
Во Втората светска војна имало и други победи на советското оружје и тие, според стратешките резултати и нивото на боените вештини, биле мошне успешни. Зошто тогаш од сите нив посебно се издвојува победата кај Сталинград? По повод 70-годишнината од Сталинградската битка не би било лошо малку да се размисли на ова прашање.
Во интерес на историската наука и на развојот на меѓународните односи би требало воената историја да се ослободи од духот на конфронтациите и научните истражувања да се подредат на интересите на длабокото, правично и објективно толкување на Втората светска војна, особено на Сталинградската битка. Ова доаѓа од фактот што поединци би сакале да ја фалсификуваат историјата кога станува збор за Втората светска војна и да го „преправат“ текот на војната на хартија.
Значењето на Сталинградската битка и нејзиното влијание врз текот на Втората светска војна
По завршувањето на војната, во западната литература се појавија тврдења дека најзначаен пресврт во Втората светска војна не била Сталинградската битка, туку победата на сојузничката војска кај Ел Аламејн.
Секако, за волја на вистината, треба да се каже дека сојузниците кај Ел Аламејн однесоа голема победа, која во голема мера придонесе за конечното кршење на заедничкиот непријател.
Меѓутоа, во военостратешка смисла треба да се има предвид дека Сталинградската битка е водена на огромна територија од речиси 100 илјади квадратни километри, а операцијата кај Ел Аламејн на релативно мал појас од африканското крајбрежје.
Кај Сталинград во определени фази на битката од обете страни учествувале над 2,1 милиони луѓе, со над 26 илјади топови и минофрлачи, 2,1 илјади тенкови и над 2,5 илјади борбени авиони. Германската команда на Сталинград испратила 1 милион и 11 илјади војници, 11290 топови, 675 тенка и 1216 авиона. Кај Ел Аламејн Ромеловиот афикански корпус имал сѐ на сѐ 80 илјади војници, 540 тенкови, 1200 топови и 350 авиони.
Битката кај Сталинград траела 200 дена (од 17 јули 1942 до 2 февруари 1943), а борбата кај Ел Аламејн 11 дена (од 23 октомври до 4 номеври 1942). Интензитетот и жестокоста на овие две битки воопшто не можат да се споредат. Кај Ел Аламејн нацистичкиот блок изгуби 55 илјади луѓе, 320 тенка и околу илјада топови, додека кај Сталинград загубите на Германија и на нејзините сојузници (Италија, Романија, Унгарија и Хрватска) биле 10-15 пати поголеми, а заробени се околу 144 илјади луѓе. И загубите на советската армија се големи и ненадоместливи: загинале 478.741 војник. Но, сепак, нашите жртви не беа залудни.
800.000
Војници изгуби Германија само во Сталинградската битка, 7 пати повеќе одошто на целиот Африкански фронт за време на целата војна.
74%
од загубите германската војска претрпе во борбата со СССР, трипати повеќе одошто во борбата против сите други 25 земји заедно.
Неспоредливо е и воено-политичкото значење на споменатите настани. Сталинградската битка е водена на главното воено поприште на Европа, каде што се решавал исходот од војната. Операцијата кај Ел Аламејн се одвивала во Северна Африка, односно на споредно борбено поле, така што таа има само посредно влијание на текот на војната. За тоа време сиот свет со внимание ги следел токму настаните во Сталинград, а не во Ел Аламејн.
Големите порази и огромните загуби на Вермахтот кај Сталинград нагло ја влошиле воено-политичката и економската положба на Германија и предизвикале во неа голема криза. Како пример ќе споменеме дека кај Сталинград загубите на Германија во тенкови и во автомобили биле еднакви на нивното шестмесечно производство во германските фабрики, загубите во топови биле еднакви на четиримесечно, а во минофрлачи и во огнено оружје на двомесечно производство. За да се надомести таа голема загуба, германската воена индустрија морала да работи на работ на можностите. Нагло се почувствувал и голем недостиг од луѓе.
Катастрофата на Волга забележливо влијаела и на моралната состојба на Вермахтот. Во Германија се зголемил бројот на дезертери и војници кои им откажувале послушност на командирите, а зачестиле и воените злосторства. По Сталинград, германскиот воен суд на своите војници им изрекувал значително повеќе смртни казни. Војниците на Хитлер повеќе не биле толку истрајни во борбените дејства, почнале да се плашат од напади отстрана и од опсади. Во дел од политичкиот и од воениот врв се родило и опозициско расположение кон Хитлер.
Победата на Црвената армија кај Сталинград го потресе воениот врв на Германија, предизвика потиштеност кај нејзините сојузници, посеа паника и предизвика нерешливи противречности во нивниот табор. Со желба да се спасат од претстојната катастрофа, властите на Италија, Романија, Унгарија и Финска почнале да бараат повод за излегување од војната и ги игнорирале наредбите на Хитлер за упатување трупи на советско-германскиот фронт. Од 1943 на Црвената армија не ѝ се предаваат само определени војници и офицери туку и цели одреди и единици на романската, унгарската и на италијанската војска. Се заоструваат односите меѓу Вермахтот и сојузничките трупи.
Целосното кршење на нацистичката армада кај Сталинград придонесе за отрезнување на владејачките кругови во Јапонија и во Турција, и за нивно повлекување од идејата за влез во војна против СССР.
Успесите на Црвената армија кај Сталинград, и подоцна во зимските операции 1942-1943, влијаеја врз сѐ поголемата меѓународна изолација на Германија. Советските власти во 1942-1943 воспоставија дипломатски односи со Австрија, Канада, Холандија, Куба, Египет, Колумбија и со Етиопија, а повторно се воспоставија претходно прекинатите дипломатски врски со Луксембург, Мексико и со Уругвај.
Сево ова зборува дека токму битката кај Сталинград му го скршила ‘рбетот на Вермахтот и го означила почетокот на целосниот пресврт во Втората светска војна во полза на антихитлеровската коалиција. Подобро речено, Сталинград овозможил да дојде до тој пресврт.
Генерал Махмут Ахметович Гареев е претседател на Воената академија, доктор на воени и историски науки и учесник во Втората светска војна.
Предлогот на некои руски политичари да се отвори прашањето за преименување на градот Волгоград во Сталинград не наиде поддршка ниту во градот, ниту во кабинетот на претседателот. Во почетокот на февруари беше предложено да се спроведе референдум по ова прашање, но, сепак, идејата беше прогласена за историски и економски нецелисходна.
Извори од кабинетот на претседателот велат дека идејата за преименување на градовите треба да биде историски основана.
Според претставник од кабинетот на претседателот „за тоа треба да решат локалните жители, но да се менува името денес е економски нецелисходно. Регионите треба да се занимаваат со реални проблеми, а не со преименување на своите градови“.
Известија
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче