Мексиканската полиција го држи крампот за лед кој Рамон Меркадер го користел на 20. август 1940. Меркадер, исто така познат и како Жак Морнар и Френк Џексон, беше „семеен пријател“ на Троцки. Троцки, пред да умре, рекол дека неговата смрт ја наредил Сталин.
APПланинарскиот крамп за мраз со кој, наводно, агентот на НКВД Рамон Меркадер го уби политичарот и револуционер Лава Троцки, а кој се сметаше за изгубен, е изложен во Меѓународниот музеј на шпионажата во Вашингтон, пренесуваат руските медиуми.
„Каде сѐ не го барав“, рече американскиот историчар и еден од основачите на Музејот кој штотуку се пресели на нова адреса. Кит Мелтон ѝ го подарил експонатот на установата, а во потрага по крампот, како што наведе, ги поминал Мексико, САД, Русија, како и европските земји. „Ми требаа 40 години да го најдам, плус три години да ја утврдам неговата автентичност”, рече Мелтон.
Со години се веруваше дека алатката со која е убиен Троцки е изгубена, пред да биде откриена 2005 година во куќата на Ана Алисија Салас. Таа рече дека крампот што со децении го чувал под креветот пред да реши да го понуди за продажба, останал од дедо ѝ. Алфред Салас бил соработник на тајната полиција.
Како што напомена таа, на 21 август 1940 година, еден ден по убиството на Троцки кој во Мексико живееше во емиграција, крампот е покажан на конференција за новинарите на локалната полиција. Фотографиите од конференциjата се зачувани и сега се наоѓаат кај Мелтон.
Долги години крампот се наоѓал во полицијата во одделението во кое се чуваат доказите. Меѓутоа, бидејќи Алфред Салас одлучил заедно со колегите да отвори музеј на криминалистиката, го зел од полицијата предметот со кој е убиен Троцки. По неколку обиди за кражба, Салас го заменил со копија, а оригиналот го чувал дома. На крај, сепак, и копијата била украдена, а крампот потоа никаде повеќе не се споменувал.
Внукот на Лав Троцки - Естебан Волков – барала Ана Салас да го подари крампот на Музејот на Троцки во Мексико, но таа го одбила тоа признавајќи дека очекува финансиска добивка. Приватниот колекционер и автор на книги од областа на шпионажата, Мелтон, никогаш не откри колку платил за крампот.
Кит Мелтон неколку години се занимавал со утврдување на автентичноста на крампот, а кога утврдил дека се работи за оригиналот, го купил. Како главен доказ послужиле трагите од ’рѓа на крампот кои во целост се поклопувале со крвавите отпечатоци од прсти на истите места, снимени на фотографијата од 1940 година. Освен тоа, останал и отпечаток од прстот на Рамон Меркадер.
„Направивме фотографија на крампот од истиот агол од кој е снимен на конференцијата за печат 1940 година и со помош на компјутер утврдивме дека трагите од ’рѓа се совпаѓаат со дамките од крв кои првично се наоѓале тука“, рече историчарот.
На крампот се наоѓа и жигот на австрискиот производител кој никаде јавно не е споменат, но информациите за тоа се чуваат во полициската документација.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче