Лев Бронштеjн е роден во Јановка на југот од Украина (во тоа време територија на Руската империја) во 1879 година. Неговите родители биле еврејски земјопоседници, кои мирно живееле на село, но Лев рано проникнал во револуционерните идеи. Веќе на 17 години тој пристапил на тајната организација, а по две години се нашол зад решетки.
Во 1902 година Бронштејн бега во Европа од сибирскиот прогон, и во пасошот го напишал лажното презиме „Троцки“. Тој не можел да седи на едно место: учествувал во работата на марксистичкото движење, илегално се враќал во Русија, учествувал во револуцијата од 1905 година, повторно лежел во затвор, повторно избегал во Европа, работел на Балканот. Во годините на Првата светска војна заминал во САД.
Троцки се запознал со Владимир Ленин уште во времето на првата емиграција, при што тој извршил големо влијание врз него. Периодично нивните погледи се разидувале, па така за време на расколот на социалистичката партија на радикални болшевици и умерени меншевици, Троцки ги поддржал последниве.
Поради ваквата постапка Ленин го нарекол Троцки „Јуса“, што потсетува на сталинската пропаганда. Но, со текот на времето Троцки ја променил својата позиција и во револуцијата од 1917 година зел учество како болшевик. Како талентиран оратор, тој успешно вршел агитација врз војниците за тие да преминат на страната на револуцијата, заедно со Ленин го организирал заземањето на Петроград и влегол во составот на новата влада.
Кога во 1918 година започнала граѓанската војна помеѓу болшевиците и нивните противници (црвените и белите), Троцки застанал на чело на Црвената армија, и практично ја формирал од нула. Тој лично одел по фронтовите на огромната Русија која била зафатена од војна на специјален воз кој бил направен за него. Според пресметките на полководецот, за време на војната тој поминал не помалку од 105 илјади километри.
Троцки најмногу се истакнувал со агитацијата – како одличен оратор, тој прекрасно ги инспирирал војниците во борбата. Истражувачот Исак Дојчер ја нарекол биографијата на Троцки „Вооружениот пророк“, споредувајќи го со библиските проповедници. Болшевиците ја добиле Граѓанската војна, како што забележуваат авторите на Харперската енциклопедија на воената историја, благодарение на „административниот и стратегиски талент на Троцки“.
„Троцки беше интелигентен човек во вистинска смисла на зборот“, пишува уметникот Јуриј Анеников. Тој се сеќава дека Троцки, за разлика од многу други лидери-болшевици, бил образован, воспитан и со задоволство зборувал за уметноста.
Лев Троцки (1879 - 1940, вториот од лева страна) и неговата жена Наталија Седова (1882 - 1962) со мексикансиот партнер Диего Ривера (1886 - 1957) / Getty Images
Интелигенцијата не го правела Троцки помек човек. Како и останатите болшевици, тој ја поддржувал концепцијата на „црвениот терор“ – уништување на сите непријатели на револуцијата. „Беспоштедноста е највисока револуциска хуманост“, велел Троцки. Еднаш тој самиот наредил да се застрела секој 10 во полкот кој бегал за време на борба.
Во годините на револуцијата и на граѓанската војна Троцки бил втор човек во партијата на болшевиците по Ленин. Но, откако Ленин се разболел и умрел во 1924 година, позицијата на творецот на Црвената армија почнала да се ниша. Современикот на Троцки – Семјон Либерман во книгата „Градењето на Лениновата Русија“ забележува дека слабоста на Троцки, прекрасниот теоретичар и оратор, се огледала во неговата неспособност за соживот. „Иако неговите најбилски соработници го обожавале, тој бил осамен (во партијата)“, пишува Либерман.
Јосиф Сталин, кој во годините по револуцјата заземал скромни позиции во партијата, ја презел иницијативата. Троцки со презир го нарекувал Сталин „најистакната просечност на нашата партија“, но „просечноста“ успеала на своја страна да привлече поголем дел од болшевиците, благодарение на што во внатрепартиските спорови победата била на негова страна.
Во текот на дваесеттите години од минатиот век Троцки ги изгубил своите позиции, тој бил обвинет за „наклонетост кон ситната буржоазија“, а неговите поддржувачи биле тргани настрана од власта. Во 1929 година тој бил прогонет надвор од СССР. Сталинската пропаганда неговиот лик го претставила како олицетворение на злото, фактички ѓавол на советската митологија.
Револуционерот заминал во Мексико, зашто земјите од Европа не му дале азил. За сето време додека бил во емиграција Лев Троцки жестоко го критикувал Сталин и СССР за предавтсво на идеите на марксизмот. Според него „Оловниот задник на бирократијата натежнал над главата на револуцијата“.
Во 1939 година Сталин наредил негова ликвидација и по една година 60-годишниот Троцки бил убиен од советскиот агент Рамон Меркадер. Троцки бил погребан во Мексико сито. Само еден скромен обелиск со срп и чекан го краси гробот на некогаш моќниот водач на револуцијата.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче