Зошто Троцки го погубил херојот кој во 1918 година ја спасил советската флота?

Getty Images, Tyne & Wear Archives & Museums/Flickr, Public domain
Болшевичкиот терор често не правел разлика помеѓу „наши“ и „нивни“, ами ги убивал и едните и другите. Една од таквите жртви бил и капетанот Алексеј Шчастни кој ѝ го спасил животот на цела Балтичка флота од Германците.

Во раните зори на 11 април 1918 година императорската германска флота се приближувала он Хелсингфорс (денес Хелсинки) со цел да се вмеша во финската граѓанска војна и да ги сотре комунистичките сили. Меѓутоа, тоа не била единствената цел.

Советската Балтичка флота била вкотвена во финската престолнина и како неутрална страна во тој конфликт се подготвувала за враќање дома. Германските власти имале амбициозен план да ги запленат руските воени бродови кои во тој момент биле лесен плен.

Алексеј Михајлович Шчастни

Но, овој план бил спречен со прекрасната руска операција, така што германските офицери стасале да ги видат само силуетите на последните руски бродови на хоризонтот. Пленот им избегал на Германците „пред нос“, а за тоа бил заслужен капетанот на Балтичката флота Алексеј Шчастни. Тој успеал да организира храбра и тешка евакуација на неколку стотини воени бродови низ замрзнатиот Фински залив и нивното префрлување на руската военпоморска база во Кронштат.

Во ледените замоци

На почетокот на 1918 година руската Балтичка флота била бледа сенка на некогашната славна флота. По завршувањето на Првата светска војна и во хаосот на револуцијата во неа владеела лоша дисциплина и немало борбен дух. Покрај тоа, морнарите не им се потчинувале на офицерите и односите помеѓу нив биле мошне затегнати.

Новата независна Финска повеќе не била дел од Русија, така што руските единици, а меѓу нив и Балтичката флота, морале да ја напуштат оваа земја. Морнарите чекале да се истопи мразот во Финскиот залив.

Зимата 1918 година била мошне студена, така што пловидбата низ заливот била практично запрена. Капетанот Шчастни имал на располагање само неколку мразокршачи и можел да си дозволи движење на бродовите само во екстремни околности.

Заседанието на мировната конференција каде е потпишан Брест-Литовскиот мировен договор помеѓу Советска Русија од една страна и Централните сили – Германија, Австро-Унгарија, Бугарија и Турција од другата на 3 март 1918 година. Репродукција.

Екстремните услови настанале кога Русите на 3 март потпишале со Германците мировен договор во Брест-Литовск, па Германците тежнееле да ја искористат слабоста на Русија и да ја запленат целaта Балтичка флота.

Германскиот напад

Германските власти сакале со еден удар да отепаат две муви. Во Финска беснеела граѓанската војна помеѓу „црвените“ и „белите“, а Русија ја прогласила својата неутралност (барем официјално), Германија планирала отворено да се вмеша во конфликтот и да го прошири своето влијание во регионот.

Германците му ја понудиле својата помош на финското „бело“ движење која тоа со задоволство ја прифатилo, така што на 5 март императорската флота се приближила на Оландските острови кои им послужиле на Германците како главна база за време на интервенцијата на Финска.

Германски војници во Хелсинки.

Во текот на следните недели германските единици биле сè поблизу до руската флота: на 3 април го окупирале полуостровот Ханко на југот од Финска, а на 7 април влегле во градот Ловиса, околу 80 километри од Хелсингфорс.

Германците биле убедени дека руската флота ќе се најде во замка и дека нема да стаса да отплови во Кронштат. Неколку стотини вкотвени воени бродови биле лесен, беспомошен и привлечен плен.

Болшевичките лидери му препорачале на Шчастни две варијанти: да ја врати флотата дома или да ја крене во воздух. Втората варијанта била мошне поедноставна, но капетанот решил да ги спаси бродовите.

„Ледена пловидба“

Не било лесно да се организираат и да се мотивираат морнарите со паднат дух, но Шчастни го постигнал невозможното – ги убедил своите офицери да дејствуваат брзо и ефикасно, иако имало малку време.

Мразокршачот „Ермак“

Капетанот сфатил дека е невозможно одеднаш да се евакуираат сите бродови, па решил дa ги евакуира во три фази. Првата фаза била изведена на почетокот на март кога Финскиот залив бил сè уште замрзнат.

Првиот одред бродови го напуштил Хелсингфорс на 12 март. Мразокршачите со големи тешкотии го разбиле мразот и направиле тесен премин за десетина други бродови. Посебна важност имале шест руски оклопни воени бродови, и затоа тие први го напуштиле Финскиот залив.

Еден механичар, за кој не постојат други историски податоци освен дека се викал Г. Трусов и дека служел во подморницата „Тур“, запишал со какви тешкотии мразокршачот „Ермак“ го чистел патот за другите бродови: „Дебелиот слој мраз тешко се кршеше под притисокот на морскиот џин. Бродот повремено запираше, се враќаше и од залет со моќни удари го разбиваше насобраниот мраз“.

Во текот на летото ваква пловидба би траела седум часа, а рано напролет бродовите пловеле речиси една недела. Првиот воен брод впловил во Кронштат на 17 март.

Вториот одред бродови испловил од Хелсингфорс на 4 април, а само три дена подоцна морала да исплови и третата група зашто германските единици и воени бродови веќе опасно му се приближувале на градот.

Ледениот поход на бродовите на Балтичката флота, март-април 1918 година.

Капетанот Шчастни меѓу последните го напуштил Хелсингфорс на 11 април, а Германците веќе следниот ден го зазеле градот. Но, германските офицери можеле само со поглед да ги следат руските бродови кои им избегале во последен момент.

Ескадрила британски подморници на Балтикот учествувала во Големата војна заедно со Русите, а исто така била стационирана во Хелсингфорс. Подморниците не можеле да отпловат во Англија, ниту во болшевичка Русија. Не сакајќи да му се предадат на непријателот, Англичаните ги потопиле своите подморници во заливот и заминале во Лондон како што знаеле и умееле.

„Благодарноста“ на Троцки

Последните воени бродови на Балтичката флота допловиле во Кронштат на 20 април. Шчастни не изгубил ниту еден воен брод – ги вратил 236 бродови меѓу кои имало шест оклопни воени брода, пет крстосувачи, 59 разорувачи и 12 подморници. Останале само неколку помалку важни бродови.

Лев Троцки

Капетанот Шчастни бил славен како „црвен адмирал“ и „спасител на флотата“. Бил херој, но не сите го доживувале така.

Популарноста на капетанот била толку голема што Лев Троцки му завидувал, а тој тогаш командувал со советската армија и со флотата. Освен тоа, Шчастни и Троцки не наоѓале лесно заеднички јазик и се расправале за секое прашање. На крајот Троцки решил да го уништи прочуениот капетан и го прогласил за „мошне важен злосторник“.

Благодарение на интригите на Лев Троцки, капетан Шчастни е обвинет за контрареволуционерна дејност. „Шчастни со херојската постапка ја крена сопствената популарност која подоцна сакаше да ја искористи против советската власт“, пишува во обвинението.

Апсурдноста на ваквото обвинение била очигледна, но власта на Троцки одиграла решавачка улога, така што командантот на Балтичката флота бил стрелан на 22 јуни 1918 година. Неговата улога во „Ледената пловидба“ е целосно избришана од советската историографија.

Пред стрелањето капетанот Шчастни рекол: „Троцки ме осуди на смрт поради две работи: прво, зашто ја спасив флотата во невозможни услови, и второ, зашто знаеше дека сум популарен кај морнарите и се плашеше од тоа“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња