Убиецот на непријателите на Сталин: Најопасниот советски шпион во акција

Getty Images
Павел Судоплатов (1907-1996) беше најважната фигура на советската разузнавачка служба во периодот на Сталин. Тој го планираше убиството на Троцки и упорно се трудеше да го победи Хитлер. По смртта на Сталин е испратен во затвор и заборавен.

Впечатливи се и насловите на биографиите на Судоплатов, напишани од руски автори: „Гениј на теророт“, „Сталиновиот ловец на волци“ и „Сталиновиот терминатор“. Многумина тврдат дека тој, како шеф на Сталиновата администрација за посебни задачи, бил одговорен за суровите репресии и злосторствата извршени од 1930-те до 1950-те.

Неговиот внук, меѓутоа, во едно интервју рече: „Мојот дедо беше таен агент, а не џелат“. И Судоплатов самиот слично зборуваше за себе. Во своите мемоари под наслов „Специјални задачи: Спомени на несаканиот сведок - советски шпион“, тој делумно ја призна својата вина за бруталните операции на Сталин, но рече дека постапувал како патриот. „Бев убеден комунист“, пишува тој.

Во секој случај, не може да се каже дека животот на Судоплатов бил лесен. По смртта на својот водач, поминува 15 години во затвор, а пред тоа бил еден од највлијателните луѓе во СССР.

1. Бомба во бонбониера

Роден Украинец, Судоплатов стапува во Црвената армија кога има 12 години и цел живот е убеден комунист. Почнувајќи од крајот на 1920-те работи во советските тајни служби (ЧК – ОГПУ – НКВД) и брзо напредува.

Евгениј Коновалец

Четири години бил на задача како таен агент уфрлен во редовите на украинските националисти. Сталин во 1938 година му наредува на Судоплатов да го убие водачот на таа група Евгениј Коновалец, кој се поврзал со Хитлер и планира да крене вооружено востание во Украина. „Планот беше да му се врачи на Коновалец подарок со експлозивна направа“, пишува подоцна Судоплатов.

Во Ротердам Судоплатов се состанува со Коновалец кој го познава и го смета за верен националист. Судоплатов му подарува украинска бонбониера, а потоа се поздравува и си оди. По неколку минути бонбониерата експлодира, а Коновалец гине во таа експлозија. Тоа е првото во низата на многуте убиства кои успешно ги врши Судоплатов.

2. Цепин за мраз во главата на Лав Троцки

По враќањето во Москва Судоплатов живее во страв иако е висок функционер на Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД). Големата Сталинова чистка е во полн ек. Судоплатов ги гледа апсењата и погубувањата на своите колеги и шефови. „Ние [офицерите на разузнавачката служба] се плашевме за својот живот очекувајќи дека ќе нѐ уништи нашиот сопствен систем“, се сеќава тој.

Лав Троцки

Наместо тоа, Сталин и новиот началник на НКВД Лаврентиј Берија го поставуваат Судоплатов на местото заменик-директор на одделението за странска разузнавачка служба на НКВД и му наредуваат да го испланира убиството на Троцки. Поранешниот лидер на болшевиците Лав Троцки ја загуби битката за власт што ја водеше против Сталин и побегна во Мексико, каде што живееше критикувајќи го сталинизмот и, како што рече Сталин „испраќајќи му предизвик на СССР како на лидер на меѓународното комунистичко движење“.

Судоплатов беспрекорно го планира убиството соработувајќи со колегите кои работеле како тајни агенти во Шпанија за време на Граѓанската војна 1936-1939. Еден од тие агенти, поручникот Рамон Меркадер, патува за Мексико, се претставува како поддржувач на Троцки и постепено се вовлекува во неговата непосредна околина. Меркадер на 20 август 1940 година го убива Троцки со цепин за мраз.

3. Операција „Манастир“

Во Втората светска војна, Судоплатов со своите луѓе организира операции против Германија. Тој е задолжен за најдобрите тогашни шпиони: групата „Црвен оркестар“, Рихард Зорге, Ким Филби, Рудолф Абел итн. Покрај тоа, Судоплатов исто така организира и партизански и диверзантски акции во непријателската позадина.

Една од неговите најважни акции е операцијата „Манастир“. Еден таен агент се претставува како антисоветски настроен руски благородник (тоа е Александар Демјанов, која навистина има благородничко потекло) и така успева да се инфилтрира во германската разузнавачка служба. Тој четири години ги дезинформира нацистите на многу високо ниво.

Понекогаш тоа има клучна улога во развојот на настаните, како на пример кога во 1942 година „Германците очекуваа советската офанзива да биде концентрирана на Ржев и дека ќе ја запрат таму, но наместо тоа многу непријатно ги изненади контраофанзивата во Сталинград“, пишува Судоплатов. Тоа доведува до голем пораз на нацистите и го променува целиот тек на војната.

4. Операција „Березино”

Во 1944 година, Судоплатов и неговите луѓе ја планираат операцијата „Березино“ (во изворите на англиски јазик оваа операција се нарекува „Шерхорн“). Со помош на лажни извори, советската разузнавачка служба ги убедува Германците кои отстапуваат во Источна Европа дека во Белорусија зад линијата на фронтот останала единица на Вермахтот со околу 2000 војници.

Заробени Германци

Берлин им испраќа оружје на „своите јунаци“, а тоа доспева во рацете на Советите. Вистински офицер, Шерхорн, кој наводно командува со измислената единица, всушност е заробеник врбуван од Москва. Германија до крајот на војната, т.е. до мај 1945 година трошеше ресурси, луѓе и време, помагајќи им на непостоечки „јунаци“.

... и така натаму

Животот на Судоплатов е обвиткан во легенда. Тој самиот ги „потхранува“ тие легенди. На пример, во книгата „Специјални задачи“ тој тврди дека бил шеф на специјална канцеларија одговорна за собирање податоци за американската нуклеарна програма. Меѓутоа, како што пишува научниот дописник Сергеј Лесков во магазинот The Bulletin, „според архивските подароци канцеларијата [со која тој раководи], нема директни контакти со мрежа на агенти, а во мемоарите на Судоплатов не се споменуваат многу луѓе кои учествуваат во операцијата за добивање на податоци од САД“.

Павел Судоплатов

По смртта на Сталин во 1953 година, началникот на Судоплатов Лаврентиј Берија е уапсен и егзекутиран. Судоплатов останува жив, но е обвинет за заговор и планирање на преврат (што веројатно не се вклопува во вистината), како и за работа во тајна лабораторија каде што се тестирани смртоносни отрови врз луѓе.

Судоплатов поминува во затвор 15 години (1953-1968), преживува три мозочни удари и ослепува на едно око. Русија дури во 1992 година го рехабилитира еден од најуспешните советски разузнавачи.

Прочитајте повеќе: Најди и ликвидирај: 3 советски непријатели на мета на КГБ

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња