Trotsky is out of favour. 1928
Mary Evans Picture Library/Global Look Press„Нема да има ниту ронка милост кон шпионите и предавниците на татковината“, вака гласи насловот на статијата објавена во 1937 година во државното списание „Болшевик“. Оваа фраза би можела да биде и мото на советската разузнавачка служба, со тоа што таа како „предавник“ го третирала секој чие дејствување нанесувало штета на Комунистичката партија и на интересите на нејзините семоќни водачи.
Советските шпиони не штеделе сили и волја да ги истребат „државните непријатели“, дури и ако живееле далеку од Русија. Овој метод на борба против политичката конкуренција бил особено популарен во времето на Сталин, но е зачуван и по неговата смрт. Да ги погледнеме „најефектните“ ликвидации кои советските егзекутори ги извршиле во странство.
Рускиот царски офицер Александар Кутепов (1882-1930) го посветил сиот свој живот на служење на монархијата. Кога во 1917 година избила Октомвриската револуција тој не бил во дилема која страна треба да ја поддржи. Полковникот (и иден генерал) Кутепов бил еден од водечките команданти на Белата армија, која ги обединувала антиболшевистичките сили во граѓанската војна (1917-1922). Но, неговите способности не го спасиле „Белото движење“ од пропаст, така што во 1920 година тој пребегал од Русија во Европа.
Александар Кутепов. Извор: Legion Media
Сепак, Кутепов и таму ја продолжил својата „крстоносна војна“ против комунизмот. Тој во 1929 година станал претседател на Рускиот општовоен сојуз (РОВС) и водач на Движењето на белите емигранти кои сакале да ги поразат болшевиците. Како претседател на РОВС Кутепов во Советскиот Сојуз организирал терористички напади како што е кревање во воздух на партискиот куб на Ленинградскиот комунистички универзитет. Воопшто не е чудно што офицерите на Обединетите државни политички управи на Народниот комесаријат за внатрешни работи на СССР (идно КГБ) решиле да возвратат.
Сè уште не е сосема јасно што точно се случило со Кутепов (а сите официјални податоци се сè уште државна тајна), само се знае дека последен пат бил виден жив на 26 јануари 1930 година во Париз. Според мемоарите на поранешниот советски разузнавач Павел Судоплатов, двајца агенти облечени во униформа на француската полиција го запреле Кутепов на улица и го внеле во кола. Штом слушнал дека зборуваат руски, Кутепов почнал да се спротивставува и умрел од срцев удар. Според една друга верзија агентите се обиделе да го киднапираат Кутепов и во тој обид му дале премногу морфиум, по што настапила смрт.
Лев Троцки (1879-1940) бил долгогодишен водач на болшевиците и талентиран војсководец кој ја основал Црвената армија. За време на граѓанската војна често го нарекуваат втор човек на партијата (по Владимир Ленин). Изгледало дека популарноста и влијанието на Лев Троцки не можат да бидат доведени во прашање, но времето покажа дека тоа не е така.
DPA/Global Look Press
По смртта на Ленин во 1924 година, Сталин полека ги потиснувал поддржувачите на Троцки од влијателните позиции и ја презел власта. Троцки во 1927 година е исклучен од Комунистичката партија, а набргу потоа бил протеран од Советскиот Сојуз. Под притисок на Сталин европските земји една по една одбивале да го примат, така што Троцки бил принуден да замине на другиот крај од светот, односно во Мексико.
Сталин наскоро сфатил дека пуштањето на толку омразен непријател бил погрешен потег. Неуморниот Троцки дури и во прогонство продолжувал да објавува книги и статии во кои го осудувал режимот на Сталин за извртување на идеалите на марксизмот и на револуцијата. Тој исто така се обидувал да основа меѓународно антисталинистичко социјалистичко движење. На крајот Сталин решил да се ослободи од својот противник.
Ликвидацијата ја испланирал Павел Судоплатов, заменик на шефот на Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД). Шпанскиот сталинист Рамон Меркадер се преправал дека е приврзаник на Троцки и така се вовлекол во неговото опкружување. Тој често го посетувал Лев Троцки во неговата куќа во Којоакан. Тие двајцата на 20 август 1940 година останале сами во собата и Меркадер ја искористил ситуацијата. Троцки си наклонил преку масата да го види весникот што му го донел Меркадер, а тој го удрил со крамп. Ударот бил смртоносен.
Раната била длабока околу 7 сантиметри, но Троцки сепак живеел речиси цел ден. Телохранителите го фатиле Меркадер и тој на крајот бил осуден на 20 години мексикански затвор, во кој останал до 1960 година. Кога бил ослободен се преселил во Советскиот Сојуз каде властите го наградиле со медал и со звање Херој на Советскиот Сојуз. Умрел од саркома. Погребан е во Москва.
Дури и денес Степан Бандера (1909-1959) е една од најконтроверзните личности на постсоветскиот простор. Многумина Украинци го доживуваат како борец за слобода и водач на антиполското и антисоветското движење во Западна Украина во дваесеттите и во триесеттите години од минатиот век. Од друга страна, многу луѓе во Украина и во Русија, особено оние кои имаат позитивен став кон советското минато, го осудуваат Бандера за соработка со нацистите во Втората светска војна и за масакр врз невини цивили. Едно е неспорно – тој бил заколнат непријател на Советскиот Сојуз.
Извор: CTK/Global Look Press
Бандера на почетокот на педесеттите години од минатиот век бил затвореник во концентрациониот логор Захсенхаузен, а потоа се „скрасил“ во Минхен каде соработувал со западните разузнавачки служби со надеж дека ќе го уништи комунизмот и деќа ќе ја ослободи Украина. Со оглед на тоа дека врз него неколкупати се извршени неуспешни атентати, приврзаниците го замолиле Бандера привремено да го напушти градот. Тој се согласил, но пред да замине врз него бил извршен уште еден атентат, овој пат успешен.
Агентот на КГБ Богдан Сташински на 15 октомври 1959 година го начекал Бандера во заседа на влезот од зградата, криејќи во весникот специјален пиштол со инјекција со калиум цијанид.
„Што правите тука?“, го прашал Бандера Сташински. Тогаш тој пукал преку весникот и го убил. Сташински тогаш навреме го напуштил местото на злосторството и се скрил, но како иронија на судбината по две години со својата сопруга преминал на страната на Западна Германија и побарал азил. Признал дека го убил Бандера и поради тоа одлежал четири години затвор.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче