Сериозно засилување: Русија испрати во Сирија ракетни системи далеку посовршени од С-300 ПМУ-2

Слободан Ѓукиќ
Русија ѝ испорача на Сириската Арапска Република три дивизиони ракетни системи со голем дострел С-300 ПМ-2 кои од класичната верзија се разликуваат по далеку посовршениот повеќенаменски радарски систем, мобилниот команден пункт, како и со поквалитетните нишански радари кои ја зафаќаат целта и ги наведуваат ракетите кон неа. Ангажирање на ирански екипажи од системите С-300ПМУ-2 во овој случај е технички неосновано и исклучено како опција.

Извори од Министерството за одбрана негативно коментираа одделни информации кои се појавија на интернет, а во кои се тврди дека со овие системи доставени во Сирија ќе управуваат ирански екипажи. „Таквите информации немаат реална основа во пракса затоа што Иранците никогаш не работеле на верзијата на системот С-300 ПМ-2“, пренесува рускиот портал „Взгљад“.

Сириската верзија С-300ПМ-2 и извозната верзија С-300ПМУ-2 која му е испорачана на Иран во суштината се два различни системи. Верзијата што ја носи ознаката ПМ-2 е специјално направена за потребите на руската армија, а ПМУ-2 е извозна варијанта на системот која се карактеризира со поедноставна шема, со далеку поедноставни режими на управување во однос на руската верзија. Важно е да се нагласи дека автоматскиот систем на управување  (АСУ) кој е интегрален дел на извозната верзија ПМУ-2 нема можност за содејство со останатите средства за ПВО кои исто така им се испорачани на единиците на сириската армија. Значи, специјалисти кои ефикасно би можеле да го употребат овој систем нема никаде освен во Русија.

Руските воени експерти напоменуваат дека Иранците многу тешко би можеле со системот С-300 ПМ-2 да ги искористат неговите целосни потенцијали, поточно да успеат да го подигнат на ниво на борбена готовност. Така, на пример, системот С-300ПМ2, во споредба со извозната „иранска“ верзија ПМУ-2, е опремен со далеку посовршени боеви компоненти: алгоритамот на борбеното управување во голема мера се разликува од извозната верзија С-300ПМУ-2. Исто така, за ефикасна примена на овој систем е неопходно високо ниво на обученост на неговите оператори кое го надминува нивото на обука неопходно за извозниот пакет С-300 ПМУ-2. „Преминувањето од системот ПМУ-2 на систем ПМ-2 е од техничка страна многу проблематично и самото преобучување бара извесно време за да може да се усвои усовршената апаратура и да се сфатат различните алгоритми на управување кои во голема мера се разлокуваат кога се во прашање овие системи“, истакнува водечкиот руски експерт  во сферата на противвоздушната одбрана (ПВО) генерал Ајтеч Бижев.

Неколку противвоздушни ракетни полкови кои се наоѓаат во руската армија се опремени со ракетни системи кои ја носат ознаката С-300 ПМ-2.

Овие длабоко модернизирани и осовременети ракетни системи од фамилијата „300“ почнаа да им се испорачуваат на руските единици за ПВО во втората деценија на 21 век. Во декември 2015 година првиот ракетен полк опремен со систем С-300 ПМ-2 стапи на оперативно борбено дежурство за одбрана на важните индустриски капацитети кои се наоѓаат во централниот дел на Русија. Малку подоцна овие системи ги замени напредниот ракетен систем С-400 „Триумф“. Најверојатно дел од заменетите ракетни системи е испратен во Сирија.

Министерот за одбрана на Русија генерал на армија Сергеј Шојгу неодамна изјави дека Русија ја презеде на себе обврската целосно да ги оспособи сириските екипажи за употреба на системот С-300. Според него, целата работа нема да биде пократка од три месеца.

Длабоката модернизација на С-300 на стандардот С-300ПМ-2 заврши кон средината на втората деценија на 21 век. Тоа беше неопходно поради усложнувањето на борбените задачи кои се поставуваат пред овој систем како и пред единиците за ПВО во целина. Конструкторите од концернот „Алмаз Антеј“ посебно внимание насочија на осовременување на компонентите на системот како што се главниот набљудувачки радар, потоа нишанските радари, како и значително унапредување на мобилниот команден пункт. Лансирните единици на системот се осовременети во рамките на своите единици. Тие се модернизирани на начин да можат користат посовремени, посилни и подалекуметни ракети од класичните модели на ракетните системи С-300. На овој начин руската армија осовремени неколку свои зенитно-ракетни полкови.

С-300 ПМ-2 може да се употреби не само против борбени авиони од петта генерација или балистички ракети со мал дострел, туку и против тактички балистички ракети со среден дострел. Блоковите на интегрирана електроника ги подигнаа тактичко-техничките карактеристики на овој систем така што тој сега може со голема веројатност да пресретне воздушна цел која се наоѓа на растојание до 250 км. Покрај тоа, целиот систем се одликува со зголемен систем на отпорност на противелектронско дејство на непријателот, поточно неговата ефикасност нема да биде намалена доколку противникот масовно употребува средства за ПЕБ. Новиот команден пункт обезбедува целосна интеграција на С-300 ПМ-2 со различни системи и единици во рамките на ПВО.

За неколкуте години активна експлоатација во единиците за ПВО на руската армија овој систем е оценет со исклучително висока оцена. Имено, за време на бројните испитувања на ракетниот систем С-300 ПМ-2 одржани на воени полигони каде е изведувано боево гаѓање се потврдени одличните оцени на неговите тактичко-технички способности.

Прочитајте повеќе: Русија прави „невидлива купола“ над Сирија

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња