6 култни симболи на советската перестројка кои повеќе не постојат

Птицин/Sputnik
Ерата на советската перестројка со која започнаа револуционерни реформи на комунистичкиот систем пред 30 години, денес се смета како специфичен период на руската историја. Иако траеше помалку од една деценија, перестројката имаше свои симболи кои во целост исчезнаа заедно со неа.

1. Самогон

Една од најконтроверзните акции што власта ја презела за време на перестројката беше кампањата за забрана на алкохолни пијалаци. Започна два месеци откако Горбачов дојде на власт во 1985 година и траеше две години. Алкохолизмот во доцниот СССР беше распространет, но на многумина им се чинеше дека преземените мерки се драстични: наглиот пораст на цените, затворањето на продавниците за алкохолни пијалаци, ограничувањето на времето за продажба на алкохол, повикот да не се пие на прослави, па дури и уништувањето на виновата лоза во некои региони на СССР. Тоа ги лутеше луѓето, особено во комбинацијата со економските тешкотии, како што се недоволните количества храна во продавниците.

Оваа политика го поттикна производството на фалшив алкохол. Како што подоцна призна и самиот Горбачов, кампањата го зголеми производството на самогон. Домашните алкохолни пијалаци се произведуваа со помош на апарат како што е овој на сликата. Истовремено, кампањата забележливо го продолжи животниот век и ја намали стапката на смртност во Советскиот Сојуз.

2. Весници со високи тиражи

Перестројката беше време на слободен печат. Дотогаш строго контролираните информации почнаа слободно да стасуваат до јавноста. Ова доведе до ситуација во која тиражот на определени весници во голема мера порасна. Таков беше случајот со „Аргументи и факти“ чиј тираж влезе во Гинисовата книга на рекорди – 33.5 милиони примероци во 1990 година, број кој до денешен ден е најголем во историјата. Побарувачката за содржина без цензура беше толку голема што весници во СССР читаа 100 милиони луѓе.

Нешто слично во тоа време се случи и со советските литературни весници кои почнаа да објавуваат претходно забранувани дела. До перестројката исто така беа популарни, но никогаш не беа печатени во милионски тираж. Најпознатото литературно списание беше „Нови мир“. Во 1991 година имаше рекорден тираж од 2.7 милиони примероци. Денес продава само 7.200.

3. Советски компјутери

Советската компјутерска индустрија беше меѓу водечките во светот по Втората светска војна, но по седумдесеттите години од минатиот век почна да ги губи своите позиции. Сепак, по појавувањето на првиот масовно произведен домашен компјутер на Запад кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век, СССР започна со развој на свои компјутери. Овој процес беше дополнително поттикнат за време на перестројката зашто многу претпријатија беа присилени да се откажат од производите од одбранбената индустрија и се префрлија на производство на компјутери, додека во училиштето се појави предметот информатика.

4. Видеокасети

Перестројката е време кога видеокасетите и видеорекордерите станаа хит во СССР. Малкумина можеа да си дозволат видеорекордер кој и онака беше тешко да се набави, така што кон крајот на осумдесеттите години се појавија голем број видеосалони. Тоа беа мали јавни простории во кои филмовите обично се прикажуваа на едноставен видеорекордер. Овој тип на забава не беше скап, па стана популарна меѓу младите. Тука можеа да се видат холивудски филмови. На тој начин Рамбо и Роки станаа јунаци на вообичаениот советски тинејџер во тоа време.

5. Избелување фармерки

Перестројката го промени не само она што луѓето го пиеја, го читаа и г гледаа, ами и нивниот изглед. Речиси сите носеа фармерки испрани во варакина. Фармерките не беа толку распространети во СССР како што тоа беше случај на Запад, но побарувачката беше висока. Кога се отворија границите, се појави нов вид трговија со странска стока. Полските фармерки „Мавин“ беа широко распространети.

6. Бонови

Боновите веројатно се паметат како главен предмет на перестројката. Економските реформи на Горбачов беа неуспешни, а производството беше во длабока криза. Така дојде до забрзан дефицит на производи и стоки кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век. Врвот на овој систем беше помеѓу 1988 и 1992 година. Тогаш месото, путерот, шеќерот, детергентот и слично можеа да се купат со бонови. Регионите имаа свои посебни тарифи. Обично во порција за еден месец имаше еден килограм шеќер и еден килограм брашно, 15 кутии цигари и два килограми месо по лице.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња