Русија прави „невидлива купола“ над Сирија

Павел Лисицин/Sputnik
Во Сирија ќе биде воспоставен систем на класична противвоздушна одбрана по која беше познат Советскиот Сојуз. Проверената советска шема тука ќе се користи во спој со најновите системи за радиоелектронска борба.

Ова во интервју за изданието „Армиски стандард“ (Армейский стандарт) го изјави Владимир Михеев, советник на првиот заменик-генерален директор на концернот „Радиоелектронски технологии“ (Радиоэлектронные технологии).

Тој на почетокот на разговорот потсети дека во Сирија одамна дејствуваат руските средства за радиоелектронска борба, а сега тој контингент ќе добие засилување. Заедно со системите С-300 во регионот пристигнаа и нови системи кои, меѓу другото, можат да ја попречуваат радио-комуникацијата на многу високи фреквенции.

„Оние кои потенцијално можат да го повредат воздушниот простор на Сирија оваа околност автоматски ги лишува од можноста за ефикасна употреба на својата современа техника – во воздух, на копно и на море“, објасни експертот.

Тој истовремено даде до знаење дека потенцијалните непријатели на Русија во овој регион ги очекува куп изненадувања во вид на откажување на радарите, системите за врска и управување, навигацијата, лоцирањето и преносот на податоци.

„Нема да бидат попречувани само авионите кои ќе се обидат да влезат во овој простор заради набљудување. Ако биде потребно, ненадејно ќе откаже и оружјето кои тие авиони можат да го носат“, прецизира Михеев. „Паметните бомби и ракетите ќе бидат први на удар на средствата за радиоелектронска борба“.

Во Сирија всушност ќе функционира систем на ПВО сличен на оној кој дејствуваше во СССР, а се смета дека беше најдобар на светот.

Рускиот експерт воедно соопшти дека во Сирија ќе бидат поставени системи за набљудување и опструкција на употребата на противничкото софистицирано убојно вооружување. Тие се единствени по тоа што системот го обележува авионот како цел и му доделува соодветен број додека тој сѐ уште се движи по пистата.

Згора на тоа, „се оценуваат неговите карактеристики, а борбените можности се внесуваат во електронската карта, така што системот за ПВО веќе подготвен го дочекува наведениот авион“. Во случај на опасност, почнува и електронско дејство врз непријателското летало.

Руските воени стручњаци се свесни дека на нивните средства за електронска борба ќе им се спротивстават соодветни противнички средства. Тоа ќе биде вистинска електронска војна, но руската армија е подготвена за такви сценарија.

Михеев смета дека Русија во изминатите неколку децении остварила голем напредок во сферата на современите системи за радиоелектронска борба и дека во тоа прашање ја надминала конкуренцијата од Запад.

„Причината е во тоа што одделни земји малку се опуштија по тоа прашање. Да речеме, што ќе ѝ се на Америка некакви радиоелектронски иновации ако таа војува само против послаб и технички полошо опремен непријател? Од друга страна, ние го вложивме максимумот во тие проекти, работевме за иднината, со максимални барања. И сега, кога изгреа денот на „битката“, ние неочекувано се појавивме со нашите нови проекти, и тоа мошне сериозни. Сите наши системи, било воздухопловни, бродски или копнени, се потполно дигитализирани“.

Нема да биде претерано ако се каже дека е во прашање радиоелектронско оружје на иднината. На пример, постојат системи кои можат да дејствуваат врз базата на податоци на непријателски објект.

„Вака изгледа тоа „на терен“: ние во таа база уфрлуваме некоректна ориентација, подметнуваме погрешна група сателити според која објектот се движи кон целта“, раскажува експертот. „Таквата лажна информација ја збунува ракетата, таа „полудува“ и најверојатно го активира самоуништувањето. А можно е и на соодветен начин да се апдејтира непријателскиот објект и така целосно да се избегне непријателски напад“.

Прочитајте повеќе: Да се заслепи и поништи: Топ 5 руски системи за радиоелектронска борба

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња