Моментално постојат четири исклучително луксузни транссибирски воза во сопственост на приватни компании. Извор: lernidee.de, Vostock Photo, Getty Images, Legion Media, The Imperial Russia Press Photo.
Тргнете на пат со раскошен воз долж Евроазија – од Москва до Владивосток – и уживајте во удобноста и во луксузот. Ќе можете да го почувствувате вкусот на скарата на брегот на Бајкалското езеро, да се запознаете со номадскиот начин на живот во Монголија и посетете ја величествената дрвена архитектура во селото Таљци. Додека патувате, ќе ја набљудувате прекрасната дивина на Сибир, а поимот „удобност на тркала“ тука ќе добие сосема ново значење. Накратко ќе ве информираме за тоа што сè ве чека на овој пат – од цената на билетите до можноста за екскурзија по Зимскиот дворец. Ќе дознаете што опфаќаат турите и што можете да очекувате ако изберете некоја од нив.
Во што е разликата?
Нуркачкиот рај на рускиот Далечен Исток Крајната југоисточна точка на Русија, на пацифичкиот брег на Приморскиот крај, претставува вистински рај за љубителите на екотуризмот и на екстремното нуркање. |
Патувањето по Транссибирската магистрала по Евроазија спаѓа во редот на најголемите туристички авантури и нешто кое секој пасиониран патник мора да го доживее барем еднаш во животот. Патувањето по оваа пруга претставува незаборавно искуство – патниците можат да видат глетки од кои застанува здивот и да го запознаат начинот на живот на локалните жители. Но, доколку решите да патувате со луксузните транссибирски возови, спомените од патувањето ќе бидат поубави. Ќе имате чувство дека низ Русија, Монголија и низ Кина патувате во елитен „хотел на тркала“ „Риц-Карлтон“. Ви се нуди прекрасна храна, возбудливи предавања во текот на патувањето, купе со бања и можност да се спријателите со патници од целиот свет. Моментално постојат четири исклучително луксузни транссибирски воза во сопственост на приватни компании: „Златен орел“, „Царско село“, „Grand Trans Siberian Express“, како и најновиот „Императорска Русија“.
„Императорска Русија“
Ќе започнеме со „Императорска Русија“. Поради својата едноставност, ова е еден од најбараните возови за овој вид патувања. Прво, ова е најнов воз, кој започна да работи оваа година. Освен тоа, ќе ве однесе надвор од вообичаените туристички рути, до преубавите градови како што се Омск, Тобољск и Новосибирск. Ова се помалку популарни, но исто толку привлечни дестинации на најдолгата железничка пруга на светот.
Во смисла на удобноста, „Императорска Русија“ може да се спореди со хотелите од типот на „Хилтон“ или „Мариот“, кои не се најлуксузни, но се одликуваат со највисок комфор. Купињата се пространи и убаво уредени. Патувањето со висока класа подразбира купиња опремени со туш-кабини, а во двата луксузни вагон-ресторани се служат извонредни јадења од руската кујна. Возот е сосема нов. Хотелите во кои се отседнува за време на патувањата се едни од најдобрите. Има неколку работи што одат во прилог на „Императорска Русија“. Возот е воведен во употреба оваа година и се смета за еден од најлуксузните на сибирските пруги. Неговите тури се разликуваат од останатите, а посебна погодност е тоа што цената на билетите ќе биде намалена во текот на првата година од работата.
„Златен орел“
Возот „Златен орел“ претставува врв на луксузот. За разлика од модерните возови, како што е „Императорска Русија“, изгледот на „Златен орел“ потсетува на некои минати времиња. Самата негова појава зрачи со величественост и може да се каже дека заслужува почесно место меѓу возовите. Станува збор за една од најдобрите железнички композиции од луксузна класа на светот. Од сите вагони што се користат на Транссибирската железница, они што му припаѓаат на „Златен орел“ имаат најпространи купиња, а изборот на погодностите за патниците е импресивен. Да споменеме само дека за време на патот се служи шампањско, во бањите има средства за хигиена на производителот L’Occitane, а вработените им стојат на располагање на патниците 24 часа седум дена во неделата. Интересен детаљ е што композицијата ја влече локомотива П36 – еден од најстарите парни мотори што се во употреба. За „Златен орел“ може слободно да се каже дека е хотел „Четири годишни времиња“ на пруга. Сè на сè, доколку сакате врвен луксуз, вашите очекувања сигурно ќе бидат исполнети. Секако, сево ова си има своја цена – билет за двонеделно патување по Транссибирската пруга чини и повеќе од 20.000 американски долари. Само за споредба, за слична програма, основната цена на билетот за „Императорска Русија“ изнесува 5.000 американски долари.
Освен наведените, треба да се споменат уште два воза: „Царско злато“ и „Grand Trans Siberian Express“. Обата се многу популарни кај туристите, за што постојат добри причини. И едниот и другиот нудат квалитетна услуга, пространи купиња, приватност и мошне високо ниво на луксуз, но секој од нив има свои специфичности.
„Царско злато“
„Царско злато“ е најстариот приватен воз кој сообраќа на пругите во Русија. Ова не значи дека е помалку удобен, зашто се реновира речиси секоја година. Располага со просторни купиња, а со оглед на тоа што е во сопственост на германска компанија, услугата се одликува со прецизност и со квалитет кои се карактеристични за оваа земја. Она што е „Кемпински“ меѓу хотелите, тоа е „Царско злато“ во категоријата на железничките гарнитури. Освен просторните кабини, патниците можат да очекуваат и одличен комфор. Една од особеностите на возот е „носталгичниот вагон“. Неговите купиња се опремени во стил на некогашните советски возови со кои патувале високите функционери на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз. Патувањето во овој вагон е посебно доживување, доколку не ви пречат заедничките туш-кабини.
Grand Trans Siberian Express
На Транссибирската пруга патници превезува и Grand Trans Siberian Express, уште една луксузна железничка гарнитура чии сопственици се од Германија. Во смисла на удобноста може да се спореди со „Императорска Русија“. Нуди широк избор купиња и поповолни цени од „Царско злато“. Она што го издвојува овој воз од другите е вистинскиот клавир во салонскиот вагон.
На целиот свет речиси не постои туристичка понуда која може да се спореди со луксузната железничка тура по Сибир. Патувањето потсетува на крстарење по „хотелите со 5 ѕвезди на вода“, зашто и овие возови се „хотели со пет ѕвездички на шини“. Додека во удобноста и приватноста лизгате со возот низ Сибир, се чувствувате како да влегувате во некој сосема нов свет. Се надеваме дека овој краток водич ќе ви помогне да го изберете своето патување од сништата низ Евроазија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче