„Адмирал Кузнецов“ е истовремено и носач на авиони и тежок крстосувач со моќно ракетно оружје. Русија е единствената земја на светот чиј носач на авиони е „вооружен до заб“. Во другите земји бродовите од овој вид се обични пловечки аеродроми.
Тој е воедно и најголемиот брод кој некогаш бил направен во Советскиот Сојуз и во Русија (неговиот депласман изнесува речиси 62 илјади тони).
Меѓу руските воени бродови „Адмирал Кузнецов“ е рекордер по бројот на имиња што ги има носено. Најпрво се викал „Рига“, потоа „Леонид Брежњев“, потоа „Тбилиси“, за на крај да го добие името по легендарниот советски адмирал Николај Герасимович Кузнецов.
„Адмирал Кузнецов“ можел да има парен катапулт, но военото раководство сепак се решило за писта која на крајот е искривена како скокалница, зашто оваа варијанта е многу поевтина. На овој брод се користат авиони од морнаричката авијација со стандардно полетување и слетување.
Уште во советско време на Крим бил изграден специјален копнен центар за обука на воени пилоти кои управуваат со авионите базирани на „Адмирал Кузнецов“, со писта која претставува имитација на палуба на руски носач на авиони. Овој центар долго беше во сопственост на Украина, а од 2014 година повторно ѝ припаѓа на Русија.
„Адмирал Кузнецов“ е мошне добро вооружен брод. За волја на вистината и него мора да го следат други воени бродови, но не во толкав број како неговите американски „колеги“. Во случај на нужда бродот може самиот да се одбрани. Има 12 противбродски системи „Гранит“, шест автоматски топа АК-630, два противподморнички системи „Удав“ со 60 длабоичински бомби, зенитно-ракетен систем „Кинжал“ и ракетно-артилериски систем „Кортик“. Непријателот не може дури ни да му се приближи на носачот на авиони, ниту од воздух, ниту од вода.
Украина можеше да дојде до „Адмирал Кузнецов“ по распадот на Советскиот Сојуз. Иако бродот ѝ припаѓаше на Северната флота, украинските власти прогласија дека овој носач на авиони е нивна сопственост, зашто во 1991 година се наоѓаше на тестирање во Црноморската флота во Феодосија, така што по распадот остана во Украина. Но, првиот заменик на командантот на Северната флота итно отпатува во Украина и успеа да го извлече бродот. Тој нареди носачот на авиони веднаш да го крене сидрото и да исплови во правец на Северодвинск. Бродот со згаснати светла го напушти пристаништето и потоа три недели патуваше до својата база, без авиони и без две третини од посадата која во тој момент беше на одмор.Вицеадмиралот тогаш добро процени дека морнарите можат лесно да се вратат и со воз, а авионите кои останаа на крајбрежниот аеродром „можат и самите да долетаат“.
Доколку „Адмирал Кузнецов“ останеше во Украина ќе го снајдеше незавидна судбина кој ги снајде останатите бродови од проектот 1143. Крстосувачот „Киев“ сега е претворен во музеј и хотел и служи како туристичка атракција во Кина. „Уљјановск“ замина во старо железо, а бродовите „Новоросијск“ и „Минск“ беа продадени на Јужна Кореја за смешни пари. „Минск“ на крајот заврши во Кина каде е исто така претворен во музеј. Украина го продаде на Кина и воениот брод „Варјаг“ како пловечко казино, но кинеското раководство реши од него да си направи сопствен носач на авиони „Liaoning“, и тоа бил прв брод од ваков вид во Воената морнарица на Кина.
Руската воена команда во 2015 година изјави дека прашањето за изградба на втор носач на авиони ќе биде решено дури за пет години. Но, државната програма за вооружување до 2020 година не предвидува изградба на ваков вид бродови, така што „Адмирал Кузнецов“ и во следниот период ќе остане единствен носач на авиони кои ги брани интересите на Русија во светскиот океан.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче