Без оглед на тоа што Русија го зазема високото второ место на светот кога се во прашање земјите кои извезуваат најмногу оружје и што тоа ѝ носи профит од десетици милијарди долари на годишно ниво, сепак постојат технологии кои едноставно не се за продажба и кои немаат цена. Токму овие технологии кои Русите љубоморно ги чуваат исклучиво за свои потреби предизвикуваат огромно љубопитство кај нејзиниот јужен сосед и сојузник НР Кина, пренесува интернет порталот РГ.
Според наводите на кинеските медиуми Русија подолго време беше принудена поради своите големи економски проблеми да продава врвна технологија, која во поинакви околности тешко би се нашла на светскиот пазар на вооружување и воена техника. Меѓутоа, самиот врв на технологијата во одделни области се зачува без оглед на тешката финансиска ситуација по колапсот на СССР кој се случи кон крајот на минатиот век. Со оваа технологија никој освен Русите немаше допир.
На прво место на „недопирливите“ руски воени технологии кои Кинезите силно би сакале да ги имаат во свој посед е изработката на атомски подморници која веројатно е најнапредната во светот. Пред сѐ, Русите смислија начин како да го прикријат движењето на вистински подводните чудовишта вооружени со ракети кои носат армагедонски број на термонуклеарни боеви глави, така што емитуваат исклучително мала врева при своето движење. Според овој параметар Русите ги надминаа своите конкуренти и со нив никој не може да се натпреварува. На пример, руската атомска подморница за стратешка намена 955 „Бореј“, која има навистина импресивен депласман од 24 илјади тони, произведува шум кој не ја надминува границата од 108 децибели.
На второ место се наоѓа технологијата за изработка на интерконтинентални балистички ракети. Овде авторот посебно го истакнува најновиот руски проект на интерконтиненталната балистичка ракета „Сармат“ која по својата сила и дострел, како и способноста да ја пробие противракетната одбрана на секоја земја, нема аналог во светот. Оваа ракета користи технологија на тнр. орбитален напад и самата по себе генерира огромен интерес од страна на јужните соседи. Овој ракетен комплекс сѐ уште не е воведен во вооружувањето и некои од неговите најважни тактичко-технички карактеристики сѐ уште се држат во длабока тајност. Едно е извесно. „Сармат“ претставува единствена ракета во светот, способна да погоди секоја точка на планетата користејќи потполно неочекувани траектории на летот. Благодарение на применетата технологија оваа ракета, тешка цели 200 тони, може да нападне цели прелетувајќи ги Северниот и Јужниот пол. Со своите 30 метри висина таа може да понесе до 10 боеви глави од кои секоја има мегатонска разорна сила.
На трето место на интересот на Кинезите се наоѓа технологијата за изработка на млазни авионски мотори. Кинезите сметаат дека на овој план Русите одат пред своето време во однос на својата конкуренција, додека воената индустрија на Кина далеку каска зад неа, што значително забавува маса нејзини развојни проекти и севкупниот технолошки прогрес.
Кинезите на крајот со голема тага заклучуваат дека овие ТОП-3 руски воени технологии кои се наоѓаат на нивната листа на приоритети и понатаму ќе останат недостапни за кинеските стручњаци, затоа што Русите по ниедна цена не сакаат да ги продадат.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче