Кои митски суштества живеат во Санкт Петербург?

Legion Media
Како што ѝ доликува на една поранешна престолнина на една голема империја, Санкт Петербург изобилува со мноштво симболи материјализирани во митски ликови. Да видиме каква мисија им била доверена на санктпетербуршките ангели, грифони, сфинги и атланти – сите тие сега се препознатливи симболи на градот на Нева.

Ангели

Неговата светост патријархот Кирил ја осветуваше скулптурата „Ангелот-чувар на Санкт Петербург“. Моштите на апостолите Петар и Павле се положени во ангелскиот крст, кој е идентична копија на скулптурата на Александровскиот столб на Дворцовиот плоштад.

Според мислењето на блогерите кои добро го познаваат своето родно место Санкт Петербург има над три илјади скулптури на ангели. Тоа значи дека ги има многу повеќе од познатите петербуршки лавови.

Во градот дури и служи легенда дека три ангели ги штитат неговите жители од неволи. Тоа е златниот ангел на шилецот на Петропавловската тврдина, сребрениот на куполата на црквата Света Екатерина и бронзениот на Александровскиот столб на Дворцовиот плоштад.

Последниот е веројатно најпознат ангел во Санкт Петербург. Фигурата на ангелот, како и самиот столб не се прицврстени за ништо, ами се потпираат на сопствената тежина. Крстот во раката на бронзениот ангел го симболизира мирот што Русија ѝ го подарила на Европа кога во 1812 година ја победила Наполеоновата армија.

Овој ангел стар 188 години во мај 2022 година доби своја копија. Таа е поставена на 87 кат на „Лахта Центар“ висок 462 метри, што е највисока градба во Русија и во Европа. Скулптурата ја освети патријархот московски и на цела Русија Кирил.

Грифони

Според митологијата, овие суштества со тело на лав и глава на орел и крилја биле чувари на ризниците. Не е ни чудо што најпознатите перјести лавови се појавиле на Банковскиот мост кој е отворен во 1826 година и кој водел до Државната асигнациска банка. Сега во таа зграда се наоѓа Санктпетербуршкиот државен економски универзитет кој грифоните ги стави на своето лого.

Суеверните студенти од овој универзитет и туристите веруваат дека златните крилја на грифоните можат да им донесат среќа доколку ги допрат. Засега е евидентно дека ова верување му нансеува штета на познатиот споменик.

Сфинги

Митските животни со лавовско тело и со човечко торзо потекнуваат од древен Египет и ја симболизираат мудроста и највисоката власт. Во Европа станале популарни по инвазијата на Наполеон Бонапарта на Египет и на Сирија (1798-1801) од каде се однесени голем број древни споменици. Во Санкт Петербург оваа мода стасала кон крајот на 18 и почетокот на 19 век.

Најпознатите египетски сфинги го красат Универзитетскиот кеј. Овие скулптури се направени во 14 век пред нашата ера за спомен-храмот на фараонот Аменхотеп Трети, а во руската престолнина се донесени во 1832 година.

Денес во градот има триесеттина сфинги. Покрај нив, во Царское Село (предградие на Санкт Петербург) се наоѓа една египетска пирамида, во градот Пушкин покрај Петербург е Египетската порта, а во центарот на градот стојат статуи на египетски божества.

Атланти

Во старогрчката митологија моќните титани го потпирале небескиот свод, а во Санкт Петербург тие ги красат дворците и зградите кои во 19 век биле градени за издавање станови. Најпознатите петербуршки атланти од 1848 година го придржуваат пронаосот на Новиот Ермитаж. Овие десет мермерни фигури високи пет метри ги правеле 150 мајстори, и тоа траело две години.

Меѓу младите брачни двојки постои верување поврзано со Атлантите, кое гласи: доколку младата жена го протрие палецот на ногата на десниот атлант свртен кон Марсовото поле, таа и нејзиниот сопруг ќе живеат долго и среќно во бракот. Токму овој атлант беше сериозно оштетен од артилериски оган во Втората светска војна, но остана „на нозе“, па дури и се прочу и како моќен заштитник.

И уште многу друго

Во Санкт Петербург постои и своевиден резерват на фантастични билки. Вака може да се окарактеризира комплексот Петергоф со дворецот и паркот на поранешната резиденција на императорот Петар Први. Тој административно му припаѓа на градот, но е оддалечен од него триесеттина километри. Тука има 147 активни фонтани, по што Петергоф е еден од најголемите системи на фонтани во светот. Во овие фонтани можат да се видат скулптури на Нептун, тритони, најади (водни нимфи), сирени и други жители на морските длабочини.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња