Карикатура: Игор Демковски
Кога кај нас нешто се распаѓа, се урива и тоне, причината е секогаш позната: не ни чини земјата, не чини Путин, не чини режимот. А, што да правиме кога нешто се распаѓа таму, на Елисејските полиња, на блажените острови, на ветената земја на чудата, каде царуваат добрината и поредокот, онаму каде луѓето заминуваат за повеќе ништо да не се распаѓа и да не тоне, и каде одвај чекаат да стасаат и повеќе да не ја гледаат оваа пропаст? Кога таму се распаѓа, ако на пример се урива покривот, тогаш Европската Унија воопшто не помага, но од некаква причина се смета дека не е пристојно да се зборува за тоа дека Грците уште пред десет години се бунеа поради тоа што Брисел издаде брошура за историјата на единствена Европа, каде е наведена дека нејзините корени се во империјата на Карло Велики. Јас со сето срце бев на страната на Грците, но имав разбирање и за Брисел.
Исто така се смета дека не е пристојно да се каже нешто за триаголникот Украина-Русија-ЕУ.
Украина е огорчена што власта која ја избра сопствениот народ „не ја пушта“ земјата во Европа. Европа негодува зашто Кремљ „не ја пушта“ Украина во Европа, и со самото тоа признава дека Кремљ е посилен. Ако е така, зошто некој би го напуштил посилниот и би се свртел кон послабиот?
Меѓутоа, точно е дека европското семејство без Украина не е ни малку поткусурена. Тоа не е поткусурена и без многу други, и не би била поткусурена ниту без многу кои се сега во неа.
Европското семејство не е поткусуренo дури и без многу поблиски соседи: Романија, Бугарија, Србија, Македонија, Албанија, исто така и без Латвија и Литванија, па дури и без древните култури и старите капиталистички земји Грција и Кипар. Напротив, европското семејство негодува: од каде овие меѓу нас, што ќе ни се овие? „Романија и Бугарија треба да бидат среќни што навреме скокнаа во возот што заминува“, ми рече во 2007 година во Букурешт амбасадорот на ЕУ (нему тогаш му истекуваше мандатот, па јазикот му беше одврзан). Во едно истражување на „Евробарометар“ може да се види дека поголемиот број граѓани како на старите, така и на новите земји-членки на Европската унија сметаат дека процесот на проширување на ЕУ не е завршен. Обрнете внимание дека ова испитување е направено непосредно по митингот на Мајдан (Плоштадот на независноста) во Киев.
Европската Унија не е заинтересирана за Украина посебно. Таа е заинтересирана за Русија. Европа глуми дека се грижи за Украина, а постојано мисли на Русија.
Ако зад границите на Украина би се наоѓал мореуз, а веднаш зад него би бил Кавказ, или доколку зад Украина би имало океан, тогаш Европа би донела одлука тргнувајќи од своите односи со Украина, и тогаш би се гледало дали е Украина братска или не, дали е европска или не, дали треба да се покани да се приклучи или не. Вака, Европската Унија носи одлуки за Украина, Грузија, Молдавија и за Белорусија тргнувајќи од своите односи со Русија. Всушност не од односите, туку од самиот факт дека Русија постои на територијата каде е пожелно да има океан.
![]() |
Не постои добро сценарио за Украина Одбивањето за потпишување на спогодбата за асоцијација кон Европската Унија доведе до борба за власт во Киев. |
Европа смета дека не треба да дозволи во овој дел од светот ситуацијата да излезе надвор од контрола, зашто тоа е опасно. За ваквиот свој став таа има многу причини во кои сега нема да навлегуваме, но таа истото би го сметала и без каква и да е причина, зашто е навикната на тоа. Ако ситуацијата излезе од контрола, тоа може да доведе до ширење на Русија. Русија започна некако да се шири, а тоа не ѝ одговара на Европската Унија.
Во триаголникот Европа – Русија – соседи на Русија не може да постои момент во кој Русија одеднаш ќе стане поблиска до Европа одошто до Украина или до кој било друг наш заеднички сосед. Независно од тоа каков е режимот, каква е гарнитурата или која идеологија владее во Москва, соседот на Русија секогаш ќе биде повеќе сроден со Европа, одошто со Москва. Секако, тоа има врска и со отворањето на нов пазар и со други слични причини, но главната причина за зближувањето на Европа и Украина не е да се привлече Украина, туку да се отфрли Москва.
Според тоа, не е точно дека Европа ја спасува Украина од руската авторитарност. Европа ќе избере кој било од соседите на Русија, но нема да ја избере Русија. Овој факт воопшто не зависи од личноста која моментално седи во Кремљ, ниту од неговото однесување. Границите на Европа секако нема да бидат во Тихиот океан, ниту на Урал. Нејзините граници ќе бидам некаде кај Днепар, односно малку полево или подесно од Днепар.
Секој сосед на Русија ѝ одговара на Европска Унија со самото тоа што не е Русија. Не постои политички режим во Русија кој би можел тоа да го смени.
Еве и доказ дека Европа зборува за Украина, а мисли на Русија. Европа сака Украина да се оттргне од Русија, но самата да го финансира тоа. Европа многу добро знае колку е тоа скап проект, но сепак сака Украина самата да го финансира тоа, од чист ентузијазам и верба во мечтите.
А, онаа Европа на која Украина мисли – семејство на рамноправни, воспитани и богати – таа е, секако, мечта. Таква Европа не постои. И таму постојат богати и сиромашни, како и помалку и повеќе рамноправни. Неколку потписи на хартија со ѕвезди не можат да ја изменат човековата околина, ниту квалитетот и количеството на население, ниту БДП, ниту соодносот на долговите и резервите. Доколку гледаме ладнокрвно на тоа – Лукашенко е повеќе еднаков во односите со Кремљ, одошто се Грците со Меркел: нека пробаат Грците да затворат претседател на некој германски концерн.
Асоцијацијата кон Европската Унија не направи западноевропска ниту една земја од Источна Европа.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче