Русифицирајте го вашето име: Како би се викале во Русија?

Russia Beyond (Photo: Legion Media; Александр Гальперин/Sputnik)
На руските имиња најмногу влијаело христијанството. Ајде да ги испитаме руските варијанти на популарните машки имиња.

Целиот корпус на современи руски имиња (ономастикон) може да се подели на две големи групи.

Првата се состои од „автентични“ имиња:

- исконски словенски (Владимир, Всеволод, Вадим, Добриња, Свјатослав и секој друг „-слав“), кои се широко распространети кај словенските народи;

- скандинавски, кои го донеле припадниците на староруската династија Рјурикович (Глеб, Олга, Игор, Олег);

- „изуми“ од советскиот период (Владлен, Ким, Марлен, Арлена, Октјабрина, Искра, Елем).

Споменик на рускиот кнез Владимир, крстителот на Русија, на плоштадот Боровицки во близина на московскиот Кремљ, Русија.

Во втората група се интернационални имиња со еврејско, грчко и римско потекло. Јазиците на Истокот, како туранскиот, персискиот или арапскиот, ретко служеле како извор на руски имиња (староперсискиот доаѓа Дарја, а од туранските Аслан, што значи „лав“).

Повеќето од имињата од втората група пристигнале во Русија заедно со христијанската вера. Тие се запишани во светечникот, т.е. црковниот календар за споменување на христијанските светци. Пред револуцијата од 1917 година постоел обичај при крштевање на детето да му се даде име од светечникот. На тој начин интернационалните имиња најчесто „пристигнувале“ во рускиот јазик преку средновековните грчки и римски светци.

По револуцијата тој обичај бил укинат, па во Русија пристигнале неколку имиња директно од современите западноевропски јазици (Алберт и Роберт од германскиот, Ангела и Џон од англискиот, Жорес од францускиот).

Имињата како Александар, Артур, Виктор, Марк, Николај, Петар, Ана, Марија, Елисавета или Наталија во различни земји звучат многу слично, додека другите стари имиња се менуваат согласно локалните јазични традиции.

Како звучат руските еквиваленти на популарните машки имиња?

Британецот или Американецот по име Џон, Ијан или Шон, Шпанецот Хуан, Италијанецот Џовани, Македонецот Јован, Германецот Јохан или Ханс, Полјакот Јан и Унгарецот Јанош - во Русија сите ќе ги викаат со исто име: Иван, или нагалено Вања. Тоа име потекнува од еврејското Јоханан. Толку многу се претопило во руската култура што веќе стана своевиден синоним за маж од руска националност.

Англичанецот или Американецот Јуџин, Шпанецот Еухенио, Италијанецот Еуџенио, Французинот Ежен, Германецот Ојген на руски ќе се викаат Евгениј, скратено Жења. Руската верзија на ова име од грчко потекло е овековечена во светската култура од Александар Пушкин со неговиот роман во стихови „Евгениј Онегин“ (така на македонски се вика главниот лик на романот).

Англичанецот или Американецот Мајкл, Французинот Мишел, Унгарецот Михај, Шпанецот или Португалецот Мигел, Италијанецот Микеле, Германецот Михаел, Финецот Мика и Македонецот Михајло во Русија би се викале Михаил, скратено Миша. Во 2008 година, тоа име беше седмо по популарност во Русија, додека Мајк го зазеде второто место во САД.

Англискиот или Американецот Стефан, Бугаринот Стеван, Унгарецот Иштван, Шпанецот Естебан, Италијанецот Стефано, Французинот Етјен или Стива, Германецот или Македонецот Стефан и Хрватот Стипе на руски ќе бидат Степан или скратено Стјопа. Јунакот на Толстоевата „Ана Каренина“ Степан Облонски сите нагалено го нарекуваат Стива, во англиски манир.

Англичанецот или Американецот Џејмс или Џејкоб, Ирецот Шејмус, Унгарецот Јакоб, Шпанецот Сантјаго, Хаиме или Диего, Италијанецот Џакомо, Французинот Жак или Жакоб и Португалецот Јаго на руски е Јаков, скратено Јаша. Името потекнува од библиското Јаков. Во Русија, англискиот крал Џејмс I традиционално се нарекува Јаков, додека Џејмс Бонд не е предмет на „присилна адаптација“.

Англичанецот или Американецот Џорџ, Унгарецот Ѓерѓ, Италијанецот Џорџо, Шпанецот Хорхе, Германецот Јирген, Полјакот Јежи, Србинот Ѓорѓе, Ѓура или Ѓураѓ, Словенецот Јуриј, Хрватот Јурај и Македонецот Ѓорѓи во Русија би се викале Георгиј, скратено Гоша. Покрај тоа, ова име од грчко потекло на руски ги има и варијантите Јуриј и Егор.

Англичанецот или Американецот Теодор, Бугаринот или Македонецот Тодор, Шпанецот Теодоро и Французинот Тео на руски ќе бидат Фјодор, скратено Федја. Ова име со грчко потекло во царска Русија ја имало и формата Феодор и било едно од најпопуларните, бидејќи во светечникот има многу денови кога се споменуваат светци со тоа име. Руското име Богдан, како и бугарското и македонското Божидар, по значење се блиски на Фјодор, бидејќи во прашање е буквален превод на грчкото име Θεόδωρος, што значи „Божји дар“.

Англичанецот или Американецот Сајмон, Бугаринот или Македонецот Симеон, Шпанецот Химено и Французинот или Германецот Симон на руски ќе бидат Семјон. Кога некој ќе направи некој еклатантен пропуст или нешто глупаво, во Русија обично му велат: „Ех, Семјон Семјонович!“, што е позната реплика од популарниот советски филм „Дијамантска рака“.

„Свети Илја Муромец“. Руска икона, крај на XIX века.

Англичанецот или Американецот Илајџа и Французинот, Шпанецот, Швеѓанецот или Германецот Елијас во Русија ќе се викаат Илја. Најпознатиот Русин со ова име е легендарниот херој на народната епопеја Илја Муромец (т.е. Илја од градот Муром). Некои руски научници сметаат дека како прототип на овој лик послужил преподобниот Илија Печерски, кој живеел во XII век. Овој светец се смета за покровител на руските граничари и припадниците на ракетните единици.

Англичанецот или Американецот Пол, Германецот Паул, Шпанецот Пабло, Италијанецот Паоло и Французинот Пол на руските простори ќе бидат Павел, скратено Паша. Може да се каже дека Полина е „женски пандан“ на ова име од латинско потекло, кое е адаптација на француското име Полин, кое пак е формирано од машкото име Пол.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња