Американците ги одбраа петте најдобри руски борбени авиони

MiG Corporation
Модернизираните советски пресретнувачи и современи ловци на Воздушно-космичките сили (ВКС) на руската армија играат витално важна улога во заштитата на воздушниот простор на оваа држава. Во следниов текст, американските новинари составија ранг-листа на ТОП-5 борбени авиони кои досега се произведени од руската воздухопловна воена индустрија.

Според американскиот интернет-портал Military Watch, на прво место се наоѓа повеќенаменскиот авион-ловец од петтата генерација Су-57. Ова летало во своето вооружување ќе ги има хиперсоничната ракета „Кинжал“ и „паметната“ воздухопловна бомба од новата генерација „Дрељ“. Според зборовите на американските автори, Су-57 е пред сѐ наменет за задачи за остварување воздушна надмоќ над потенцијалниот непријател. Леталото ќе има оперативен плафон на лет до 20000 метри и ќе може да достигне брзина до 2,2 Маха. Трупот на авионот е дизајниран на начин да обезбеди извонредни маневарски способности за време на летот. Авионот исто така е опремен со мотори со управлив вектор на потисок, со што целокупно ќе го надмине својот претходник, авионот Су-35 од генерацијата 4++.

„Новата руска платформа е веројатно најнапредната на светот. Таа ќе му обезбеди на овој авион такви тактичко-технички карактеристики кои се недостапни за, на пример, американските и кинеските ловци од петтата генерација F-22 Raptor и J-20“, се истакнува во текстот што го пренесува интернет-порталот РГ.

Второто место на оваа ранг-листа го зазема ловецот-пресретнувач МиГ-31 (НАТО Foxhound). Неговото најсилно оружје се моќниот радар со фазирана решетка, плафонот на лет кој достигнува височина од 21000 метри, како и најголемата брзина што ја постигнуваат борбените авиони кои се наоѓаат во оперативна функција, а која изнесува 3000 км/час. Современата авионика и ракетите со голем дострел од класата „воздух-воздух“ претставуваат сериозен предизвик за практично сите борбени авиони кои денеска се произведуваат во светот.

На третото место на оваа ранг-листа се најде повеќенаменскиот ловец од генерацијата 4++ Су-35. Овој авион е направен со примена на технологија која му обезбедува невидливост. Ловците се опремени со нови ракети со висок дострел, вклучувајќи ги и ракетите Р-77 и Р-27ЭР1. Авионот е опремен со модерен радар со фазирана антенска решетка „Ирбис“. Су-35 има исклучителни маневарски карактеристики обезбедени од моќната група на мотори со векторизиран потисок.

На четвртото место се најде модернизираниот авион-ловец Су-27СМ2/СМ3. Зајакнатиот труп на авионот му обезбедува да понесе и до три тони убоен товар повеќе во однос на основната верзија на леталото. Во него се вградени и новите и поекономични мотори АЛ-31Ф-М1 кои му обезбедија на авионот поголем оперативен радиус и подобра маневарбилност. Уште една предност на овој авион е релативно поволната цена во однос на авионите како што се Су-35 или МиГ-31.

На петтото место се наоѓа тактичкиот повеќенаменски ловец-бомбардер од генерацијата 4++ МиГ-35, кој по своите квалитети дефинитивно спаѓа во едно од најдобрите летала кои досега ги произвела руската воздухопловна воена индустрија.

Се работи можеби за најмодерниот и технички најсложен авион по ловецот од петтата генерација Су-57. И овој авион доби мотори со управлив вектор на потисок, додека неговиот труп е направен од композитни материјали. Ловецот е опремен со современа авионика и системи за противелектронска борба, а во перспективи ќе има интегриран и многу моќен радар со активна фазирана решетка. МиГ-35 ќе биде лесен ловец кој нема многу да отстапува од авионот Су-57 и кој истовремено ќе биде поевтино решение. Русите планираат да набават стотина вакви авиони за своите воздухопловни сили. Претпоставката е дека МиГ-35 исклучиво ќе биде наменет за извоз.

Прочитајте повеќе: Десет врвни руски воени авиони

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња